Смеењето секогаш нѐ асоцира на нешто што е позитивно. Со смеењето искажуваме задоволство, радост, среќа, забава.
Смеењето претставува експресија на позитивно чувство на нашето лице, но и на целото тело. Нашиот мозок, како реакција на некои позитивни случувања, лачи хормони ендорфин, допамин и серотонин. Тоа се хормоните кои на нашето тело му јавуваат дека сме среќни. Како реакција на нивното создавање, доаѓа до активирање на нашата мускулатура и создавање на насмевката и смеење. Интересен податок е дека во моментот на смеење може да се активираат повеќе од 36 различни мускули. По активирање на тие мускули, повратниот сигнал се враќа во мозокот и дополнително го стимулира хормонот на среќа. Тоа е моментот кога насмевката прераснува во смеење и како бран поминува низ целото тело.
Стресот претставува ситуација во која нашиот организам се спрема за одредена ситуација да се бори или да бега. Хормонот на стрес го подигнува нивото на функционирање на организмот како би се одбранил од надворешните фактори. Тоа ја подразбира забрзаното работење на срцето и покачениот притисок. Од друга страна, кај смеењето и задоволството хормоните кои се лачат на нашиот организам му јавуваат дека сè е во ред и дека може да се опуштиме. Стресот претставува реакција на организмот на некоја надворешна ситуација која всушност прави промени во телото и во целиот организам на личноста која пред себе има некакво барање или предизвик. Кај многумина честите асоцијации за стрес се: нервоза, напнатост, анксиозност, преголема загриженост, чувство на притисок и сл. Стресот во организмот предизвикува низа промени. Покрај емоционалните, тука се когнитивните и бихевиоралните промени, односно промените во однесувањето, вели психологот Ивана Хаџи Иванова.
Самите позитивни емоции докажано е дека придонесуваат за добросостојба на нашето тело. Умот и делото односно душата и телото се поврзани. Самите наши позитивни емоции го лачат хормонот на среќа кој придонесува да се развиваат позитивни протеини во мозокот, кои придонесуваат за подобар крвен притисок, подобро срцево отчукување, подобар крвоток, намален крвен притисок, вели за Приказна психологот Марија Коневска.
Едно истражување покажало дека еквивалент на смеењето е консумирање 2.000 коцки чоколада или добивка на лотарија.
Позитивните ефекти по здравјето кои ги причинува смеењето се:
- Намалување на нивото на стрес. Хормоните кои се лачат во процесот на смеење се „спротивни“ на оние кои се јавуваат во стресни ситуации. Па така, кога сте под стрес, а се случи некој смешен настан, тој настан може да го намали нивото на стрес. Една од вежбите за намалување на нивото на стрес е смеење додека се гледате во огледало. На тој начин го збунувате вашиот мозок, па тој почнува да ги лачи хормоните на среќа.
- Го намалува притисокот и го успорува работењето на срцето, што на долг рок го штеди нашиот кардиоваскуларен систем.
- Го подобрува имунолошкиот систем. Релаксираноста која се јавува во текот на смеењето му овозможуваа на нашиот организам да добие време време, своите имунолошки сили да ги заздрави и употреби кога е најпотребно.
- Го намалува нивото на болки.
- Го подобрува расположението, го подигнува нивото на позитивност во животот и со тоа ја намалува веројатноста за развој на депресија.
- Смеењето ја подигнува самодовербата.
- Насмевката ја отвара вратата на успехот.
- Ја подобрува издржливоста и продуктивноста.
- Го продолжува животот.