Дома Инспирација Личната приказна на Кирил Јанчовски: Трансплатацијата ми го спаси животoт

Личната приказна на Кирил Јанчовски: Трансплатацијата ми го спаси животoт

Кирил Јанчовски е човек на кој му е извршена трансплатација на бубрег. За Приказна ја раскажа својата лична приказна.

Пред колку време ви беше извршена трансплантацијата?

Кирил Јанчовски Трансплантацијата беше извршена пред скоро 4 години. Тоа се случи ненадејно. Во тој момент бев на дијализа околу една година. Во тие моменти, тоа беше начин на функционирање. Немаше други опции. Понеделник, среда и петок по 4 часа бев на дијализа. Колку повеќе денови не одиме на дијализа, се собира поголема количина на вода, којашто мора да ја извади апаратот за дијализа. Тоа значи ако бубрезите работат секојдневно, постојано кај здрав човек, машината треба тоа да го сработи за 4-5 часа за наназад 8 часа што бубрезите не работеле. Крвта треба да ја извади, да ја филтрира и да ги исфрли токсините што се во организмот. Нема опција за одложување. Мора да се почитува упатството од докторите.

Како живеете пред тоа, со какви проблеми се соочувавте?

Кирил Јанчовски Во мојот случај се работеше за автоимуна болест. Науката нема сè уште откриено зошто се појавуваат овие автоимуни болести.

Сè започна со обична крвна анализа во лабораторија, кога почнав да посетувам клиника, испитувања ми кажаа дека имам од 6-7 години до дијализа, но болеста брзо прогресираше и за една година се најдов на дијализа. Опцијата беше што е можно побрзо да се оди на дијализа, со цел да не се оптоварува срцето и другите органи. Со цел да се почне дијализата, мора прво да се направи операција. Тоа е фистула што се прави на раката. Без таа фистула не можеме да се приклучиме на апаратот за дијализа.

Направив операција и за 3 недели почнав со дијализата. На почетокот беше многу тешко. Одев околу 2 месеци на клиника, додека се навикне организмот. Сите што почнале на дијализа, ги поминале тие чекори. Ме внесуваа и изнесуваа со количка. Имав големи проблеми со коските на почетокот, со движењето. Една година бев на дијализа, пред да го добијам повикот од клиниката, да дојдам бидејќи има компатибилен бубрег со мојот.

Јас веќе ги имав направено сите испитувања со цел мојата мајка да биде донор, меѓутоа и таа не можеше да ми го донира бубрегот, поради здравствени причини. Кога ми се јавија од клиниката, требаше да одговорам за 15 минути. Прво што помислив е што може да се случи, немав многу време за да читам на интернет, како е процент на успешност и слично и само реков ќе одам.

Другата опција ми беше да продолжам да живеам уште не знам колку години, може да значи уште една година, а може уште 30. Тие беа опциите. Имав чувство на збунетост. Откако се појавив на клиника, ни објаснија докторите каква е целата процедура. Направив една интервентна дијализа, 4 часа пред операцијата и потоа почекав некој период, бидејќи се вршеа подготовките. Сè помина добро. Немам никаква забелешка. По две недели во болница, ме отпуштија и почнав полека да се враќам во нормала.

Како изгледаше животот после?

Кирил Јанчовски Кога заврши сè после 3 недели, уште два до три месеци мора да се внимава многу на зарази, вируси. Откога сè заврши, имам терапија којашто секојдневно мора да ја примам. По тие три месеци, започнав да се враќам во нормала со извршување на секојдневните обврски.

Што за вас значеше трансплантацијата?

Кирил Јанчовски Трансплатацијата значи живот. Некои луѓе во тој момент на тага, одлучиле да спасат други два животи. Тоа е најголемиот и најхуман чин што може да се случи. Во тој момент сите реагираме различно. Тие луѓе се одлучија да помогнат и ми го спасија животот. Имаше пациенти кои одеа и 20 години на дијализа, имаше и такви кои одеа неколку години и го завршија животот. Дијализата ги оштетува и другите органи. Имам голема благодарност и до фамилијата и до докторите.

Документарен магазин Приказна

Како да ја зголемиме свеста за органодарителството кај нас?

Кирил Јанчовски Со оглед на тоа што со мојата ситуација успеав да запознаам многу пациенти, мора да се зголеми свесноста не само двојно, туку и повеќе од тоа. Колку повеќе трансплантации ќе се направат, толку повеќе животи ќе се спасат.

Ване Маркоски

Exit mobile version