2.8 C
Skopje
Friday, April 19, 2024
spot_img

Александар Сајковски: Родителите треба да обрнат внимание дали детето спие доволно долго

Многу е важно децата да спијат доволно, затоа што во првите години од животот се развива мозокот, а сотоа и когнитивните функции, говорните функции. Децата гоживеат денот во тек на сонот. Ако детето имало среќен ден, тогаш и соништата се пријатни и добри. Во текот на сонот се лачат и многу имунолошки компоненти. Децата што доволно долго и квалитетно спијат имаат подобар имунитет, подобро се развиваат и имаат поголема емпатија, вели за Приказна, Александар Сајковски – специјалист педијатар-неонатолог.

Приказна Зошто е важен сонот кај децата?

Сајковски Сонот е една од круцијалните компоненти во секојдневието и животот на секое дете, но и на возрасните. Сонот е феномен кој многу се истражува, а за него сè уште многу работи не знаеме. Едно е сигурно, дека мозокот на човекот, тука спаѓаат и децата, не спие класично. Тој останува да функционира и во текот на ноќта. И во тоа негово функционирање, интересно е, последните истражувања покажуваат, дека и најмалите бебиња – сонуваат.

Она што е тема на многу дискусии е можноста мозокот да игра со времето. Некогаш сонувате 3-4 секунди, а да ви се чини дека тоа е цела ноќ, но и обратно, да сонувате цела вечер, а да мислите дека тоа било само 3-4 секунди. За ова во медицината немаме објаснување, но она што сигурно го знаеме, кога се децата во прашање, уште од најмала возраст, мозокот кога е во фаза на сон има лачење на многу супстанции, меѓу нив една од најзначајните е хормонот за раст.

Приказна Што може да влијае врз детскиот сон?

Сајковски Има деца кои имаат сон што не е добар, не е стабилен, не е доволен и треба да се бараат причините за тоа. Дали е начинот на успивање, времето на успивање, начинот на воспитување на детето влијае врз неговиот сон.

Особено е важно да се спомене дека меѓу третата и петтата година, најчесто тогаш, но може и порано, се појавуваат елементи на страв кај децата. Тој најчесто ноќен страв треба да значи дека треба нежност и блискост со децата, нема потреба од некакви лекови за смирување на детето.

Еден до два часа по заспивањето, кај децата има највисоки пикови на лачење од хормонот за раст. Се лачат и други медијатори, меѓу нив е серотонинот или хормонот на среќата, па може да видите бебиња од два или четири месеци како спијат и во сонот се смеат. Тоа се должи на сништата што ги имаат децата и серотонинот што се лачи кај нив.

Би сакал да напоменам дека бебињата во доенечката возраст, потоа и во првата и втората година од животот имаат само две желби – едната ехрана, другата е љубов. Кога во текот на денот родителите ќе им ја дадат љубовта, нивните сништа се пријатни и добри. Овој принцип треба да го имаат на ум сите родители. За нас во педијатријата она што е најмаркантно е екстремно брзиот и динамичен развој на мозокот, особено во првата година од животот. Мозокот не само што физички расте, бебињата се раѓаат со мозок кој тежи околу 400 грама, а тој расте повеќе од 100 отсто во првата година од животот.

Суштински е битно што се развиваат асоцијативните врски, процесот на миелизација се случува – се обвиваат нервните клетки и фактички на тој начин се развива мозокот на детето. Мозокот никогаш не престанува да функционира, дури и во најдлабоките сништа, кога бебето е мирно, срцевата акција е спуштена, мозокот перманентно обработува податоци кои биле во текот на денот или претходните денови кај едно дете.

Приказна Како родителите да препознаат, а воедно и да ги смират проблемите при спиењето кај децата?

Сајковски Родителите треба да обрнат внимание дали детето спие доволно долго и дали детето има релативно мирен сон. Една од поголемите грешки што се случува е кога детето малку ќе се размрда во текот на ноќта-родителите му даваат веднаш да јаде, односно да цица или да пие млеко. Не треба да го прават тоа, не треба да го учат детето во текот на ноќта да јаде, освен кога во текот на ноќта ќе се разбуди многу гладно и ќе има интензивен плач.

Потребно е само да се прегрне детето, малку да му се позборува за да ја почувствува топлината и мирисот на својата мајка. Тоа е начинот на кој бебето ќе се смири и ќе продолжи убаво и мирно да сонува.

Докумантарен магазин Приказна посветен на важноста на сонот и спиењето

Приказна Што се случува, доколку децата не спијат доволно?

Сајковски Во првите пет години од животот, начинот на воспитување е клуч за тоа каков ќе биде карактерот на детето. Една од клучните компоненти е и сонот. Ако детето има нарушен сон, пред сè имаме проблем со когнитивните функции и со емпатијата кон околината. Може да очекуваме дека ќе имаме дете кое ќе биде послабо на училиште и во перманентна расправија со околината.

Многу е важно децата да спијат доволно, затоа што во првите години од животот се развива мозокот, а сотоа и когнитивните функции, говорните функции. Децата го живеат денот во тек на сонот. Ако детето имало среќен ден, тогаш и соништата се пријатни и добри. Во текот на сонот се лачат и многу имунолошки компоненти. Децата што доволно долго и квалитетно спијат имаат подобар имунитет, подобро се развиваат и имаат поголема емпатија.

За Приказна,

Ване Марковски

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,277FansLike
2,912FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ