Дома Истражување „Ако минуваш низ пекол, продолжи да чекориш“

„Ако минуваш низ пекол, продолжи да чекориш“

„Се викам Алмир, имам 26 години, во психијатриската ординација на мојот доктор, одам два пати месечно веќе половина година. Сè почна минатата пролет, одеднаш, без никаква најава кога се подготвував да си легнам. Почувствував силен студ во градите, голема вознемиреност, имав чувство дека ќе го голтнам срцето. Потоа се препотив и не можев да си го смирам пулсот. Заспав доцна во ноќта, згрчен во страв од тоа што ми се случи.

Потоа оваа бура, што тогаш не знаев дека треба да ја дефинирам како паничен напад, ми се повтори уште неколку пати пред да побарам помош од лекар. Ми ги направија сите неопходни прегледи и испитувања. Здрав си сосема, ми рече докторот. Сепак добив дијагноза. Анксиозност“.

Оваа приказна на младиот скопјанец Алмир е наједноставниот опис на една нова епидемија која го разорува светот. Не е толку популарна како актуелната ковид пандемија, но е уште повеќе раширена, а во последните години добива загрижувачки размери.

„Многу чудна, непријатна, вознемирувачка состојба која сликовито може да се опише како како еден голем, црн облак кој постојано е над вашата глава. Каде и да одите, што и да правите, тој е присутен и ја чувствувате неговата замислена тежина“

„За анксиозноста знам уште многу пред да биде „кул“, уште од дете. Некогаш е воопштувана, некогаш хипохондрична, некогаш социјална … ама секогаш ми ги зема мислите, мирот и здивот. А, всушност е само вресок на егото кое очајнички бара нешто фиксно во живот каде единствената константа е промената“.

„Чувство на темнина и клаустофобија во сопствената кожа. Потрага за излез од секојдневието и потреба за земање воздух“

Вака анксиозноста е опишана на социјалните мрежи од наши млади сограѓани кои се одважиле отворено да проговорат за состојбата која не им дава мир.

Но, голем е бројот на луѓе кои не се свесни дека се анксиозни, а дел се срамат да признаат и го игнорираат чувството со кое се соочуваат секојдневно. Полесно им се чини таа состојба да ја објаснуваат со константен замор и безволност, чувство на физичка непријатност, срцебиење, или пак да ја камуфлираат со бројни нереални стравови или пак зависности.

Психолошките симптоми на анксиозноста се: очекување на негативен исход од секоја животна ситуација, немир, страв, напнатост, раздразливост, тешкотии со спиењето, преокупираност, лесно заморување, слаба меморија.

Телесните пак се: забрзана работа на срцето, срцеви прескокнувања, напнатост и болки во мускулите, треперење на целото тело, болки во градите, сува уста, прекумерно потење, нарушување во исхраната и намалено либидо.

За разлика од некои други состојби, како што се на пример фобиите, лицето кое страда од анксиозност не знае да посочи зошто има чувство на тешкотија. Едноставно таа е присутна.

Анксиозноста се дефинира како чувство на општа возбуденост, нејасен страв без очигледен надворешен повод, голем стрес и загриженост. Во медицинската теорија се смета за полесна форма од депресијата, но често пати овие видови на психички нарушувања се јавуваат во комбинација или се надополнуваат.

Добрата вест е дека има излез, уште поохрабрувачки е дека не секогаш овие состојби се третираат со лекови. Во полесните форми, често пати, проблемот се надминува едноставно со менување на животните навики.

Најважно е да сфатиме и тоа да го прифатиме како неспорен факт дека „животот е десет проценти од она што го доживуваме и деведесет проценти како реагираме на тоа што ни се случува“.

Треба да го смениме размислувањето кое тргнува од позиција на срам и ја гледа анксиозноста како доказ за нашата кршливост. Да се увериме себе си дека „анксиозноста е предност на следниве карактерни црти: љубопитност, сензитивно срце, имагинативен ум и силен копнеж на душата за севкупен растеж“.

Направете тајмаут. Вежбајте јога, слушајте музика, медитирајте. Јадете избалансирани оброци, ограничете ја употребата на алкохол. Спортувајте, движете се. Поминете повеќе време во природа. Прошетајте покрај река, пешачете низ шума, газете боси по трева. Гушнете го дрвото во дворот или на вашата улица. Гледајте го небото. Слушајте ги птиците. Засадете цвеќе. Дишете длабоко. Бидете благодарни што сте живи. Запаметете, секој нов ден е дар, благослов, шанса. Не целете кон перфекционизам, зошто тоа не е возможно. Споредувајте ги сопствените постигнувања со самите себе, не со постигнувањата на другите.

Една мудрост на големиот Винстон Черчил може да биде искра надеж за сите кои се соочуваат со тешки периоди во својот живот.

„Ако минуваш низ пекол, продолжи да чекориш“.

За Приказна,

Г.П. 

Exit mobile version