Дома Став Изјава Сашо Нефовски: Вишокот на храна, ја зголемува нејзината цена, но и ја...

Сашо Нефовски: Вишокот на храна, ја зголемува нејзината цена, но и ја загадува земјата

Сашо Нефовски и Дејвид Пирсен, направија истражување за потрошувачките навики за храна во 2019, со цел да ги анализираат навиките и свесноста за вишокот храна во нашата земја, но и како тоа влијае врз загадувањето на планетата и осиромашувањето на населението.

Според Организацијата за храна и земјоделство на Обединети нации (FAO), приближно една третина од целата храна произведена во светот станува отпад. Отпадот од храна, годишно генерира околу 8% од емисиите на стакленички гасови.

Храната се произведува и преработува на повеќе од 570 милиони фарми, во што учествуваат уште голем број земјоделци и посредници од сите краишта од светот, а дел од тој процес е и значајното трошење енергија. Производството на храна е одговорно за повеќе од четвртина, дури 26% од глобалната емисија на гасови со ефект на стаклена градина.

Според податоци на Државниот завод за статистика во 2020, 455.600 лица во Северна Македонија живеат во тешки услови, што е 21,9% од вкупното население. Најпогодени се повеќечлените семејства. Македонија се наоѓа во десетте земји во светски рамки по количина фрлена храна според бројот на жители.

Според Сашо Нефовски, автор на емпириска студија за потрошувачките навики за храна, и покрај тоа што Македонија не е во категоријата на богати земји, може да заклучиме дека свеста за храна во нашата држава е се’уште на значително ниско ниво.

Истражувањето коешто го спроведовме под лидерство на Дејвид Пирсен, од централниот Универзитет во Австралија, потврдува дека над 50% од испитаниците пријавуваат дека се грижат за количините на фрлена храна во домот. Голем е бројот на испитаници кои тврдат дека го планираат купувањето на храна во домот со цел да ги намалат отпадите од храна во семејството, но оддруга страна, спротивно на овие изјави, имаме податок којшто говори за значително висок процент на генериран отпад од храна во домовите, додава Нефовски.

Според Нефовски, истражувањето кое го направиле, потврдува дека самите испитаници пријавуваат над 18% генериран отпад на храна од домовите. Ова би требало да биде сериозен аргумент којшто би не насочил кон тоа, во државата да имплементираме брзи и итни мерки со цел зголемување на свеста на потрошувачите и населението, за намалување на генерирањето отпади од храна во домот.

Истражувањето укажува на податок дека постои силна корелација помеѓу генерираниот отпад на храна и свесноста кај населението. Оние кои имаат поголема еколошка свест, фрлаат помали количини на отпад на храна во домовите. Исто така поголеми количини на отпад пријавуваат дека фрлаат оние испитаници коишто не се свесни за цената на трошоците кои ги генерираат, укажува Нефовски.

Клучни стратегии и политики кои треба да се градат е да се подигне нивото на свест за негативните ефекти од генерираниот отпад на храна, посебно од домовите. Граѓаните треба да бидат информирани дека самиот циклус на генерирање на отпад од храна, не е придобивка ниту за потрошувачите ниту за производителите на храна. Имено, тоа гломазно купување на храна којашто произлегува и од големите количини на отпад од храна, го оптоварува и дистрибутивниот систем, од друга страна ја зголемува и цената за производсвото и дистрибуцијата на храната. Како резултат на тоа зголемување на цената, се зголемува и цената на финалниот производ кој влијае пак врз џебот на потрошувачите и долгорочно влијае на ситуација во која населението осиромашува. Оттука многу е важно населението да биде информирано за негативните ефекти и за лимитираните ресурси кои ги има природата и да биде свесно дека треба и лично да придонесува да се намалува количината на отпад во домаќинствата, додава Нефовски.

Државата треба да ги стимулира компаниите да го донираат вишокот храна за оние на кои им е неопходна наместо да ја фрлаат на депониите. Постоеше иницијатива, беше формирана и работна група, со цел, да се донесе закон, првпат во Македонија, кој ќе регулира каква храна може да се донира и кому, како ќе оди целата процедура и какви се олеснувањата за компаниите што ќе влезат во тој синџир. Работната група за изработка на законот беше составена од претставници од 15-ина институции и 4 граѓански организации. Законот се’уште не е изгласан.

Во светски рамки речиси една третина од вкупно произведената храна на годишно ниво се фрла, додека истовремено околу 800 милиони луѓе се со ризик од глад, а 5 милиони деца умираат од глад.

Милениумската цел на Обединетите Нации (ОН) за намалување 50% на отпад од храна до 2020, придонесе голем број земји да преземат активности за намалување на отпадот од храна и искористување на храната за донација на најзагрозените категории население, што би придонело во голема мера во борбата против сиромаштија и глад, воспоставување одржлив систем на храна, намалување на загадувањето на животната средина и одржлив развој.

Вики Чадиковска

Бранка Чочкова

Exit mobile version