Дома Истражување Дебелината е проблем за здравјето

Дебелината е проблем за здравјето

Дебелината кај возрасните и децата во Северна Македонија е стабилно на високо ниво, информираат од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) по повод Светскиот ден на дебелина – 4 март.

-Најновата студија објавена во „The Lancet“ покажува дека, во 2022 година, повеќе од една милијарда луѓе во светот живеат со дебелина. Во светот, од 1990 година, дебелината е зголемена повеќе од двојно кај возрасните, а четирикратно е зголемена кај децата и адолесцентите – од пет до 19 години. Во Северна Македонија, 28,4 отсто од возрасните живеат со дебелина. Кај нас, дебелината кај возрасните е зголемена за 13,6 проценти, а кај децата и адолесцентите за 7,4 отсто, споредено со 1990 година, се наведува во извештајот објавен на веб-страната на ИЈЗ.

Дебелината или обезитет е комплексна болест. Станува збор за состојба на прекумерна количина на масти во човечкото тело. Дебелината го зголемува ризикот од други болести и здравствени проблеми.

Апсолутно дека дебелината е здравствен проблем и здравствен ризик би рекол. По своите карактеристики сè уште не можеме да ја карактеризираме како болест, меѓутоа е сериозен ризик-фактор за појава на други болести, истакнува за Приказна, проф. д-р. Игор Спироски проф. началник на одделение за физиологија и мониторинг на исхрана во ИЈЗ.

Естетскиот аспект, за нас здравствените работници е многу малку важен. Она што нам ни е важно е какви ризици ни носи по здравјето, тоа што е нутритивниот статус на одредена личност со зголемена телесна тежина или пак со дебелина.

Ризиците се разни, она што најмногу нè загрижува е предвремената појава на болести којшто би требало да се појават подоцна во животот, како што се кардиоваскуларните болести и дијабетот. Зборуваме за дијабет тип 2 на возраст меѓу 11-13 години кој сериозно може да го искомплицира животот, дури и да го загрози, ако има генетска предиспозиција, би можел да се појави многу подоцна во животот. Болести на срцето и на крвните садови кои подоцна исто така може да го искомплицираат животот, смета Спироски

На крајот, тука е и предвремената смртност, една популациска мерка која има здравствено-економски карактеристики и која ни покажува две работи, едната е дека колку предвреме завршил животот на личност којашто вообичаено подоцна би требало да го заврши својот живот и втората е – изгубени години на здрав живот во којшто таа личност би можела да придонесе за општеството, за местото каде што работи, додава Спироски.

Повеќе фактори влијаат врз дебелината, како социо-економски, медицински и одредени навики на пациентите. Општ впечаток е дека во последните декади со зголемувањето на производството на храна и начинот на живот, односно стресот кој го доживуваме секојдневно, немањето време за редовна и правилна исхрана – односно појадок, ручек и вечера со две ужинки, не верувам дека некој во денешно време го практикува. Јадеме кога можеме и тоа е еден стрес за организмот, тој се приспособува, со тоа што не ја искористува енергијата од нашата храна, туку ја таложи, што пак доведува до зголемување на телесната тежина, вели за Приказна, д-р Димитар Душкоски – специјалист по интерна медицина, супспецијалист по кардиологија во Аџибадем Систина.

Дебелината се дефинира преку индексот на телесна маса (BMI). Тој се пресметува кога телесната тежина изразена во килограми ќе се подели со телесната висина изразена во метри на квадрат. Луѓето со индекс на телесна маса понизок од 18,5 kg/m2 се потхранети, од 18,5 до 24,9 kg/m2 се со нормална телесна тежина. Лицата со BMI од 25,0 до 29,9 kg/m2 се натхранети. Од клинички аспект загрижуваат лицата кои имаат BMI од 30,0 до 34,9 kg/m2 – класа I на дебелина, од 35,0 до 39,9 kg/m2 – класа II на дебелина и особено 40 kg/m2 и повеќе кои се класифицираат во класа III на дебелина или морбидно дебели.

Во некои земји згоеноста кај луѓето достигнува и до 50 проценти од популацијата. Во Западна Европа и САД е околу 30 отсто, што се загрижувачки бројки. Тие бројки треба да се коригираат и да знаеме дека згоеноста може да се мери, се мери БМИ, односно колку е тежината врз површината на телото, колку има телесни масти и дебелината на струкот, кај мажи треба да биде 90, а кај жени 80. Кај женската популација маснотиите треба да бидат околу 30 проценти од телото, а кај мажите 25 отсто. Сè што отстапува од тоа велиме дека е надвор од нормала и треба да се внимава. За разлика од тоа, има и еден парадокс којшто би било добро да го споменеме – луѓето со прекумерна тежина, оние што имаат БМИ меѓу 30-35, во некои случаи ако немаат дополнителни заболувања можат да имаат поздрав начин на живот. Секако, тука влијаат и други фактори, нивната физичка активност, начинот на исхрана, регулација на шеќер, крвен притисок и останати елементи, укажува Душкоски.

Загрижува растечкиот тренд на дебелина кај децата

Интересен е парадоксот дека во медитеранските држави, трендот на детската дебелина е најголем во цела Европа, а во дел од нордиските држави трендот е опаѓачки и согласно насоките кои се препорачуваат, вели проф. Д-р. Игор Спироски од ИЈЗ.

Изборот на храна од страна на децата често е автоматска реакција на физичката средина во која живеат – нездравите грицки и пијалаци се достапни во училиштата, како и во околните продавници, а недостигаат привлечни здрави алтернативи. Покрај тоа, „традиционалната храна“ често се смета за „здрава храна“ од страна на некои деца без оглед на содржината на калории и хранливиот состав на оваа храна.

Можам да се пофалам дека многу од родителите се обраќаат за да им се изготват план и програми за исхрана на нивните деца со цел да се спречи оваа пандемија од дебелина, со цел да ги вкоренат здравите навики и да имаат балансиран начин на исхрана, каде што ќе се вметнат витамини и минерали, каде што ќе се внесе свежо овошје и зеленчук, вели Емилија Спасовска Мојсовска, нутриционист.

Светските истражувања покажуваат дека не е доволно само да се обезбеди информација за здрава исхрана и мала е веројатноста дека ќе предизвика голема промена во однос на тоа што јадат и пијат луѓето. Поголем успех во промени на однесувањето ќе се постигнат доколку освен информација има и регулатива во врска со тоа каква храна се продава во и околу училиштата. Исто така, потребно е воведување информации на етикетите на производите и справување со погрешното сфаќање за тоа што е нормална тежина.

Документарен магазин Приказна

Постојат повеќе причини зошто некои луѓе имаат тешкотија да ја избегнат дебелината. Обично тоа е резултат на вродени фактори комбинирани со фактори на околината, лични диети и начини на исхрана, како и физичката активност. Покрај генетските фактори за дебелината, начинот на живот, постои и метаболистичко и хормонско влијание на телесната тежина. До нејзино зголемување доаѓа и кога се земаат повеќе калории од тоа што организмот може да ги потроши преку физичка активност и со секојдневните активности. Во тој случај телото ги складира вишокот калории во масти. Дебелината може да се јави и во рамки на некои ендокринолошки болести, проблеми како артритис и при користење некои лекови (антидепресиви, антиепилептици, антипсихотици, лекови за дијабетес, кортикостероиди и бета-блокатори).

Исхрана којашто е богата со многу калории, како што се брзата храна и висококалоричните намирници, води до дебелина. Дебелите лица може да јадат повеќе калории пред да се почувствуваат сити, брзо огладнуваат или, пак, јадат повеќе како резултат на стрес или анксиозност. Генетските фактори може да имаат влијание на тоа колку масти се складираат во организмот и каде се распределуваат. Важна е и ефикасноста колку телото ја претвора храната во енергија, како организмот го регулира апетитот и како ги согорува калориите за време на физичка активност. Се смета дека дебелината се јавува кај повеќе членови во потесното семејство. Тоа не е само поради генетските фактори, туку поради сличните навики на исхрана и физичка активност.

Некои видови храна и состојки во храната, кога се консумираат во прекумерни количини, можат да го зголемат ризикот од некои хронични болести. Тука спаѓаат натриумот, цврстите масти (главен извор на заситени и транс масни киселини), додадените шеќери и рафинираните жита. Овие прехранбени состојки прекумерно ги консумираат и децата, и адолесцентите, но и возрасните и старите лица. Освен тоа, исхраната на повеќето мажи ги надминува препораките за холестеролот. Некои луѓе, исто така, прекумерно консумираат алкохол.

Промоцијата и достапноста на здрава и разновидна храна е клучот за подобрување на здравјето, благосостојбата и квалитетот на живот на населението.

Вики Чадиковска, Ване Маркоски, Бранка Чочковска

Exit mobile version