21.8 C
Skopje
Thursday, March 28, 2024
spot_img

Се случува епидемија на егоизам кај децата!

Не можеме да кажеме дека сите традиционални модели на воспитување на децата не се соодветни на ова современо време. Тука првенствено мислам на почитта, одговорноста, себеспознавањето. Тие се некои вредности кои биле добри, а денес се подзаборавени, вели во интервју за „Приказна“, проф. д-р Татјана Стојаноска Иванова.

Приказна: Дали денес традиционалните модели за воспитување на децата, се применуваат помалку?

Стојаноска Иванова: Кога зборуваме за традиционални модели на воспитување, не можеме се’ да ставиме под традиционален модел. Затоа и се поставува прашањето што е традиционален модел? Јас не би одела социолошки со тоа дека некои работи од тој модел не може да се применат денес, бидејќи имаме традиционални вредности кои е добро и денес да се применуваат. Тоа ни го покажаа и самите истражувања, кои ги правиме. Традиционалниот модел ако го земеме моделот, каде таткото е глава на семејството, каде тој одлучува за се’ и се слуша само неговиот збор, велиме дека тој не е добар модел. Ние сепак живееме во едно современо време, каде зборуваме за едно егалитарно семејство, каде на пиедестал треба да бидат потребите на сите членови на семејството, вклучувајќи ги и децата. Од тој аспект, можеби не е добро да се применува тој родителски модел на воспитување, бидејќи денес се залагаме за демократски модел на родителство, затоа што ги опфаќа сите оние вредности кои се круцијални за да може да се подготви едно дете за понатамошен живот во општеството, но од тие традиционални модели на воспитување и облици на социјализација, не можеме да кажеме дека не се сите соодветни на ова современо време. Тука првенствено мислам на почитта, одговорноста, себеспознавањето, тие се некои вредности кои биде добри, а денес се подзаборавени.

Приказна: Што е позитивно родителство?

Стојаноска Иванова: Позитивно родителство првично подразбира комуникација. Подразбира еден добар однос помеѓу родителот и детето. Прво подразбира правилен модел на идентификација, а тоа значи дека родителот треба да биде вистински модел за идентификација, во однос на самата комуникација и постапките. Често пати грешиме дека добар родител е тој што ќе биде пермисивен, односно оној родител кој дозволува се’. Пермисивноста не е секогаш позитивна, правилна и добра. Пермисивноста во одреден степен може да биде позитивна, според мене, на пример ако се водиме од контекстот, детето да одлучува. Да, тоа е позитивно за мене, но, сепак треба да се моделира и да се стави во одредени граници, за да се знае што е добро, а што лошо. Моралните вредности треба да се пренесуваат на начин кој е соодветен на годините на детето.

Приказна: Што е разликата помеѓу казнување и дисциплина?

Стојаноска Иванова: Има голема разлика помеѓу казна и дисциплина. Дисциплината ако се сфати во поширок социолошки контекст, подразбира дисциплина на целокупниот начин на живот, како во исхраната, во хигиената и слично. Тоа значи дека дисциплината не треба да биде само во контекст на неговото однесување, во контекст на тоа дали е мирен или бесен. Значи зборуваме за дисциплина во контекст на целокупниот животен стил.

Казната е нешто друго, казната е во контекст на она што го споменав и претходно, награда и казна во однос на самото однесување. Затоа сум за тоа да постојат одредени казни, бидејќи на некој начин, казната води и до дисциплина, односно го учи детето. Ако детето направи нешто лошо, треба да има соодветна казна на стореното дело, преку објаснување, но и начинот како тоа да го промени. Таа казна потоа придонесува за неговата дисциплина, во текот на неговиот животен хабитус.

Приказна: Кои фактори го детерминираат детскиот развој?

Стојаноска Иванова: Имаме повеќе фактори и апсолутно се разликуваат тие денес, од тие пред триесет години. Круцијално е семејството, каде се учат првите вредности, постапки, морални норми, првите модели на идентификација. Прво нешто што учиме, ние го учиме во рамките на семејството. Тоа и се покажува во однос и на позитивното и на негативното, од аспект на тоа дека децата кои вршат насилство и агресија се деца од дисфункционални семејства во најголем број случаи. Значи семејството е примарен фактор и тоа со ништо не може да се замени.

Не смееме да ја заборавиме и групата на врсници, иако денес американските социолози ќе ви кажат дека можеби масовните медиуми имаат скоро исто влијание како групата врсници. Ние сме растеле поинаку. Сме растеле со група врсници во вистинска смисла на зборот, при што играта на улица, а и комуникацијата, си го прави своето со група на врсници . Затоа и тие се многу значаен фактор. Затоа што на тој начин вие учите едни од други, но и од тие групи на врсници, учите дали детето ќе биде лидер, како да се брани, како да комуницира.

Денес имаме многу деца кои развиваат индивидуализам и егоизам, бидејќи се ставаат во центарот на вниманието и ги нема тие врснички групи. Затоа тие масовни медиуми, да не бидам погрешно сфатена, имаат позитивности, но исто така ги алиенираат. Пред сè, овие нови социјални медиуми. Дете од една година веќе игра на паметен телефон, што за мене не е многу позитивно, но имаат влијание и затоа се јавува одреден вид на агресија.

Покрај семејството, масовните медиуми, врсничките групи, како фактори се и религиозните групи, спортските клубови и секако многу значајно е и образованието.

За Приказна,

Ване Маркоски

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,096FansLike
2,007FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ