Дома Истражување Разорувачки ефекти од пандемијата: ќе научиме ли да живееме со стравот?

Разорувачки ефекти од пандемијата: ќе научиме ли да живееме со стравот?

 

Поради наметната изолација, сиромаштија и вознемиреност, покрај пандемијата на коронавирус се заканува и глобална криза на менталното здравје, предупреди шефот на одделот за ментално здравје на Светската здравствена организација.

„Изолацијата, стравот, несигурноста и економскиот пад предизвикуваат или можат да предизвикаат психолошки проблеми“ – изјави Девора Кестел, директор на одделот за ментално здравје на СЗО уште во мај минатата година, брзо по стартот на пандемијата што од корен го измени светот.

Живееме во век на стрес и на анксиозност кои добиваат епидемиски размери. Како лекари специјалисти не можеме сите состојби кај луѓето да ги прогласиме за психијатриски болести. Не значи дека ако некој живее во состојба на психолошки притисок, треба да го третираме како психијатриски пациент. Важно е секојдневните состојби кои ја нарушуваат психолошката рамнотежа и траат предолго да бидат препознаени од оние кои за тоа се задолжени, велат психолозите.

Надлежните институции ги потврдуваат високите епидемиски бројки на ментални проблеми. Статитиската на Фондот за здравствено осигурување на Македонија од пред неколку години предупредува за алармантното зголемување на потрошувачката на антидепресиви. Само на рецепт потрошувачката се зголемува на над 1 милион и 600 илјади, што претставува двојно зголемување во однос на претходната декада. Според ова секој втор Македонец е зависник од дијазепам, хелекс или лексилиум. Првата линија од третманите, кога зборуваме за лековите, не смеат да бидат лековите за смирување. Тие понекогаш се потребни, меѓутоа контролата на користење треба да биде строга, затоа што иако се ефикасни, организмот на човекот станува зависен од нив.

Загрижувачка е и светската статистика. Според СЗО, секој петти човек развива симптоми на депресија, а 75 отсто од луѓето со тешка депресија не се лекуваат. Повеќе од педесет милиони луѓе се соочуваат со депресивни нарушувања a 128.000 годишно извршуваат самоубиство. Оваа болест е втора водечка причина за смртност во светот кај популацијата од 15 – 29 години веднаш по сообраќајните несреќи.

За жал оваа појава се почесто ги погодува и најмладите, а старосната граница е во константен пад. Најмалиот пациент во Македонија кој имал потреба од редовна психолошка поддршка има само седум години.

Во земјава нема точна евиденција конкретно за оваа патологија а во светот, според статистиката на СЗО од 10 до 20 отсто од децата и адолесцентите искусуваат ментални растројства. Половина од менталните болести започнуваат на почетокот на тинејџерските години. Водечки страв кај децата е стравот од неуспех, на кое било поле и затоа улогата на родителите и воспитувањето се многу важни. Симптомите пак на кои треба да се реагира се следниве: лесна раздразливост, променливост во расположението, пад на толеранција особено во односот со родителите, тешкотии во социјалните релации, повлекување и изолација, губење на секојдневните задоволства, односно намалување на играта и забавата, а чести се и соматските поплаки и тоа најчесто болки во стомакот и главоболки. Многу типични се и негативните вербализации за себе, поплаки дека не се доволно добри и како другите и не се популарни, односно јасно да го манифестираат падот на самодовербата и негативната слика за себе. Аларм дека нешто се случува може да биде наглиот пад на училишниот успех и поведение.

Според последните извештаи на Светската здравствена организација, 29 отсто од петнаесетгодишните девојчиња и 13 отсто од петнаесетгодишните момчиња во европските земји, изјавиле дека „се чувствуваат „down“ повеќе од еднаш неделно.

И кога брзото темпо на новото време, општата несигурност и непредвидливост на блиската иднина ќе се надградат со пандемијата на која сè уште не и се гледа крајот, предвидувањата се алармантни.

Една петина од пациентите кои се излекувале од коронавирусот најверојатно ќе развијат некоја психичка болест, велат од Универзитетот Оксфорд по големото истражување што покажало дека 20 проценти од заразените развиле ментални проблеми во рок од три месеци. Студијата, која е објавена во психијатрискиот журнал „Лансет“, покажала дека секој петти излечен имал ментални проблеми за прв пат во животот, како што се анксиозност, депресија или несоница. Во ова истражување не се опфатени луѓето кои не заболеле од корона, но не е тешко дека стресот од неа ќе го почувствуваат и тие и оти психолошките последици ќе бидат разорни.

За Приказна,

П.Г.

Exit mobile version