Дома Најнови Филип Стојановски: Потрагата по вистината е суштински важна и за нас како поединци, но...

Филип Стојановски: Потрагата по вистината е суштински важна и за нас како поединци, но и за општеството

Филип Стојановски е програмски координатор во Фондацијата Метаморфозис. Со него разговаравме за штетата која ја предизвикуваат дезинформациите, како и начините како да се справиме со дезинформативните битки

Приказна Кој одлучува што е вистина а што лага?

Стојановски Она што е исклучително важно е да видиме со кој став доаѓа слушателот, односно учесникот во даден разговор. Доколку имаме луѓе кои не сметаат дека треба да живееме во демократско општество, тогаш ни вистината не е проблем за нив, бидејќи демократијата зависи од вистината.

Ние сме одбрале да живееме во демократско општество како заедница и во тој смисла, исклучително важно е да се посветиме на потрага по вистината. Тоа не е апстрактна вистина со која ќе ја откриеме смислата за животот, ниту пак е идејата дека вистината е нешто што треба да дојде и да биде одобрена само од еден извор. Во конкретниот случај, од аспект на слободното новинарство, независни медиуми и информирани медиуми, се работи за онаа вистина која е едноставно опиплива, вистината којашто може да се утврди со научни методи, со методи на новинарско истражување, методи на испитувања кои се валидни за функционирање на нашите институции.

Често доаѓаме до лажни дилеми дека не може да се најде вистината, и затоа нема потреба да ја бараме. Вистината може да се најде, односно дали некој кажал вистина или лага во врска со конкретна ситуација којашто влијае врз нашиот живот. Ако имаме заразна болест која е смртоносна за одреден дел од населението, тогаш јасно е што треба да се направи во тој момент. Да се дадат вистинските информации, а не да се шират дезинформации.

Приказна Доста време истражувате. Што кажуваат податоците од последното истражување? Кому веруваат кому не веруваат нашите граѓани?

Стојановски Фондацијата Метаморфозис објави истражување во мај, каде преку анкета и фокус групи, се потрудивме да добиеме конкретни сознанија за тоа која е подложноста на дезинформации на нашето население или одредени групи во него. За жал, анализата покажа дека има огромна потреба од работа на ова поле. Има огромна потреба на граѓаните да им се овозможи да дојдат до вистинските информации и да се стекнат со вештини со коишто ќе можат да се одбранат во случај кога дезинформациите ќе ги нападнат. Она што за прв пат при вакви истражувања го утврдивме кај нас е дека кај граѓаните не само што постои свест за потребата од заштита од дезинформации, туку се јавува барање од граѓаните, да се направи нешто на таа тема. Со ковид пандемијата, сè уште ги чувствуваме последиците од дезинформациите.

Во сферата на политиката, особено на безбедноста, дезинформациите играат огромна уништувачка улога, уништувајќи ги надежта во позитивни промени, а потоа и правење на реални опструкции во политичките процеси чија крајна цел е да донесат полза за сите граѓани. На пример, попречување на интеграции или поддршка за војни.

Дезинформациите можат да бидат опасни и краткорочно, и долгорочно. Но, може да не засегнат и лично нас како општество, и како поединци.

Приказна Што покажуваат податоците од вашето истражување?

Стојановски Она што го утврдивме со истражувањето е дека граѓаните бараат и од медиумите поголема одговорност, но бараат и на некој начин и државата да обрне внимание на проблемот со дезинформации.

До вистината во модерно општество се доаѓа преку јавна дебата, преку примена на знаењето на научници и стручни лица, а од друга страна не би требало да биде предмет на методи со коишто може да се манипулира. Не може да се креира вистината преку реклами или преку политичка пропаганда. Тоа е веќе вештачко наметнување на нечија „вистина“ која е различна од објективната. Кога ги објавуваме резултатите, имавме низа консултации во кои и нашата заедница на медиуми претставена од Здружението на новинари, исто така укажаа дека и тие го согледуваат ова како проблем.

Една позитивна работа е кога луѓето разговараат за овие теми, упатуваат јасни пораки, јасно е дека ќе дојде до некаков консензус преку кој заеднички ќе се реши како општеството ќе се бори против овој проблем. Кај голем дел од носителите на одлуки постои политичка волја. Треба да се бараат начини, без да се наруши слободата на изразување да се спротивставиме на дезинформациите.

Приказна Колку луѓето сфаќаат дека можат да придонесат во процесот на дезинформации? Ако се знае дека имаме нарачател, некој кој ги изготвува и имаме луѓе кои ги шират. Дали сфаќаме дека и ние имаме улога во тој процес?

Стојановски Секако дека личната одговорност е многу важна и таа треба да се негува. Живееме во свет кој постојано се менува со новите технологии политички и други случувања. Треба да учиме како да се однесуваме кон содржините.

Како читатели кога ги примаме информациите од интернет, понекогаш сме способни да забележиме дека некоја фотографија е работена во фотошоп, но, не сите се опремени тоа да го прават. Ние доаѓаме и во традиционалната демократска култура, она што би требало да биде како појдовна основа, тоа е доверба во институциите, не само во државните, туку доверба во медиумите, здравствениот систем, научната заедница итн. Кај нас постои огромна недоверба во институциите.

Во демократскиот систем имаме недемократски сили кои го злоупотребуваат, а се претставуваат како пријатели на народот, како бранители не некоја етничка група, со цел да ја искористат моќта која ќе ја добијат од граѓаните.

Страшно е тоа што таквите ликови, организации, функционираат не само со ширење на дезинформации, туку и преку ширење на сродни методи како што се ширење на страв, недоверба кон некој друг, претставување на себе си како спасител, а сите други како предавници, непријатели, со што оневозможуваат и самото општество понатаму да се развива.

Нормално е во демократско општество да имаме различни ставови за оние работи коишто се предмет на интерпретација, но за работите како што се медицински факти, научни факти, работи коишто можат да се проверат преку полициска истрага, тоа се факти и не треба да бидат предмет на манипулации. Многу е важно да тргнеме од тоа дека голем дел од населението е веќе подложно на дезинформации, и има потреба да ги стекне оние вештини кои ќе му овозможат да ја препознае таа подложност.

Вистиномер ги бележи ветувањата или изјавите на политичарите. Но, тоа е само еден од стотици медиуми коишто од друга страна го пренатрупуваат јавниот простор со дезинформации или манипулации, и нашите граѓани имаат потреба од повеќе помош.

Приказна Може ли медиумската писменост да помогне во справувањето со дезинформациите?

Стојановски Дефинитивно, медиумската писменост е една вештина, исто како што е возењето автомобил. Таа е неопходна во денешниот свет.

Пред 150 години во Македонија, најголем медиум било усното раскажување приказна, пред 50 години биле весниците и телевизијата. Сега, имаме малку поинаква ситуација, но сепак принципите на разбирање на тоа што се случува и што се пренесува како информација, во основа се исти. Важно е на секое ниво да се стекне способност за критичко размислување, кој е дел од медиумската писменост.

Трагично е што она што го нарекувавме пандемија, со наплив на дезинформации, беше тоа дека приказни од научни филмови со ставање на чипови, вонземјани, беа искористувани како вистина. Тоа беше малку поразително, гледајќи како околу нас веруваат во нешто што најголем дел од луѓето знаат дека не може да е точно.

Документарен магазин Приказна на тема eфектите од дезинформациите

Во минатото, напорите за развој на медиумска писменост беа поддржувани од нашите пријатели од странство, од страна на ЕУ и други донатори. Се создаде еден генерален консензус дека тоа навистина е потребно. Многу проекти беа извршени во тој период, меѓу кои беше и еден проект на Метаморфозис наречен Критинк.

Медиумската писменост не е работа само на медиумите. Таа е работа и на училиштата, на граѓанските организации. Низа организации имаат искуство со медиумски манипулации и многу е важно, овие вештини за медиумска писменост и критичко мислење, да ги стекнат сите што работат во општествените сфери.

Имаме потреба од едукација на повеќе начини, пред сè преку медиумите. Во минатото образовната улога на медиумите беше многу посилна, од сега. Дел од нив, иако треба да имаат образовни програми, тие се сведени на формалност, наместо обезбедување на продукција којашто ќе ги информира и едуцира граѓаните до ниво на стекнување на конкретни вештини. Верувам дека како расте општествената клима којашто бара ваков одговор од сите чинители, така и медиумите ќе сфатат дека треба да одат и по пример на јавниот сервис, кој ја зголеми својата образовна програма.

За Приказна,

Вики Чадиковска

Exit mobile version