14.8 C
Skopje
Thursday, March 28, 2024
spot_img

Загадувањето е причина за прерана смрт

Квалитетна и здрава животна околина е еден од основните предуслови за квалитетен живот на сите граѓани.

Според проф. д-р Драган Ѓоргев од Институт за јавно здравје, последиците од аерозагадувањето мора да се споменат во два сегмента – врз здравјето на луѓето и врз животната средина. По резултатите од најновите истражувања коишто секојдневно се објавуваат насекаде низ светот, може да се види дека последиците од загадувањето се чувствуваат речиси на секој орган во човечкиот организам, а не само врз белите дробови како што се мислеше порано бидејќи тука е влезот на тие честички.  Откако тие честички ќе ги поминат белите дробови, влегуваат во крвта и се шират низ целиот организам, ги оштетуваат и крвните садови, фокусот на смртоносните ефекти е врз влијанието на срцето и мозокот. Сите можни болести можат да се поврзат со аерозагадувањето, но сепак фокусот е дека доаѓа до оштетување на срцето и мозокот со загадувањето на крвните садови, нешто што порано се сметаше дека е резултат на артериосклероза како последица на лоша исхрана и метаболитички нарушувања, смета проф. д-р Драган Ѓоргев.

проф. д-р Драган Ѓоргев

Загадувањето на воздухот предизвикува предвремена смрт на 7 милиони луѓе секоја година, вклучително и на околу 600 илјади деца.

Според проф. д-р Драган Ѓоргев, децата се особено чувствителни на аерозагадувањето, особено затоа што тие немаат развиен имунитет, но и респираторниот систем не е развиен. Тие имаат поголема глад за воздух и побрзо дишат, така што кај нив главниот фокус се белодробните болести. Често знаат да развијат бронхитис или да имаат астматични напади.

Под ризик од аерозагадувањето се и бремените жени, може да дојде до оштетување на плодот, до предвремено породување, до губење на плодот, а кај предвремено родените бебиња да настапат некои оштетувања на мозокот во вид на морфолошки или органски промени, во зависност во која фаза од развојот биле изложени на аерозагадување.

Јорданка Черепналкова Трајковска од Прва детска амбасада во светот „Меѓаши“

Животната средина е предуслов за квалитетен живот и основа за остварување на сите останати права. Кризата во животната средина или климатската криза значи и криза во детските права затоа што во Конвенцијата за правата на детето нема посебно право на чист воздух или право на здрава животна средина и тоа е нешто што е препознаено неколку години наназад и во моментов Комитетот за правата на децата работи на новиот генерален коментар којшто ќе се однесува токму на ова право вели Јорданка Черепналкова Трајковска од Прва детска амбасада во светот „Меѓаши“

За да ги принудат владите на акција, ОН го прогласуваат чистиот воздух за човеково право.

Горјан Јовановски од граѓанска иницијатива „Зелен хуман град“ смета дека Загадениот воздух е критичен. Критичен е во Скопје, критичен е на Балканот, па дури и низ целиот свет. Девет од десет луѓе во светот се изложени на аерозагадување и нема безбедни лимити – како што ги нарекуваат, дека до одредено ниво е дозволено ПМ честички, нив не смее воопшто да ги има во воздухот. Колку повеќе зборуваме за тоа, толку повеќе се крева и свеста кај луѓето, па почнуваат да бараат од институциите коишто сè уште, за жал, не се функционални на таа тема, да почнат да преземаат сериозни чекори кон решавање на загадувањето на воздухот. Без апликацијата „Мој воздух“ која беше направена со цел да ги информира луѓето и тие да почнат да зборуваат, ние можеби сè уште ќе гледавме и ќе коментиравме, да загадено е, но никому ништо, додека не ги видовме конкретните бројки и видовме колку вистински е голем проблемот.

Горјан Јовановски од граѓанска иницијатива „Зелен хуман град“

Емисијата на загадувачки супстанци во воздухот потекнува од скоро сите економски и социјални човекови активности: сообраќајот, индустријата, согорувачките и енергетските постројки, домаќинствата, градежните активности, депониите, посебно дивите депонии за отпад и земјоделските активности.

Горјан Јовановски од граѓанска иницијатива „Зелен хуман град“ смета  дека казните се прениски. Кога ќе нè „удри“ некој по џеб е подруго, тоа е вистината. Што можеме да правиме сега?! Помладите можеме да ги едуцираме, а постарите можеби треба да се соочат со поголеми санкции и казни, особено за ониешто се дрзнуваат да ја загадуваат животната средина. Не може, да речеме една фирма, која има дозвола да испушта гасови во воздухот, кои не ги мери цело време, можеби и ги мерат, но не ги кажуваат бројките – казната којашто би ја напишале инспекторите да биде неколкупати помала од цената на еден филтер што би се поставил. Според економската логика, секој би помислил дека тоа не е исплатливо, подобро е да се плати казната и да се продолжи, одошто да се вложува во филтер. Но, ниту етички, ниту морално, тоа не е правилно. Прво, казните мора да се екстремно високи, за сите правни субјекти, па дури и за физичките лица коишто се обидуваат да ја загадуваат животната средина. Секој треба да се подразмисли, што ако ме фатат кога го правам ова, половина од тоа што сум го заштедил, ќе ми отиде, додава Јовановски.

Последниот извештај на Европската агенција за животна средина (ЕЕА) покажува дека аерозагадувањето и натаму претставува најголема еколошка опасност по здравјето, а Северна Македонија и другите земји од регионот конзистентно покажуваат лоши резултати во анализите за последиците врз здравјето на граѓаните.

Чистиот воздух, чистата почва, чистата околина, се важни за сите човечки битија и веќе ова право за чиста животна средина е препознаено како човеково право на Советот на Обединетите Нации, кога  едонесена резолуцијата  4813. Веќе е започнат консултативен процес за донесување на нов генерален коментар од страна на Комитетот при ОН каде ќе се разгледа кои се ефектите од загадувањето на животната средина врз правата на детето, да се види кои права се засегнати од Конвенцијата која ги прокламира правата на детето.

Според Черепналкова Трајковска, веќе постојат и иницијативи на глобално ниво за подигнување на свеста, особено во образовниот систем, со тоа што децата прво треба да разберат што значи здравата животна средина, што значи чистиот воздух за нивниот развој за да можат да станат и активни застапувачи на своето право. Затоа е многу важно во образовниот систем, во наставните програми да има содржини кои ќе го подигнуваат знаењето и свеста на младите во овој контекст.

Децата за разлика од возрасните се многу поранливи. Ефектите од загадувањето се многу повидливи врз здравјето и развојот на децата, смета Черепналкова Трајковска.

Албанија и Босна и Херцеговина бележат најлоши резултати во делот на смртни случаи поради животната средина и се наоѓаат на дното на скалата од вкупно 37 рангирани земји. Албанија е на последно место со 172 смртни случаја на 100.000 лица додека Северна Македонија е на 29. место со 120 смртни случаи на 100.000 жители. Во извештајот се пресметани сите еколошки фактори: загаденост на воздухот, на почвата и на водата со хемиски и со биолошки агенси, но и звучното загадување и електромагнетните полиња, влошување на еко-системите, ултравиолетови и јонски радијации, ризици поврзани со работното место, земјоделските методи, како и личниот однос кон животната средина и хигиената, како што е миењето раце и прехранбени производи.

Според проф. д-р Драган Ѓоргев од Институт за јавно здравје аерозагадувањето е тивок убиец. Наша задача беше тоа да го квантифицираме, да видиме колку тоа влијае и атрибутивен процент на смртност на луѓето којшто се должи на аерозагадувањето е прилично висок. Пред неколку години кај нас тој процент беше меѓу 20-25 проценти од вкупната смртност во државата, особено во градските средини. Сега таа стапка е малку намалена, но сепак зазема околу 17-18 отсто од вкупната смртност.

90 отсто од смртните случаи поврзани за животната средина во Европа се незаразни болести како ракот, кардиоваскуларни болести, ментални и невролошки пореметувања или, пак, астма.

Чистиот воздух, чистата почва, чистата околина, се важни за сите човечки битија и веќе ова право за чиста животна средина е препознаено како човеково право на Советот на Обединетите Нации, кога  едонесена резолуцијата  4813. Веќе е започнат консултативен процес за донесување на нов генерален коментар од страна на Комитетот при ОН каде ќе се разгледа кои се ефектите од загадувањето на животната средина врз правата на детето, да се види кои права се засегнати од Конвенцијата која ги прокламира правата на детето, нагласува Јорданка Черепналкова Трајковска.

Аерозагадувањето е најголемата закана по здравјето на Европејците, со 400.000 случаи на предвремена смрт, а на второ место е звучното загадување. Јасно е дека источна Европа е посебно погодена од загадувањето, а Босна и Херцеговина има највисока стапка на смрт поради загадување – 27 отсто, наспроти деветте отсто на Исланд и во Норвешка.

Еден од најугледните професори на универзитетот „Сорбона“ во Франција и врвен онколог, Жозеф Глигоров смета дека загадувањето е штетно за нашето здравје.  Многу е тешко да се дојде до стопроцентна сигурност дали тој тип на загадување или не е поголем ризик на канцер. Но, глобално, загадувањето, неквалитетната храна се голем ризик фактор. Овој проблем е вон медицината, затоа што еден добар дел од нашата планета нема што да јаде. Треба да се најде оптимално решение како да се донесе вода и храна за целата планета, а од друга страна да се најде решение како да се направи тоа во најдобри услови, без да се употребуваат некакви хемикалии.

Најсиромашните слоеви на населението се најпогодени и носат троен товар – сиромаштија, лоша животна околина и слабо здравје.

Документарен магазин Приказна на тема Загадување

За Приказна

Бранка Чочковска

Ване Маркоски

Вики Чадиковска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,097FansLike
2,008FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ