Денес во 17:30 часот во просториите на Europe House ќе се одржи информативна сесија која има за цел да ја подигне свеста за различните европски и национални финансиски фондови кои финансираат проекти поврзани со културата во Северна Македонија.
Настанот ќе го промовира и Балканскиот водич за финансирање на проекти во областа на културата (Mobility Funding Guide for the Balkan Region) кој ќе им овозможи на учесниците да се запознаат со споменатите фондови, начини на аплицирање и можност за соработка со други културни институции од Европа и регионот. Дополнително, настанот ќе понуди можност за разговор и потенцијално вмрежување на претставници од институции поврзани со независната сцена и националните културни институции од земјата кои ќе можат да разменат знаења и практики.
Настанот ќе го предводи Д-р Филип Петковски кој беше дел од работилницата за развивачи на културна мобилност (cultural mobility developers), поддржана од организациите Motovila (Љубљана) и On The Move (Брисел) која се одржа помеѓу 26 и 28 септември во Љубљана и Крањ, Словенија.