Ирена Чаушевска Даниловска е автор на СВОЈА и основач на ЊуМенс Бизнис Акцелераторот. Во интервју за Приказна ги споделува клучните моменти како да се препознае насилството, но и како да им се помогне на жртвите на насилство, тргнувајќи од личната приказна. Книгата „Своја“ е инпиративен водич за сите кои се справуваат со слично животно искуство. Во неа, авторката укажува на три важни моменти при носењето на одлуката за напуштање на заедниците во кои има насилство, превенирање, поправање и обновување.
Приказна Која е главната порака на „Своја’?
Чаушевска Даниловска Главната порака е да се биде своја. Не е толку важно дали ќе се вклопите или ќе се издвоите. Најважно е да се пронајде она свое јас и на тој начин да се живее животот.
Приказна Кому се обраќате кога сакате да ја пренесете таа порака?
Чаушевска Даниловска „Своја“ во принцип раскажува за најзначајните, за клучните периоди во растењето и развојот на една девојка и жена. Токму девојките се пред се’ оние на кои се обраќа „Своја“. Посебно оние кои се пред некои животни предизвици, имаат извесни падови или грешки кои сакаат што поскоро да ги надминат.
Во еден дел се обраќам и на машката популација која сака да разбере како е да се живее со силна жена, но, како тоа да не ги исплаши. Напротив, како да и ја дадат потребната поддршка и љубов.
Приказна Што ве инспирира да ја напишете „Своја“ и на извесен начин да направите нешто со кое и Вие ќе инспирирате?
Чаушевска Даниловска Па, можам да кажам, мојата ќерка која ми помогна многу во животот да се себеспознаам и да преземам одредени чекори за подобар живот за мене и за неа. Таа во меѓувреме растеше и се развиваше, а јас се пронаоѓав во некои нејзини одлуки и размислувања.
Од друга страна, тоа беше еден вид, еден начин на мое помирување со одредени работи од минатото, што ми помогна да ги надминам. Штом ги споделив на социјалните мрежи во вид на кратки четива, добив огромна поддршка првенствено меѓу женската популација.
Одлучив дека е добро тие пораки да се оформат во вид на книга и да ги добие пошироката јавност.
Приказна Јавноста има впечаток дека лицата жртви на семејно насилство, не се охрабруваат да пријават насилство. Што беше пресудно во вашиот случај, за да ставите точка на насилството низ кое минувавте?
Чаушевска Даниловска Веќе споменав дека мајчинскиот инстинкт беше пресуден. Мојата ќерка во тоа време беше многу мала, но јас чувствував дека таа многу брзо ќе почувствува, ќе забележува, ќе гледа и сфаќа што се случува околу неа. Едноставно, не сакав да живее во таков свет.
Сметав дека колку порано прекинам, толку повеќе време ќе добијам да изградам одново поинаков живот за нас двете. Тоа беше првиот важен дел.
Вториот дел беше спознанието дека веќе почна да ми недостасува да бидам своја. За да може да се функционира во таква заедница, кога имате човек кој не се однесува рационално, јас секој ден престанував да правам работи кои ги правев дотогаш. Се надевав дека ако не ги правам тие работи, ќе влијаам да ја подобрам нашата заедница. Се откажав од хобија, се откажав од начин на облекување, од функционирање… од многу работи. Едноставно веќе не се препознавав во огледало која сум. Се движев како сенка.
Еден ден реков, доста е. Ова вака повеќе не може да продолжи, дека треба да се излезе од таа заедница која е неповолна.
Приказна Дали „Своја“ на извесен начин беше вашиот обид преку личен пример да им помогнете, да ги охрабрите лицата жртви на семејно насилство?
Чаушевска Даниловска Да, јас се обидов преку личен пример да споделам што е можно повеќе од тие моменти и како се носеше таа одлука. Гледав да внимавам на работите, посебно оние кои и јас можев да ги направам подобро.
Настојував да укажам на тоа дека многу е важно рано да се побара помош од најблиските, да се испланира добро заминувањето од таквата брачна заедница. Тоа не е обично, карактерно несогласување, што води до мирен развод и раздвојување на таа брачна заедница.
Кога постои семејно насилство е малку поразлично, поспецифично, па затоа мора добро да се планираат работите. Токму затоа, во тој дел, укажувам на моите грешки и на работите кои јас добро сум ги направила, со цел, оние кои се наоѓаат во таква ситуација, подобро да ја надминат.
Приказна Колку економската независност на жртвите на насилство е тригерот кој на некој начин ги држи во заложништво? Дали системот знае да го препознае тој момент?
Чаушевска Даниловска Да, економската зависност е важен елемент.
Она на што попрво сакам да одговорам во контекст на ова е дека во носењето на одлуката, има два елементи кои се поважни.
Прво е срамот, односно себепризнавањето дека сте направиле грешка, дека човекот со кој сте, сте го процениле погрешно. Вие едноставно треба да прифатите дека повеќе нема веќе да бидете во таа брачна заедница и тоа си носи со себе определени моменти, барем во некое време. И со тоа треба да се носите.
Јас никогаш понатаму не сакав да функционирам во улога на жртва, па затоа тој момент ми беше многу важен. Прво јас да си го признаам себеси, а потоа, како ќе го изнесам надвор.
Вториот момент е стравот, затоа што тука секогаш има и страв и безбедносни ризици. Тука е и стравот од непознатото. Знаете како, кога сте во таква заедница, колку и таа да е лоша, сепак сте навикнати на неа. Тоа знам дека кај многу жени им е значајно. Јас бев во таква брачна заедница три години, но, некои остануваат буквално во таква заедница со децении. Точно поради тој факт, дека се навикнати на заедницата и она што е надвор е непознато и ги плаши уште повеќе. Тие се плашат дека тоа може да биде уште полошо, како одговор од негова страна. Тоа ги парализира.
Економската ситуација понекогаш, ете може да биде и параван, за она што ќе правам, немам услови. Но, факт е дека некогаш и навистина нема услови.
Денес важно е да сфати, дека светот се дигитализираше, особено со пандемијата. Тоа создава многу шанси и можности за жените да можат да стекнат работно искуство, односно можат да работат на себе и на своето работно портфолио. Така може да се подготват и да обезбедат одредени приходи кои ќе им бидат потребни. За тоа, нема да мора да излегуваат од дома.
Јас би сакала да ги охрабрам жените кои минуваат низ такво искуство, слободно може да ме контактираат на страната на „Своја“. Јас сум достапна за разговор и за совет, секогаш.
Во делот на институциите, пред 10-12 години, кога јас се соочував со таа ситуација, беше на многу лошо ниво. Колку што знам, нема некои особени подобрувања. Она што е сменето е што се појавија невладини организации или здруженија кои нудат таква помош. Во времето кога јас се соочував, тоа го немаше и беше навистина тешко. Беше тешко да донесеш одлука и да се осамостоиш. Јас во неколку наврати се имав јавено на некои од телефоните на социјалните служби, но ништо. Буквално не добив никаква помош, ни поддршка. Добивав совети дека уште не се случило ништо толку страшно. Ние не може да преземеме ништо додека не се случи. А што откако ќе се случи?! Ние не треба да чекаме тоа да се случи, туку треба да превенираме.
Приказна Колку е важна психолошката поддршка? Во ваквите ситуации имаме и емоционално насилство
Чаушевска Даниловска Емоционалниот дел би рекла дека е најважен. Вие треба да сте ок со себе и одлуката која ќе ја донесете, за да може да се погледнете сами себе во огледало и да ја прифатите онаа, нова ситуација која ќе ја креирате. Затоа, психолошката поддршка е многу важна.
Денес е супер што постојат и здруженија од каде може да побарате и бесплатна помош и жените не треба да се срамат да ја побараат. Како што кога ве боли нешто одите на лекар, доколку имате емоционална дилема, дефинитвно треба да се обратите и да побарате помош.
Приказна Вие сте силата која ги разбира, охрабрува и поддржува жртвите на насилство. Кој беше вашата поддршка, тогаш кога требаше да се донесе одлука?
Чаушевска Даниловска Јас го одбрав потешкиот пат, во смисла надворешно настојував да прикажам дека сè е во ред, дека јас можам, дека тоа е одржлива ситуација, дека ќе се подобри. И настојував да се подобри.
Буквално во последен момент ја споделив ситуацијата со своите, затоа што никогаш претходно не сум ги загрижила со ништо. Дополнително, верував дека тоа е моја одлука, јас сум ја донела како возрасна, поради што нема зошто некој друг да се грижи за мене. Меѓутоа тоа беше грешка. Ќе беше подобро тоа да го направам порано. Во моментот кога им кажав, ми пружија огромно разбирање и безрезервна поддршка, за што ќе им бидам вечно благодарна. Особено за таа прва година, која е најтешка.
Дополнително, голема поддршка ми даде и мојот сегашен партнер и сопруг кој го запознав подоцна. Но, тоа беше многу важно. Како тој ќе ве прифати, како ќе го прифати детето, како вас ќе ве гледа. Со мојата професија на претприемач, многу е важно да имате човек кој ќе ве поддржува и сака, баш таква каква што сте.
За Приказна
Вики Чадиковска