9.8 C
Skopje
Thursday, December 8, 2022
spot_img

Светот останува на децата

Децата се најголемото богатство и украс кој еден свет може да го има. Детските права се утврдени во Конвенцијата за правата на детето која е усвоена од страна на Обединетите нации во 1989 година, а се темелат на правото на живот, опстанок и развој, најдобар интерес за детето, право на учество, право на недискриминација …

Би сакала да споделам еден интересен податок. Конвенцијата е донесена во 1989 година, таа е потпишана од 196 земји, изјави за Приказна, Јорданка Черепналкова Трајковска – Прва детска амбасада во светот „Меѓаши“. Истата година, 1989, е создадена и светската мрежата „www“. Она што тогаш не се размислувало и не се знаело е тоа до кои граници технологијата ќе навлезе во нашите животи и ќе ни ги смени, вклучително и детството. Од таа причина во 2018 година, Комитетот за правата на детето на ОН носи одлука да донесе генерален коментар, односно да ја искоментира и стави конвенцијата во новите услови кои ги создаде дигиталната ера. Со тоа започна еден широк консултативен процес којшто трае две години, додава Черепналкова Трајковска.

Детството треба да биде еден од најубавите и најбезбедните периоди во животот, кој подоцна како возрасни ќе го памтиме по најубавите спомени и авантури. Но, не секогаш е така. Почесто треба да се потсетуваме дека во светот има деца кои се гладни, кои живеат на работ на егзистенцијата, деца кои за жал се жртви на семејно насилство, имаат здравствени проблеми или пак се оставени во дом за посвојување.

За децата најважно е да бидат задоволени нивните основни физиолошки потреби, но исто важно е тие деца да се чувствуваат сакано, сигурно и да бидат прифатени.

Кога ги фалиме децата не ги расипуваме, меѓутоа е важно да ги пофалиме за конкретни активности во конкретно време. Не „многу убаво ја напиша домашната задача пред пет недели“, туку сега, во моментот. Фалбите како „добар си, успешен си, напреден си“, децата не ги разбираат. Ним им треба конкретно да знаат за што се пофалени, смета психологот од Институт за брак, семејство и системска пракса, Вида Гаврилоска.

Обврска на нас возрасните е да бидеме свесни дека децата се огледуваат во нас и како зрели личности треба да ги исполниме своите постапки и реакции трудејќи се да им обезбедиме што подобар и поубав пример на однесување. Не постои вишок на љубов и разбирање, од тоа никогаш не е премногу. Саканите деца ќе израстат во луѓе кои ги сакаат другите луѓе, имаат емпатија за другите.

Односот родител – дете почнува да се формира веднаш при самото зачнување на детето, иако некои истражувања покажуваат дека односот почнува да се гради и многу порано, односно тука станува збор за перцепцијата и убедувањето на родителот во однос на родителството, иако не може да се исклучи моментот дека кога ќе се роди детето, многу од тие ставови може да се сменат или моделираат. Затоа повеќе акцент не би ставила на тоа кога се создава односот, туку на тоа дека односот е нешто што е променливо, нешто коешто можеме уште денес да го смениме и да работиме на тоа. Немаме пречка којашто тоа може да спречи убав и хармоничен однос на родителите и децата, смета Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти.

Да бидеме убав пример за децата, да направиме се да растат во средина со многу љубов, толеранција и разбирање. Да поминуваме што е можно повеќе време со нив, бидејќи времето брзо поминува, а тие брзо растат.

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

3,820FansLike
1,515FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ