Дома Инспирација Училишта со црвена линија

Училишта со црвена линија

За насилството во училиштата, разговаравме со Елизабета Петровиќ, семеен и системски психотерапевт.

Има примери кога училиштата не можат да се справат со континуирано насилно однесување на еден ученик . Сè почесто слушаме дека семејството не соработува, а насилството ескалира, што се случува?

Елизабета Петровиќ Во државава правиме кампањи, едукации, имаме протоколи, потписи… но нешто сепак не е во ред. Немаме конкретни интервенции за конкретни случаи кога се доаѓа до црвената линија. Го лечиме системот, без да ги лечиме луѓето… Да, проблем е кога семејството ја минира соработката и насилството ескалира, а се очекува решение единствено од училиштето. Од некогашната крајност учителот е закон, одиме во крајноста родителот е закон. Крајностите не се добри, децата ќе ги разбереме само ако имаме баланс, некаква добра средина… алијанса.

Сите знаеме дека постојат одредени состојби кај децата, одредени однесувања, со кои родителите и дома многу тешко се справуваат. Проблем е кога одбиваат да побараат  стручна поддршка. Го нормализираат нивното однесување и не прават промени во родителските вештини. Замислете дека вас ви се неопходни очила, но не ви е достапен офталмолог. Кај него мора да ве однесе некој што ве сака, ама тој не ве носи. Ќе ви се влошува видот, ќе бидете неуспешни, ќе бидете сè повеќе вознемирени. Така им е на тие деца. Не добиваат „очила“. Родителите можеби мислат ги заштитуваат, а всушност ги заглавуваат. Има и многу примери кога семејната дисфункционалност е причина за лошо однесување…  замислете дека дома ви се случува пожар,  но мора да бидете на работа и плус се очекува да се однесувате најнормално. Така им е на децата на кои дома им гори. Не се лоши, лошо им е.

Има различни приказни, за сите важи еден повторувачки образец. Заробени сме во два паралелни круга. Во првиот е ученикот со апел – лошо се чувствувам.  Кога лошо се чувствува, детето лошо се однесува… континуирано повредува или се самоповредува. Паралелно, влегуваме во вториот – кругот со меѓусебни обвинувања на возрасните кои си ја префрлаат вината, односно одговорноста едни на други… тоа е наша македонска болест и за други важни прашања. Мислам дека на многумина не им е јасно колку ваквата состојба секојдневно влијае на децата и што всушност се случува во училница. Возрасните не го разбираат и не му помагаат на детето, а паралелно не ги заштитуваат и не им обезбедуваат нормален воспитно-образовен процес на другите.

Што точно се случува кога семејните проблеми се прелеваат во училиште?

Елизабета Петровиќ Кога едно дете влегува во училница, со него влегува и неговото семејство. Ако тоа дете дома е запоставено….или ако расте без граници…. има многу причини и затоа сите приказни се различни, но еве ќе опишам еден пример за да го разбереме образецот… ако детето е константно критикувано, казнувано, удирано и зад него стојат родители насилници како модел, кои го игнорираат, го нормализираат, па дури и јавно го поддржуваат насилството… како може учителот  да го реши проблемот? Наместо да гради мостови меѓу децата, го ставаме во позиција буквално секојдневно да биде жив ѕид за да не настрада некој ученик. Нема да се справи со дете што има емоционални и бихевиорални проблеми, не почитува правила, не се договара, нема самоконтрола. Родителите на тој ученик велат виновни се другите деца, наставникот, директорот…. не им дозволуваат на училишните служби да помогнат, се закануваат, забрануваат да се разговара со детето… се фалат со сопственото насилство. Другите родители се приморани да ги учат децата да игнорираат, да се бранат… училиштето бара поддршка од надвор… и така во круг.  Се дозволува децата од цела паралелка да немаат нормален воспитно-образовен процес! Кога постојано лебди неизвесност, непочитување на елементарни правила во училницата, кога учениците се чувствуваат небезбедно, тоа директно влијае на нивното учество, на нивните резултати од учењето, па дури и на нивното присуство – има деца кои не сакаат да одат на училиште затоа што се малтретирани или исплашени. Некогаш помалите деца почнуваат дома да го имитираат оној на кој сѐ му е дозволено. Некои од сведоците на таквото однесување може да покажат реактивна агресија, како реакција на одбрана, па има и апсурдни ситуации – родителите на ученикот што континуирано ги напаѓа другите носат медицински белешки и го претставуваат нивното дете како жртва. За жал, има ученици сведоци на насилство кои со тек на време се приклонуваат кон оние кои така се однесуваат, па се регрутираат нови деца со несоодветно однесување. И конечно, од овој проблем не успеваме  да ги видиме оние кои не пројавуваат  екстремни симптоми… ги пропуштаме осамените, „невидливите“… ги пропуштаме децата на кои им требаме.

Што може да биде решение кога родителите одбиваат конструктивна соработка? 

Елизабета Петровиќ Време е да ја смениме перцепцијата дека училиштата можат сами да се справат со секое однесување, со секоја состојба или дијагноза, доколку родителите не соработуваат. Решението го гледам во мобилни екипи од МОН кои на повик на училишниот инклузивен тим експресно ќе реагираат кога ќе се дојде до црвената линија. Ако еден ученик континуирано го нарушува воспитно – образовниот процес, ја загрозува сопствената или безбедноста на другите деца, па и на вработените, тоа е црвената линија. Исто така, потребна е итна реакција и во случаи кога имаме закани или индиции за некакво насилство. Тоа секако би биле тимови од пихолози, педагози, терапевти…

Прво, потребна ќе биде холистичка опсервација на ученикот кој има проблематично однесување. Да се види дали е тоа дете со потенцијално или експлицитно насилно однесување, дали е вистинска темпирана бомба… дали станува збор за асоцијално или антисоцијално однесување… Крајно време е многу сериозно да разбереме дека за жал има и деца со сериозни рани, кои не може да ги лечиме со лепење фластер. Болката што ја чувствуваат може да е толку силна, што тие тогаш се самоповредуваат,  повредуваат…

Покрај таа холистичка опсервација на ученикот, задолжително да се направи проценка на семејството. Родителите се одговорни за тоа како дома ја уважуаваат детската автентичност, ги уважуваат детските потреби и емоции, одговорни се за семејните релации, улоги, граници… Велат – Ако детето не ја почувствува топлината на селото, ќе го запали селото. Тоа е точно. Што поголема рана, поголема драма. Поголема потреба за повеќе публика. Па затоа, место во паралелка, проблемите некогаш ескалираат и „се решаваат“ во медиумите.

Што друго може да помогне, освен работа со ученикот и проценка на семејството?

Елизабета Петровиќ Најважното! Родителите веднаш ќе бидат вклучени во задолжителна конкретна соработка, во најдобар интерес на нивното дете, од перспектива на тоа дете. Нема да може да се продолжи со нерешавање на проблемот, со изговор – детето има право на образование како сите деца. Има, но веројатно не се задоволени некои други, во тој момент за него поприоритетни лични потреби. Затоа мора активно да се вклучат и да прават промени, да преземат одговорност, а со директни интервенции во соработка со училиштето да се осмисли воспитно-образовен процес за тој ученик.

Напоредно, училиштата се должни да продолжат со превенирање и едукација.  Тоа го прави секој учител кој секојдневно си ја работи својата работа – насилно однесување најдобро спречувате со ненасилно однесување во паралелката, кога од неа градите второ семејство….  Да, имаме и некомпетентни наставници… имаме училишта кои се далеку од доволно добри… но ова е прашање од друга комплексна тема…

Има ли Македонија човечки ресурси да се справи со овој проблем што е присутен во целиот свет?

Елизабета Петровиќ Потребна е сериозна политичка одлука… па и индивидуална, а предолго сме анестезирани…  но, уште имаме социјален капитал, а се надевам и дека доаѓаат  генерации кои нема да го нормализираат повторувачкиот образец на насилно однесување насекаде, не само во училиштата. Затоа ќе ви одговорам – да, во овој зовриен свет, во нашиов полузаспан македонски контекст, може да се подобри начинот на кој се справуваме со училишното насилство, а и со секое друго. Сите познаваме добри луѓе… имаме генерации татковци подеднакво вклучени со мајките во растењето на децата, баби и дедовци кои им помагаат на вработените родители, семејства со семејни вредности, грижливи соседи… професионалци со вистински дипломи…  луѓе на кои можеме да се потпреме за да градиме подобар општествен имунитет. Го имаме она што во некои држави од кои упорно препишуваме и помалку го има, ама не го гледаме…  

И ајде да видиме колку сме важни сите ние „обични“ учители и родители… Родители и учители поврзани за децата кои ги подобруваат родителските и учителските вештини за да ги разберат и да ги заштитат денешните деца кои растат во светот на технологијата и вештачката интелигенција.

В.Ч.

Exit mobile version