21.8 C
Skopje
Thursday, March 28, 2024
spot_img

Проф. Д-р. Петар Атанасов: На децата им требаат практични вештини кои ќе им помогнат да си го најдат своето место во општеството

Приказна Како ги оценувате новите реформи во образовниот систем?

Атанасов Според моето лично мислење, тие се недоволни и нецелосни. Всушност ова што го гледаме, ако вие го нарекувате промени, секогаш има промени. Апсолутно не гледам дека некоја голема работа се менува. Се менуваат мали ситни точки во системот. Се импровизира.

Менаџмент тимовите на министерствата кои се делегирани од партиите се зафаќаат со работи кои ги препознаваат. На пример, препознаваат учебник, програма, можеби нешто што се гледа, а образованието е невидлив процес.

Она во што јас сум длабоко убеден, за оваа држава, за оваа Влада, образованието не е приоритет. Тоа се гледа. Ако е нешто приоритет, ангажирате луѓе кои се разбираат во тоа, ангажирате ресурси, алармирате. Образованието не влезе како приоритет, а тоа се гледа и со алоцираните финансии, според кадровската политика која воопшто не е за пофалба. Реформи или промени од таков вид за да се почувствува во образованието, нема.

Приказна Имаат ли наставниците компетенции да ги спроведат предложените реформи?

Атанасов Јас верувам дека некој што е вработен 10, 15, 20 години, може да го спроведе образовниот процес. Верувам дека голем дел од наставниците може да работат поинаку или на начин на кој е потребно во општеството.

Од друга страна, ние наставниците очекуваме многу повеќе. Очекуваме овие луѓе, наставници, професори, да ја предадат или пренесат општествената матрица на вредности врз децата, за да имаме здраво општество со здрави вредности.

И државата и наставниците живеат во оваа длабока општествена криза. Во една ваква криза, ние премногу очекуваме од наставниците. Ако оваа криза не можат да ја решат големи институции, луѓе кои се на врвот во политиката, Собранието, ако оваа криза е сè подлабока, ние не можеме од наставниците да очекуваме тоа да го спроведат и поправат.

Но, може да очекуваме со конкретни патокази и насоки што треба да прават, а тоа тие не го добиваат. Само на 3-6 месеци или 12 години добиваат некакви политички насоки, и најчесто тоа не носи квалитет.

Приказна Можат ли да бидат ефикасни и ефективни брзите реформите кои често ги спроведуваме?

Атанасов Не, затоа што политичките партии мислат дека се месии и од нив почнува образованието, секоја нова политичка влада или постава се обидува да измисли нешто генијално. Образованието треба да биде државна работа. Треба да имаме консензус, да знаме која влада и да дојде, треба да го спроведува тоа и тоа.

Верувам дека во два образовни циклуси можат да се направат промени, но не со партиски директиви. Ниедна влада не може сама да ги спроведе реформите. Конечно треба да се направи еден договор во областите како што се здравството, образованието, судството, треба да има натпартиска политика, тоа е државна работа и така треба да се спроведува. Во спротивно, нема да има успех.

Приказна Дали образовниот систем во Македонија е доволно добар да произведе добри работници, способни експерти на различни мислења?

Атанасов Не, ние овој модел што го имаме, не произведува квалитет. Ние имаме просечно образование. Дури тоа што го имавме пред 2 децении што се сметаше дека е квалитет во една друга држава, не успеавме да го одржиме.

Кај нас со овој модел на образование успеваат само оние што се добри, природно надарени, оние што се способни да голтаат образование, идеи, да читаат многу повеќе. Мислам дека не е тоа доволно за прогрес во една ваква мала држава. Ние имаме докази дека голем дел од нашето општество се функционално неписмени, особено оние што поминуваат овие 2-3 децении низ нашиот систем.

Наша должност е овие 60-70% да ги описмениме, ако тоа не го сториме, овие што се надарени, не им треба модел, сами може да просперираат или ќе си одат од државата или овој процент на луѓе добро ќе поминуваат и во оваа држава, но богатството ќе се дели и голем дел на нив. Освен тие кои имаат капитал, што прават некаква вредност и овие што се надарени, што имаат добро образование, полека ќе се поларизираат. Тоа не ни го решава проблемот затоа што сме ние мала држава и го губиме средниот дел од општеството. Описменувањето продуцира вештини кај граѓани кои разбираат во која држава живеат, разбираат политика, кои сакаат да се образуваат, треба да функционираат во овие социјални и општествени мрежи.

Мислам дека оваа функционална неписменост е еден од приоритетите за кои секоја влада треба да се зафати, за да направиме некаков пресврт.

Менаџерите на малите држави како Холандија, Словенија, Финска, знаат дека секој човек е важен. Ние не можеме како држава да си дозволиме да не ги образуваме или обучиме нашите луѓе. Тие се општеството, тие работат во институциите, во приватниот сектор, тие гласаат. Образовните ефекти се гледаат над 10 години. Ние сме сега сведоци на лоши образовни резултати затоа што 10-15 години наназад не се работело како што треба.

Приказна Дали државата доволно се грижи за образовниот систем?

Атанасов Оваа држава или образовен модел е злоупотребен од моќни политички партии кои го користат за клиентелизам, за вработување на своите кадри, за тендери.

Нашите политички партии не произведуваат идеи, не произведуваат програми, туку произведуваат листи на верни лојалисти кои ги вработуваат и кои потоа им се оддолжуваат со гласање. Тоа е едниот проблем.

Вториот проблем е што нашето образование не е практично. Нашите деца учат непотребни работи. Јас сум ги учел истите тие работи пред 30-40 години. Тие сè уште ја задржаа старата филозофија, дека вие учите лекции, дефиниции, а не учите практични знаења. Не учите да се снаоѓате.

Децата треба да учат практични работи и работи кои ќе им помогнат да се снајдат во општеството. Во спротивно, ако продолжи ова што го гледаме, можам да кажам дека нашето сиромашно образование, произведува на долг рок сиромашни граѓани и ќе имаме сиромашна држава.

Документарен магазин Приказна на тема образование

Ване Маркоски

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,097FansLike
2,008FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ