19.8 C
Skopje
Thursday, March 28, 2024
spot_img

Aндон Крстевски, винарија Стоби: корените, брендирањето и винската публика, може да ја раскажуваат винската приказна

Забораваме на корените. Се стремиме кон интернационалниот пазар, па може токму тој пазар и затоа не нè признава, бидејќи сакаме да бидеме нешто што не сме, вели за „Приказна“, Андон Крстевски – енолог и технички директор во винаријата „Стоби“.

Приказна: Што претставува професијата енолог?

Крстевски: Да се биде енолог е привилегија. Јас потекнувам од Демир Капија. Сите во околината правеа вини и ракија, но јас се одлучив да го правам тоа на професионален начин.

За мене да се биде енолог е да се биде искрен, од грозјето да се направи вино коешто го отсликува карактерот на самата сорта. Да се биде искрен и кога се презентира самото вино, затоа што вистината се отсликува и во ликот на етнологот и мислам дека има големо влијание секоја презентација на секое вино. Едно вино ја содржи душата на регионот од каде што потекнува грозјето. Почвата климата, екологијата, земјоделските практики, културата на луѓето од една страна, меѓутоа од друга страна и душата на виното ја носи и душата на енологот, затоа што тој дава свој допир и печат на виното. Значи двете карактеристики на виното се регионот и енологот.

Приказна: Каков е домашниот потенцијал за развој на винскиот туризам?

Крстевски: Македонија е земја со речиси идеални услови за производство на вино. Не од секоја сорта, нормално. Фелата сама, помогната од државата треба да направи свој катастар на којшто ќе го гради брендот на македонско вино, бидејќи не можеме да правиме вино од сите светски сорти, затоа што секоја сорта, од различни региони, дава различен квалитет и вкус.

Ние треба да направиме бренд со македонски типови на вино, со локални сорти, можеби и интернационални коишто се признаени во цел свет, но што успеваат секоја година кај нас. Идеални услови имаме, но ни претстои многу работа. Како пример, Бордо, каде јас живеев и студирав и работев, продава вино во стаклено шише повеќе од 300 години, а ние и ден денес 30% од производството го полниме во стаклено шише, а остатокот го продаваме како наливно.

Приказна: Кои домашни сорти може да бидат наша винска гордост?

Крстевски: Мое мислење е дека забораваме на корените. Се стремиме кон интернационалниот пазар, па може токму тој пазар и затоа не нè признава, бидејќи сакаме да бидеме нешто што не сме. Според мене треба да работиме од црвените сорти на „Вранец“, „Кратошија“ и на некои други сорти како што се „Станушина“, можеби „Прокупец“, иако не се автохтони македонски сите од овие сорти, сепак се локални, регионални и сорти којшто ги нема подалеку од Балканот. Од белите сорти тука се „Смедеревка, „Темјаника“ …

Сакам посебен акцент да дадам на „Кратошијата“ којашто е научно докажан „родител“ на „Вранецот“, како најзастапена сорта со идеални хемиски параметри за производство на црвено вино, со добар принос, комерцијално се одговора, но „Кратошијата“ е заборавениот родител на „Вранецот“, којшто е признаен во цел свет, сакале ние или не. Ние работиме повеќе на „Вранецот“, отколку на „Кратошијата“, не сакам да наоѓам виновници зошто е тоа така, но ја користам приликата да ги поттикнам сите двигатели во оваа фела да работат на тоа „Кратошијата“ да се врати на пиедесталот.

Емисија Приказна посветена на винските приказни

Приказна: Каде се наоѓаме на винската регионална мапа?

Крстевски: Многу е подобрен квалитетот на виното во последниве години. Имаме многу награди на меѓународни натпревари, но мислам дека заостануваме во брендирањето, но ни фали и винска публика, којашто е наш бренд амбасадор. Малку се работи на вински фестивали, младите малку разговараат за виното. Ни треба малку разноликост во публиката, кога станува збор за дегустации.

Приказна: Зошто вино?

Крстевски: Виното е божји напиток. Со вино се раѓаме, со вино не испраќаат на другиот свет. Потекнува од земјата, од грозје, виното е најхигиенскиот напиток којшто постои на земјината топка. Ја облагородува секоја трпеза. Го подобрува варењето на храната. Виното има над 1000 вкусови.

За Приказна

Ване Маркоски

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,096FansLike
2,007FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ