Дома Најнови Филип Петковски: За да живее танцот, мора постојано да се менува

Филип Петковски: За да живее танцот, мора постојано да се менува

Во Македонија постојат стереотипни размислувања дека танцот е фолклор, а со тоа значи дека не смее да се менува и треба да се одржува некоја постојана форма. Тоа оди контра теориите за нематеријално културно наследство. За нешто да живее мора постојано да се менува, да се адаптира во културата во која живее, за да опстојува и да се пренесува на идните генерации, вели Филип Петковски, танцов историчар и теоретичар за Приказна. Неговиот танцов перформанс Популус ќе биде прикажан во програмата на МОТ на 14 ноември во 20 часот.

Може ли танцот да го користиме како алатка за зачувување на културното наследство?

Филип Петковски Ако зборуваме за културното наследство и репрезентативна листа на нематеријално културно наследство на УНЕСКО, танцот е најбројната и најпопуларната категорија односно најголемиот број на елементи што се заштитени на таа листа вклучуваат некаков вид на движење или танц. Единствениот начин за танцот да се смета како нематеријално културно наследство и да живее е да се изведува. Неговиот медиум е изведбата.

Во Македонија постојат стереотипни размислувања дека традиционалните танци се фолклор, а тоа значи дека не смеат да се менуваат и треба да одржуваат некоја постојана форма. Тоа оди контра теориите за нематеријално културно наследство. За нешто да живее мора постојано да се менува, да се адаптира во културата во која живее, за да опстојува и да се пренесува на идните генерации.

Меѓутоа, традиционалните танци и понатаму се сметаат како фолклор, особено ако збориме за конкурсите за финансирање на проекти од национален интерес при Министерството за култура. Понатаму, танцот не постои како засебна категорија, туку се води како музичко-сценска уметност. Зборот танц речиси и воопшто не постои во официјалниот дискурс, па многу е и нормално дека нема напредок на таа тема.

Кога говориме за ова, се чини дека живееме во некое минато време, наместо во сегашноста. Сметате ли дека треба на традиционалните танци треба да им дадеме некаков популистички момент за младите да го прифатат како дел од нивното живеење?

Филип Петковски Во танцовата култура во Македонија, традиционалните танци ги промовираат културно уметничките друштва. Меѓутоа, содржината на материјалот е иста како од 50-те години на 20 век, кога многу од кореографските постановки се создадени и од тогаш нема никакви промени! Според мене, многу е нормално дека ваквиот тип на презентација, кој е репетициски и не е иновативен, е досаден за многу млади луѓе.

Кај младите се популаризираат, на пример, странски танцови практики како што се латино американските танци, кои сепак се традиционални танци, меѓутоа за многу луѓе тука се егзотични. Играњето оро не се некоја омилена тема кај помладата генерација. Тоа е затоа што танцовиот репертоар кој почнал да се создава во 50-те години на 20 век не се обработува, изменува и осовременува за да биде популарен кај младите.

Дали со танцовиот перформанс Популус се обидовте да направите некоја позитивна промена?

Филип Петковски Популус беше инспириран од слични танцови проекти и движења кои се случуваа во регионот, кои за цел имаат да ја осовременат традиционалната култура. Мојата идеја беше да најдам нешто што ги спојува сите заедници кои живеат во Македонија, да најдам што е заедничко, дали во костимот, дали во музиката, или движењата и да направам некаков продукт, односно танц театар, преку кој на некој посовремен начин ќе го претставам танцовото наследство на народите кои живеат тука.

Во Популус работеа танчари кои се занимаваат со балет, современ танц, традиционални танци и беше еден експериментален начин на соработка. Од завршниот продукт, сум многу задоволен. За мене беше најважно ваквиот проект да се случи, во каква било форма, бидејќи се надевам со Популус ќе инспирирам и други кореографи да почнат да работат на оваа тема, бидејќи нашето танцово културно наследство е толку автентично и може да биде бесконечен извор на инспирација. Публиката ќе може да го погледне Популус, кој е дел од програмата на МОТ, на 14 ноември, во МКЦ, со почеток од 20 ч.

Колку политиката и танцот може да се спојат?

Филип Петковски Политиката и танцот се многу споени. Нема танц што е аполитичен, особено кога зборуваме за традиционални танци.

Јас би рекол треба малку да се раздвојат, бидејќи поради одредени случувања во државата, сè што е на тема традиционални танци и традиционална музика почна да се стереотипизира и да станува продукт на некои националистички идеологии и да се смета за десничарско и конзервативно, бидејќи традиционалните танци и традиционалната музика прекумерно се користеа во одредени политички пропаганди. Мислам дека треба да се отпочне некаква кампања во јавноста за да се стави до знаење дека овие теми никако не се врзани со некаква политичка партија, туку се оригинални облици на некаква уметност кои постојат во одредени средини и дека не е нужно тие да се врзуваат со нацијата или со историјата на државата и да се користат само за такви потреби.

Колку современиот танц ја покажа слободата на искористување на капацитетите на телото на сцената кога се во прашање танчарите?

Филип Петковски Мислам дека современиот танц во Македонија зема голем замав. Тука најзадолжена е професорката Рисима Рисимкин од катедрата за современ танц, потоа отворањето на Скопје танц театар и нивните продукции. Што значи, постојат институции кои ја промовираат оваа тема и при самата таа промоција се појавува интерес кај младите да се занимаваат со тоа. Ќе сретнете многу млади луѓе кои не се занимавале со современ танц, но се занимавале со некој танц, а кога почнале да одат на часови по современ танц, и да се занимаваат со таа уметност, на некој начин се чувствуваат ослободени, односно многу подобро го запознале сопственото тело.

Сепак, танцот е експресивна уметност. Танчарите и луѓето во таа уметност не говорат, туку говорат со телата.

Докуметарен магазин Приказна

Каква е улогата на танцот во едно општество? Дали танцот може да го модификува општеството?

Филип Петковски Апсолутно може да го модификува и може многу позитивно да влијае врз психичкиот развој на еден човек. Секој што се занимава со танц, може да ви каже како се чувствувал пред и после тоа. Танцувањето не е ништо апстрактно, тоа е еден чин на говорење со сопственото тело и искажување на некаква емоционална или ментална состојба, користејќи го телото. На пример, еден од најпознатите светски кореографи, Охад Нахрин, често одржува танцови работилници на плоштадот во Тел Авив во Израел, каде што учествуваат непрофесионални танчари туку обични луѓе, кои доаѓаат да вежбаат Гага, техника кој тој самиот ја има измислено. На секое наредно собирање доаѓаат сè повеќе луѓе и публиката се зголемува.

Сакате да кажете дека танцот влијае позитивно на менталното здравје?

Филип Петковски Апсолутно! Ако кој било доктор или психолог ви препорача некаква физичка активност, не мора тоа да значи дека вашите опции се одите на хајк, да го искачите Водно или да трчате на кеј. Танцот спаѓа во таа физичка активност и вистински позитивно може да ви го промени животот.

Има некои истражувања кои велат дека народите кои го практикуваат танцот како дел од нивната култура се посреќни и полесно се справуваат со стресни ситуации

Филип Петковски Видете, невозможно е во кој било контекст кога ќе имате музика и треба да правите некакво одредено движење, многу се помали шансите да се осетите потажно или нерасположено, наместо да се осетите посреќно. Сакам исто така да нагласам дека танцот не мора да биде нешто што се прави со или за некого. Танцот може да биде нешто што може да го правиме и сами дома и не мора истиот само да се практикува на сцена или во диско или на свадба. Танцот може да биде нешто што го правите само за вас и може да биде еден вид на терапија.

Вики Чадиковска

Exit mobile version