Децата кои се лекуваат на Универзитетската Клиниката за детски болести во Скопје, вчеравечер имаа неверојатна ноќ, откако педесетина волонтери од здружението САНО, родители чии деца се лекуваат или се излекувале од педијатриски канцер, но и пријатели на децата во болница им пееја и им светкаа со телефоните под прозорите на Клиниката.
Малите пациенти заспаа насмеани и расеани, а волонтерите порачаа дека ништо не е тешко кога се во прашање нивните другари во болница.
Жаклина Спасовска, една од омилените медицински сестри од хемато-онколошкото одделение, вели дека нејзините пациенти вчера одвај заспале од возбуда.
-Долго во ноќта пациентите зборуваа за настанот. Коментираа за секоја сијаличка што светела кон нив. Пееја заедно со волонтерите, колку што можеа. За следната сабота посакаа повесела песна за да може и да се танцува и ракоплеска, вели сестра Жаки.
Децата во болница на волонтерите им возвратија со куп насмевки и мавтаа со сијаличките од телефоните.
Аплаузот кој следеше на крајот од настанот беше наменет за децата херои кои во моментов се лекуваат на хемато-онколошкото одделение.
Дека децата попримиле од адреналинот на волонтерите сведочат мајките на малите пациенти.
– Добро, еве разбирам децата да не можат да заспијат, ама и нас мајките долго не држеше расположението. Сакавме на крајот, на волонтерите да им пратиме по едно хартиено авионче со името на децата и ете во тој занес на песна и аплауз заборавивме, а ни беа спремни листовите. Вакви активности ретко се случуваат во болницата поради Ковид 19 рестрикциите, никој не смее да дојде, фала богу што Клиниката се вклучува во вакви настани. Ќерка ми која се лекува од леукемија, заборави дека е во болница, уживаше на терасата. Пред да заспие, направи план што ќе се дотера следната сабота, изјави една од мајките чие дете се лекува на хемато-онколошкото одделение.
Настанот е дел од кампањата „Златен Септември“, месец кога се подига јавната свест за детскиот канцер.
– Секоја сабота од овој месец во 20:00 часот, ќе направиме ѕвездено небо за нашите мали, големи херои и ќе им покажеме дека во нивната борба ние сме нивниот најголем пријател. Заедно, секоја сабота во септември ќе ги храбриме децата од хемато-онколошкото одделение и ќе им дадеме надеж и поддршка да продолжат да бидат силни, борбени и истрајни како што биле до сега, велат волонтерите од САНО, кои исто така се деца кои победиле рак.
Волонтерите ги повикуваат граѓаните на Скопје, да одвојат само 10 минути следната сабота, да понесат мобилен телефон, да ја пуштат сијаличката, да помислат една желба за овие дечиња и да запејат.
Најголема поддршка на волонтерите, се средношколците од гимназијата Орце Николов и меѓународното училиште НОВА.
Во настаните што следат, сите учесници не смеат да заборават дека сè уште не демне вирусот Ковид-19, затоа да се придржуваме на пропишаните мерки.