14.8 C
Skopje
Friday, April 19, 2024
spot_img

Лична приказна: Ја прифатив анксиозноста

„Зошто јас?“ е насловот на автобиографската книга на младиот автор Мартин Јованоски во која отворено зборува за својата борба со анксиозноста, стравовите и со паничните напади. Младиот автор, во интервју за „Приказна“ вели дека преку оваа книга сака да ја пренесе пораката и на тој начин да дојде до секој еден човек кој се мачи со анксиозност, а за да го оствари тоа, вели дека си поставил само еден услов пред да почне да пишува, а тоа е да биде брутално искрен.

Сакав да ја пренесам пораката што подобро и поедноставно и да дојде до секој, луѓето да може да се пронајдат. Условот беше да бидам брутално искрен. Ако одам до крај, си реков одам до крај. Реакциите не се ни сомневав дека ќе бидат позитивни, бидејќи луѓето сакаат и ценат искреност. Она што книгата успеа да го постигне кај луѓето кои ја прочитаа, е фактот дека малку поинаку погледнуваат на себеси, од аспект на самодоверба. Класичен лек за анксиозност нема, меѓутоа мислата и начинот на кој се гледаме себеси, се многу поделотворни од кој било лек или совет што може човек да ни го даде, вели во интервју за „Приказна“, авторот Мартин Јовановски.

Некогаш ова тема беше табу, но денес е многу полесно. Прифаќањето на оваа состојба за Мартин, соочувањето со неа, како и борбата со предрасудите од луѓето, пред многу години, воопшто не биле лесен процес.

Можеби и баш тој дел ми беше тежок за прифаќање. Веднаш луѓето те третираат како различен. Дури после подолго време влегов во тие кругови, каде сретнав еден човек што се справува со тоа, па и втор и трет… Тогаш се појави и депресијата како тема, па паничните напади, кои ги немав на почетокот, тој радикализиран облик на анксиозност кој трае, те треснува од земја, па од утредента повторно се враќаш во нормала и не знаеш дали пак ќе се случи. Со тек на време едноставно ја прифаќаш и знаеш дека е тука, но начините на справување се различни и најчесто ги одбираме оние погрешните.

Затоа и сме тука, затоа зборуваме и охрабруваме. Долго време сум во контакт со луѓе кои се анксиозни, а за многумина од нив, секојдневието е пекол, вели за „Приказна“, Мартин Јовановски.

На сите оние кои ја запознале анксиозноста, ова четиво ќе им биде вистински скапоцено, бидејќи ќе станат свесни дека не се осамени во тоа искуство. Претходно во минатото, луѓето морале сами да се соочат и да поминат низ тој предизвик, денес работите се многу поразлични.

Добиваш класична дијагноза од психијатар. Но, проблемот е што сè уште не знаеш што точно значи анксиозноста, дали е болест, дали треба да ја гледаш како болест, каде поточно да се обратиш. Тоа е борба, сам со себе. На почетокот, малку си збунет. Имав години кога не ја прифаќав, не сакав ниту да чујам за анксиозноста. Бев сигурен дека како што дошла, така и ќе си замине. После долготрајна борба и пропаѓање, се соочив со тоа и пробав да најдам некоја порака. Еве денес веќе сум во друга фаза каде што ја прифаќам анксиозноста, знам што значи, знам што во мојот случај значи, додава Јовановски.

Се’ ќе помине, е пораката на Мартин. Советува дека животот треба да се живее без брзање, без стресови, бидејќи сето тоа подоцна може да биде причинител за оваа состојба.

Навистина живееме во време кое е многу тешко за поднесување. Каде човечкиот дух паѓа, тоне. Многу е тешко да бидеш нормален денес. Бидете многу нежни кон себе, бидејќи на крајот на денот, многу малку работи се вистински важни во животот, смета Јовановски.

За Приказна,

Ване Маркоски

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,279FansLike
2,913FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ