23.8 C
Skopje
Friday, March 29, 2024
spot_img

Анета Атанасовска: стручното образование е основа на занаетчиството

За жал, имаме листа на занаети кои се во изумирање, и секоја година таа листа се полни со уште некој занает за кој верувавме дека уште некоја година нема да се најде на списокот. Такви се на пример занаетите како што се: ковач, јорганџија, крзнар, леблебиџија. Една од причините за изумирање на занаетите е тоа што нивните наследници, односно членовите на нивните семејства не се одлучуваат да го продолжат тој бизнис, за разлика од другите каде што во голем дел од занаетите имаме пренос на занаетчиски бизниси од татко на син, од мајка на ќерка и слично, како семеен бизнис. Во овие занаети младите не гледаат иднина, за жал, и не ги продолжуваат бизнисите и секако глобализацијата на пазарите, увозот на производи од надвор, коишто секако го уништуваат овој дел на рачно изработен производ, како што се папуџиите, крзнарите, навистина тоа е реалноста во моментот за која државата треба да преземе нешто да се спречи овој дел на изумирање на овие занаети, вели во интервју за Приказна, Анета Атанасовскаизвршен директор на Занаетчиската комора Скопје

Приказна: Зошто е важно занаетчиството?

Анета Атанасовска: Занаетчиството е многу важна приказна која треба да се раскажува и реалност која ни се случува. Важноста на занаетчиството е основа на стопанството, без занаетчиството не би можело да се развива ниедна стопанска гранка.

Во занаетчиството влегуваат занаетчиско производство, занаетчиски услужни дејности, домашно занаетчиско ракотворење, што значи дека е огромен и широк спектар на дејности коишто влегуваат во правилникот за занаетчиски дејности коишто занаетчиите можат да се регистрираат во регистрите што ги водат занаетчиските комори. Едноставно базата на стопанството е занаетчиството. Од тука почнува се’ и навистина сметам дека треба заеднички да го негуваме и развиваме занаетчиството кое е основа и дел од стручното образование.

Приказна: Колку е важно образованието односно насочувањето на идните кадри во занаетчиството?

Анета: Многу важно. Затоа што во визијата и целите на занаетчиската комора Скопје, секако е и стручното образование за кое се стремиме да го развиваме, за да го достигне оној степен кој навистина го заслужува.

Сметаме дека стручното образование е основа на занаетчиството затоа што оттука ни влегуваат младите како извор на млада сила со вештини и компетенции коишто понатаму ќе се вклучат во занаетчискиот сектор, без разлика дали ќе се самовработат или вработат кај наши членови занаетчии, затоа што секако од некаде мора да се почне со искуство, вештини и компетенции кои во некој сектор треба да се градат со години.

Стручното образование е базата. Секоја преквалификација, доквалификација на занаетчиите е плус добивка на одредени вештини и знаења, меѓутоа стручното образование е основата од каде основците, односно деветтоодделенците кога ја избираат струката во која преферираат понатаму да си го изберат животниот пат и професијата, и понатаму се надградуваат. Сметаме дека тоа е основата. Да ги вратиме младите назад.

Занаетчиската комора Скопје организираше имиџ кампања за занаетчиство, во коишто ги вклучивме занаетчиите, одевме во основните училишта, за да ги поттикнеме да размислуваат за избор на една од струките и занимањата во занаетчиството, затоа што сметаме дека тука е иднината.

Документарниот магазин Приказна посветен на занаетчиството

Приказна: Дали дигиталната револуција влијае на занаетчиството, во смисла дали поттикнува иновации или влијае негативно врз занаетчиството?

Анета: Влијае. Има и позитивни и негативни ефекти. Членството кое е во поодминати години многу тешко се приспособува на дигиталната трансформација, и тука наидуваме на проблеми за да ги упатиме во глобалните текови кои навистина треба да ги следат.

Младите навлегуваат во дигитализацијата многу брзо. Имаме голем број на дејности кои се поврзани со дигитализацијата и тоа се занаетчиски дејности и тука гледаме успех, затоа што голем дел од малите лица ги збираат струките во тие училишта, и таму класовите се полни. За разлика од другите струки и занимања за коишто дополнително треба да работиме да ги наполниме училниците ионака како што беа пред многу години.

Приказна: Која од професиите од занаетчиството е најпривлечна за младите?

Анета: Во моментов кога го гледаме од наш аспект, бидејќи кај нас се регистрираат и доаѓаат за совет за отпочнување на бизнис, гледам дека во делот на женското претприемништво, голем дел на млади жени отпочнуваат бизнис во делот на личните услуги и тоа иако завршиле високо образование, се враќаат на образование, се одлучуваат за доквалификација и преквалификација и отвораат сопствен занаетчиски бизнис токму во делот на лични услуги, во делот на фризер, козметичар, маникир, надградба на нокти и сл. Исто така имаме регистрација во делот на автомеханиката. Тука многу млади луѓе се решаваат да отворат автомеханичарски сервиси, занает коишто го научиле во средното образование или работеле некаде во одреден занаетчиски бизнис и се стекнале со вештини и компетенции.

Приказна: Која е причината за изумирање на занаетите?

Анета: За жал, имаме листа на занаети кои се во изумирање, и секоја година таа листа се полни со уште некој занает за кој верувавме дека уште некоја година нема да се најде на списокот. Такви се на пример занаетите како што се: ковач, јорганџија, крзнар, леблебиџија.

Една од причините за изумирање на занаетите е тоа што нивните наследници, односно членовите на нивните семејства не се одлучуваат да го продолжат тој бизнис, за разлика од другите каде што во голем дел од занаетите имаме пренос на занаетчиски бизниси од татко на син, од мајка на ќерка и слично, како семеен бизнис. Во овие занаети младите не гледаат иднина, за жал, и не ги продолжуваат бизнисите и секако глобализацијата на пазарите, увозот на производи од надвор, коишто секако го уништуваат овој дел на рачно изработен производ, како што се папуџиите, крзнарите, навистина тоа е реалноста во моментот за која државата треба да преземе нешто да се спречи овој дел на изумирање на овие занаети.

Приказна: Дали пандемијата влијаеше врз занаетчиството?

Анета: Секако, многу негативно влијаеше. Веќе 2 години се бориме со негативните ефекти во делот на занаетчиството, затоа што ситуацијата со епидемијата од ковид навистина негативно влијаеше, опадна побарувачката на нивните производи и услуги, зголемувањето на цената во моментот на репроматеријалите исто така ја крена цената, а со тоа се случи уште поголемо намалување на нивните производи и услуги. Исто така се соочуваме со проблеми кои тешко се решаваат во делот на финансиска ликвидност на бизнисите, субвенции имаше многу малку во овој период во занаетчиството коишто реално многу малку помогнаа за овие бизниси да останат такви какви што беа. Секако се борат со ликвидноста, ќе успеат да ги одржат бизнисите, иако имаме и затворање на одредени занаетчиски бизниси коишто видоа дека и со секакви напори не можат да го одржат бизнисот ликвиден. Влијание имаше и врз дигитализацијата. Мораа да се префрлат на продажба онлајн, се потрудија особено во областа на домашното и уметничкото ракотворење да се вклучат во онлајн продавници каде што ќе можат нивните производи да се најдат и да ја извршат продажбата.

Приказна: Што може државата и ние како поединци да направиме да ги поттикне младите на занаетчиство?

Анета: За среќа можам да кажам дека години наназад, занаетчиска комора Скопје поднесуваше иницијативи до надлежните во делот на дуален систем на образование, стипендии за ученици во средните стручни училишта. Од минатата година имаме стипендирање на ученици во средните стручни училишта, годинава исто така се повторува.

Се надеваме дека ќе стане пракса и во иднина, да ги поттикнеме младите со стипендирање да изберат занает, да се запишат во средно стручно училиште и со воведување на дуалниот систем на образование да успееме да направиме вистински дуален систем на образование каде теориските часови ќе се одвиваат во училиштата а праксата кај работодавец. Само така ние навистина ќе направиме стручен кадар со вештини и компетенции, кој кога ќе ја земе дипломата в раце ќе излезе од училиште и ќе биде спремен да се вработи кај работодавец веднаш, со познавање во делот на областа за којашто се образувал. Само така ќе успееме да направиме квалитетно стручно образование со воведување на вистински дуален систем.

Како поединци, да купуваме домашни производи од занаетчии, затоа што се уникатни производи коишто занаетчиите ги произведуваат, имаат визија за тој производ, креативност, идеја и квалитет и секако да направиме една добра стратегија за занаетчиството во наредиот период, затоа што ќе направиме многу и за стопанството воопшто.

Приказна: Во контекст на женското претприемништво, кои занаети жените ги избираат?

Анета: Жените ги бираат занаетите во областа на личните услуги, меѓутоа и во делот на дизајн на облека, кроење и шиење, гледаме дека многу млади жени се одлучуваат да отворат сопствен бизнис во овие сектори. Секако, препорачуваме да се обратат за сите информации тука, стоиме на располагање затоа што има многу корист во поглед на изборот на занает како занимање и изборот на занаетчиска форма односно функционирање како занаетчија воопшто во системот на државата. Така да се надеваме дека ќе ги привлечеме жените да се пријават, и да ја намалиме сивата економија, којашто навистина во моментот е во многу голем процент и штетно влијае на легалниот бизнис. Постојано го зборуваме тоа во медиуми и институции, дека така ќе си наштетиме на легалниот бизнис којшто навистина се труди да опстане и во услови на криза да плаќа придонеси, а сепак сивата економија да ја намалиме во голем процент.

За Приказна,

Вики Чадиковска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,098FansLike
2,010FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ