23.8 C
Skopje
Friday, March 29, 2024
spot_img

Даниела Раичковиќ: Стекнувањето самодоверба е клучен услов за растење на здраво и среќно дете

За важноста на социјална интелигенција во предучилишна возраст, поразговаравме со Даниела Раичковиќ, воспитувач и раководител на ЈУДГ „13. Ноември“ – Јасмин.

Каква е улогата на градинката во социјален развој кај децата?

Даниела Раичковиќ Улогата на градинката е многу важна. Градинката претставува еден сегмент во остварувањето т.е. во градењето на тие социјални навики, претстави, поими кај помалите деца.

Ние имаме низа активности со кои ја подобруваме социјалната интелигенција. За полесно прифаќање на нормите децата мора да се препознаваат себеси, да ги знаат своите чувства, мора да ги научиме и како да ги почитуваат туѓите чувства. Дечињата од предучилишна возраст се егоцентрични и светот го гледаат низ своите очи.

Кои карактеристики ги има социјално интелигентно детенце?

Даниела Раичковиќ Се трудиме детето во градинка да се почувствува пријатно, сакано, сигурно, заштитено, среќно, слободно да ги развива своите чувства, да се изразува, да игра, да учи, тогаш зборуваме за адаптирано дете во средината.

Со стекнување навики и вештини кои ги реализираме, станува самоуверено дете, себеси се почитува, ги почитува и другите, може да се искаже, да даде свое мислење, активно учествува во активностите, учи – тогаш може да зборуваме за дете социјално интелигентно. Тоа е активен субјект во нашата работа.

Даниела Раичковиќ, воспитувач и раководител на ЈУДГ „13. Ноември“ – Јасмин

Како го стимулирате социјалниот развој на дечињата?

Даниела Раичковиќ Првиот и основен сегмент е семејството. Веднаш може да забележиме ако детето доаѓа од семејство во кое постојат добри односи, ако на детето му се посветува внимание, ако е запознаено со средината и општоприфатените норми, тука само ги надоградуваме.

Во градинката организираме активности, особено кога децата се ведри и расположени. Правиме ситуации преку симболички игри, читање приказни. Ги ставаме децата во ситуација да размислуваат, да решаваат проблеми т.е. ја читаме приказната, а децата не се пасивни слушатели, туку ги поттикнуваме да решат конфликтна ситуација. Преку тие игри, ги вежбаме и ги зголемуваме нивните социјални компетенции.

Дали децата ги прифаќаат, дали ги почитуваат и дали ги разбираат општествените норми? Знаат ли што е добро, а што лошо?

Даниела Раичковиќ Децата на оваа возраст мислат дека нема ништо лошо. Тука е нашата умешност да дојдеме до одговорот што навистина е добро, а што лошо. Или зошто не треба така да постапуваме. Мора да ги почитуваме, да ги слушаме и да користиме афирмативен говор.

Се случуваат и конфликтни ситуации. Некои родители ги советуваат своите деца дека ако некој ги удри треба да вратат? Вие сигурно сте против ваквото воспитување.

Даниела Раичковиќ На насилство не се одговара со насилство. Во случај на конфликт – разговараме. Се трудиме да нè разберат. Ги објаснуваме причините. Зошто го направи тоа? Како се чувствуваш сега, но и како се чувствува твоето другарче? Како ќе се чувствуваш ако некој тебе те удри? Ги поттикнуваме да размислуваат за да можат да ги решат тие ситуации.

Ние сме тука секогаш да помагаме, но најдобар начин на учење е децата да ги совладаат тие вештини. Самото дете да дојде до заклучок и да процени како треба да реагира во конфликтна ситуација.

Кој е Вашиот метод на воспитување во градинка?

Даниела Раичковиќ За човек да работи во градинка треба навистина да има љубов кон децата. Ако не ги почитуваме како личности, не може да ја работиме оваа работа. Децата се сензибилни, ја чувствуваат нашата енергија веднаш штом ќе влеземе во градинката. Не можете да ги прелажете. Затоа мислам дека љубовта кон децата е најважната работа, секако треба и да сме компетентни за да може да ги развиваме детските потенцијали и можности.

Секогаш сакам да им всадам љубов на децата. Исто така секогаш го фалам трудот на детето, а тоа му значи и не го заборава. Ги поттикнувам во следните активности да бидат се подобри. Тоа се основите и на доживотното учење.

Кога детето добива позитивна афирмација, може многу да постигне. Воспитувачот треба да внимава како ќе работи. Да ги препознае индивидуалните способности и развојни можности на децата. Да направи средина каде што детето ќе се почувствува дека самото тоа го постигнало. Тогаш на среќата и нема крај. Учењето го реализираме преку игра.

Дали децата од предучилишна возраст имаат самодоверба и дали се самокритични?

Даниела Раичковиќ Стекнувањето самодоверба е еден од условите за растење на здраво и среќно дете. Доколку детето нема самодоверба станува несигурно, повлечено. Самодовербата мора да ја развиеме кај децата, тие треба да веруваат во себе и во своите можности. Да го наведеме детето да создаде позитивна слика за себе. Детето може да направи се со љубов и мотивација од страна.

Самодовербата, самопочитта, самоиницијативност ќе му помогнат на детето подоцна да учи и работи. Така ќе направиме подготвено дете кое ќе тргне на училиште. Исто така се учиме како да бидеме самокритични. Сите се самокритични кога работиме групно, а индивидуално самокритичноста знае да затаи. Сè зависи од степенот на развој на децата.

Документарен магазин Приказна

Што ќе научи детето до тргнувањето во училиште, од аспект на социјалниот развој?

Даниела Раичковиќ Семејството, бабите дедовците, градинката имаат голем удел во социјалниот развој на детето. Градинката е место каде што детето социјално се развива и се надоградува. Секое дете кое има развиено самосвест, е самоуверено, има потенцијали, со свест за решавање на проблемски ситуации, подготвено е да појде на училиште. Не е важно дали знае да ги испише сите букви, туку многу е поважно дали правилно го држи моливот во рака. Многу е важно дали верува во своите ставови и дали може да се искаже затоа што влегува во поинаква средина каде треба да се бори и да се докажува, а тоа ќе го направи само ако верува во себе. Дете кое треба да оди на училиште, треба да е веќе подготвено да се соочи со предизвиците што понатаму му ги носи животот.

Тоа е и тажен период за нас. Завршува најбезгрижниот дел од животот.

Играта е примарна кај нас, а сега веќе преминуваат во друг степен на образование каде ќе мора да вложат повеќе труд. Но, ако детето е добро подготвено, тогаш е среќно што оди чекор понатаму.

Наташа Јанкулоска Торевска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,098FansLike
2,010FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ