22.8 C
Skopje
Saturday, July 27, 2024
spot_img

Дејан Златковски: Дигиталните технологии ќе променат некои професии во блиска иднина

Дејан Златковски е проектен менаџаер во Програмата за развој на ОН. Со него разговаравме за драматичните поместувања на пазарот на трудот предизвикани од дигиталните технологии.

Приказна Кои се предизвиците коишто ги носи новото време од аспект на професиите на иднината?

Дејан Златковски: Како вовед би сакал да се навратам на некои заклучоци од настанот „Недела на вештините за идните работни места“, коишто пред неколку месеци беше организиран од страна на Програмата за развој на ОН. Неколку пати за време на настанот имав можност да слушнам еден интересен исказ, а тоа е дека дигитализацијата и дигиталната трансформација не се прашање на избор, туку се прашање на опстанок.

За да не изгледа како клише, мора да појасниме дека технологиите отсекогаш влијаеле на моќноста односно способноста да се произведе повеќе, за помалку време. Дигиталната технологија драстично го зголемува тоа. Акцентот е ставен на ресурсите, што значи да се произведе повеќе за помалку време со помалку ресурси. Тука се вклучени и човечките ресурси како фактор.

Дигиталните технологии предизвикуваат драматични поместувања на пазарот на трудот. Многу професии ќе претрпат измени, а со тоа и вештините кои идните работници ќе треба да ги поседуваат и да ги применуваат за време на работниот процес.

Најновите истражувања покажуваат дека во следните 10 години во Европа ќе се отворат некаде над 90 милиони работни места. Ако се категоризира оваа статистика по економски сектори, ќе се забележи дека во одредени сектори некои занимања сосема ќе исчезнат, други пак ќе бидат заменети со вештини коишто се тесно врзани со дигиталната технологија. Најголеми поместувања ќе има во мануфактурата, во производството и во земјоделието, каде што под влијание на роботиката многу процеси ќе бидат автоматизирани. Тоа ќе наметне познавање на многу нови вештини за луѓето коишто ќе работат во овие сектори. Акцентот ќе биде ставен и на друго прашање, а тоа е динамиката на обновување на вештините, затоа што до пред 5 години анализите повеќе се водеа од аспект на предвидувања за идните занимања. Тоа во последните неколку години е надополнето и со предвидувања за вештините коишто треба да ги поседуваат вработените.

Приказна Колку во таа насока ќе биде важно образованието?

Дејан Златковски Програмата за развој на ОН има антиципаторен пристап во однос на помошта што ја дава на нашето општество, и тоа се гледа преку двата проекти, Премостување на јазот помеѓу вештините и работните места, и Поврзување на дигитализацијата и вештините за идните работните места.

Идејата беше врз база на добри анализи, да се види во која насока ќе оди развојот на вештините во неколку економски сектори. Првично беа замислени текстилната индустрија, обновливи извори и градежништво, а потоа со проектот поврзување на дигитализацијата и вештините за идните работните места, беше додаден и земјоделскиот сектор. Како резултат на тие анализи идејата е да се организираат обуки за идните професии во овие сектори. Тоа ги опфаќа не само луѓето коишто бараат работа, туку и оние кои веќе се вработени во овие сектори со цел да стекнат вештини коишто се клучни за нивната работа.

Доколку имаме намера да градиме фотоелектрични централи, тогаш ќе ви бидат потребни вработени коишто ќе знаат да оперираат, надгледуваат, дизајнираат. Ако сакаме да заштедиме енергија и да градиме градби коишто заштедуваат енергија, за имплементација на тој концепт, потребни се нови работни места и вештини.

Преку БИМ технологијата, наши компании веќе работата на глобално ниво. Примената на тие технологии во Македонија, на некој начин заостанува. Треба да се зборува на таа тема да се зголеми свесноста за придобивките на таквите иновативни пристапи во градежништвото. Тоа е поврзано и со зелената транзиција во овој сектор, транспарентноста и одржувањето на градбите.

Приказна Некои од традиционалните професии на коишто сме навикнати кога е во прашање земјоделството ќе исчезнат, но има дел кои ќе се модифицираат. Колку нашите земјоделци се спремни да го прифатат тоа како новина?

Дејан Златковски Во рамките на двата проекта, имаме намера да ја надградиме платформата со електронски сервиси коишто ќе бидат од корист за земјоделците. Верувам дека наскоро ќе излеземе со конкретни резултати на таа тема.

Како поддршка на јавниот сектор, направивме концепт за дигитализација на земјоделието. Документот е изработен, наскоро ќе може да зборуваме за резултатите. Тој концепт дава јасна претстава за дигиталната платформа за поддршка на земјоделието.

Следен чекор е операционализација на платформата како информатички систем кој ќе биде од корист за фармерите, истражувачите, за компаниите.

Приказна Колку организациските шеми ќе се менуваат во зависност од промените кои ги носат професиите кои во иднина ќе постојат?

Дејан Златковски Обновувањето на вештините за која било професија денес има повисока фреквенција. Она што го знаеме денес, за една или две години ќе биде неприменливо, или делумно применливо. Затоа фреквенцијата на обновување на вештините се зголемува. Мора да интервенираме во таа насока, особено во подигнување на свеста на сите граѓани дека треба постојано да работат и да вложуваат во своите знаења и вештини.

И компаниите треба да овозможат континуиран професионален и кариерен развој на нивните вработени. Сè почесто се зборува за четири дневна работна недела. Јас би рекол пак ќе биде петдневна работна недела, со што петтиот ден ќе биде наменет за професионален развој и обновување на вештините.

Приказна Кои се професиите кои ќе ги имаме во иднина, а кои се професиите кои ќе исчезнат?

Дејан Златковски Правени се повеќе анализи за тоа кои професии ќе бодат непотребни, а кои нови професии ќе се појават во економијата. Има едно интересно истражување водено од наш научник во Швајцарија, коешто се обидува да развие систем базиран на вештачка интелигенција, којшто ќе направи револуција во правниот и судскиот систем. На ова се надоврзува и изјава на еден извршен директор на една голема европска компанија, кој им препорача на младите да бараат други професии, дека правната професија нема да биде толку актуелна и ќе има намалување на бројот на вработени коишто ќе се занимаваат со правната професија.

Вештачката интелигенција нуди моќни решенија за изведување на работните процеси. Тука се загрозени и неколку работни места во банките. Преминот на безготовинско плаќање, тоа ќе го забрза. Сметководителите, фармерите се загрозени. Тоа не значи дека целосно ќе исчезнат, но луѓето треба да ја искористат шансата што ја нудат дигиталните технологии за учење и надградба.

Докуменатарен магазин Приказна на тема професии на иднината

Вики Чадиковска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,528FansLike
3,293FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ