Сите сакаме да бидеме среќни. Бутан се смета за иницијатор на меѓународниот ден на среќата, кој е воведен во 2012 година. ОН со прогласувањето на Светскиот ден на среќата, го признаа стремежот кон среќа како една од основните човечки цели, упатувајќи молба до членките националната политика да водат сметка за тоа.
Според психологот и психотерапевт Марија Коневска, што е всушност среќата, е прашање кое е релативно и индивидиално за сите луѓе. Среќата е личен избор. Среќата, според нас психолозите, никогаш не зависи од надворешните влијанија. Таа е длабоко во нас, вели таа.
Според Жарко Костиќ, мотивациски тренер и тренер за личен развој, среќата е како пари, тие не доаѓаат директно, човекот мора да се вложи во нешто, нешто во кое што ќе бидеме добри, нешто кое што ќе сакаме да го искреираме. Парите доаѓаат од нешто што е добро сработено, исто е и со среќата. Среќата доаѓа и од ставот на човекот, вели тој.
Секоја година ОН ја мерат и споредуваат среќата на различни земји во Светскиот извештај за среќа. Целта на ова истражување за социјална, економска и еколошка благосостојба е да ги поттикнат земјите да постават цели за зголемување на среќата, затоа што сметаат дека среќата е основно човеково право.
Северна Македонија се најде на 89-то место од 146 држави на новиот извештај „Среќата во светот 2022“. Бугарија е рангирана на 85-то место, Црна Гора на 75-то, Босна и Херцеговина на 67-мо, Грција на 58-мо, Хрватска на 47-мо место, додека Србија е рангирана на 43-то место.
Најсреќна земја во светот како и изминатите години е Финска, а врвот го дели со Данска, Исланд, Швајцарија и Холандија. На дното на оваа листа пак е Авганистан, а неколку места погоре се Либан, Зимбабве, Руанда, Боцвана и Лесото.
Истражувањата на позитивната психологија покажуваат дека позитивните емоции можат да помогнат во здравјето.
Според психологот Коневска, позитивната психологија е нова гранка од областа на психологијата и произлегува од потребата на луѓето да знаат што е тоа што ги прави среќни, и кои се начините и методите со кои тие ќе се чувствуваат посреќни, позадоволни и поисполнителни. Позитивната психологија се занимава со проучување токму на овие аспекти, односно со улогата на човекот во општеството т.е. кога и на кој начин тој се чувствува среќен. Позитивни вредности и ставови кај луѓето, развивање на позитивни мисли и емоции кај луѓето, осознавање на благосостојба, осознавање на одобрување, односно оние нивоа на среќа кои сакаат луѓето да ги постигнат, себеспознавање, открива Коневска.
Костиќ смета дека позитивната психологија насочува на позитивни работи и позитивни нешта, убави работи кои му се случуваат на човекот, давање акцент на нешто што е добро. Мислам дека во животот е добро да даваме акцент на нешто што е добро, што е убаво, нешто што ни се случило како убав момент, додава тој.
Идентификувани се неколку позитивни емоционални состојби кои можат да придонесат за поголема емоционална еластичност, здравје и исполнетост.
Жарко Костиќ вели дека некогаш самиот наш умствен став ни прави како да неможеме да имаме задоволство и среќа. Како да сме научени дека даваме акцент на нешто што е негативно. На човекот за да има среќа му треба простор, му треба позитивност. На простор не мислам само на физички, па и физички простор да е, ако тој е ограничен во мал простор му доаѓаат негативни мисли. Но ако отидеме некаде, на плажа на планина, го гледаме тој убав видик, доаѓаат позитивни емоции, позитивни мисли, затоа што имаме ширина, додава Костиќ.
Луѓето кои се среќни имаат тенденција да живеат подолго и имаат помалку здравствени проблеми.
Конеска укажува дека самите позитивни емоции докажано е дека придонесуваат за добросостојба на нашето тело. Умот и делото односно душата и телото се поврзани. Самите наши позитивни емоции го лачат хормонот на среќа кој придонесува да се развиваат позитивни протеини во мозокот, кои придонесуваат за подобар крвен притисок, подобро срцево отчукување, подобар крвоток, намален крвен притисок, додава Марија Коневска за Приказна.
Навистина, посреќните луѓе имаат помала веројатност да имаат висок крвен притисок и срцеви проблеми.
За Приказна,
Бранка Чочковска
Ване Марковски
Вики Чадиковска