На 26 јули 1963 година, во 5 часот и 17 минути, Скопје е разурнат од земјотрес со јачина од 9 степени по Меркалиевата скала (MCS), односно магнитуда од 6,1 степени и длабочина од 5 до 7 км. Главниот потрес траел 20 секунди, а помали потреси имало до 5 часот и 43 минути.
Јас сум предземјотресно дете, ја започнува својата приказна за сеќавањата врзани за 26 јули 1963, новинарот Ѕвездан Геогриевски. Имав две години и не бев во Скопје. Роден сум во Словенија и таму живеев. Првата асоцијација на земјотресот секогаш ми е дека тоа е пресвртница за жителите за овој град, за оние кои го преживеаа тоа, за оние кои имаа загуби, за оние на кои им се срушени куќите. Но, пресвртница е и во мојот живот. Татко ми е воено лице. Кога се случува земјотресот, повеќето воени лица од Скопје бараат прекоманда во други градови. Тоа се трауми, смрт околу вас, урнатини. Татко ми тука ја видел шансата и побарал прекоманда во Скопје и успешно ја добил. Скопје е градот на мојата младост. Да не бил тој земјотрес веројатно ќе сум живеел во некој друг град, додава Ѕвездан.
Потресот разурнал 15.800 стана, а оштетени биле 28 илјади.
По кажувањата на мајка ми, зградата каде што сме живееле во Словенија тој 26 јули, рано сабајле дотрчала сосетката и плачела, не можела да дојде до зборови. Мајка ми помислила дека и се случила некоја трагедија. Потоа сосетката само кажала „Скопје го нема“. Цела Словенија ја имала таа емпатија кон градот. Јас дојдов тука кон крајот на 1964 година, татко ми 1963 година. Кога дојдовме во зградата, во Центар, тука имаше една ромска заедница со мали куќарчиња кои 90% беа срушени од земјотресот. Епицентарот беше кај железничка станица. За нас како деца беа вистинска атракција тие урнатини. Рипавме, скокавме, игравме. Многу брзо пред моите очи почна да се гради Скопје. Се беше во некои тараби, заградено. Се градеше Градски Ѕид, се градеа блоковите, Домот на АРМ, Народна Банка, Железничка станица, се присетува Георгиевски.
Јас растев заедно со Скопје. Кога беше најубав и најпријатен за живеење и јас бев исто така. Имам многу пријатели што биле деца кога се случил земјотресот. Знам дека секаде каде што биле скопските деца, биле пречекани со голема емпатија, со внимание, сочувство. До ден денес се фалат како убаво поминале кога отишле надвор од своите домови.
Од тие приказни за Скопје, мене ми е интересна таа за поранешниот премиер на Канада, татко на сегашниот премиер Џастин Трудо. Таа 1963 година бил студент. Бил со мотор на обиколка на Европа и скопскиот земјотрес го фатил во Париз. Кога слушнал за оваа катастрофа, го запалил моторот, дошол во Скопје и останал тука неколку дена да помага, раскажува Георгивски.
Драга ми е приказната за Карло Метикош, познат хрватски музичар. Кога слушнал за земјотресот, се качил на воз со својата гитара, дошол во Скопје и бидејќи не знаел како да помага, се качил на некој камион на тогашната ЈНА со својата гитара и свирел таму каде што војниците ги расчистувале терените. Имало многу катастрофи после Скопје, многу несреќи, но таа некоја солидарност што тогаш се покажа првенствено помеѓу граѓаните на Скопје, на Македонија па и на целиот свет, мислам дека никогаш не се повтори, раскажува Георгиевски.
Од овој ден, Скопје го носи и името Град на Солидарноста, бидејќи први на помош дошле војската и граѓаните на тогашните југословенски републики, а само неколку дена по разорувачкиот земјотрес, помош почнала да пристигнува од целиот свет, со што Скопје стана светски град на солидарноста.
Скопје е град на солидарноста. Жал ми е што Скопје нема музеј на солидарноста, што не ги негуваше тие денови на солидарноста. Тоа беше манифестација првите години после земјотресот. Ниту градот е солидарен кон другите, ниту ја користи таа солидарност што тогаш луѓето ја имаа. Легендарна е таа приказна дека руската и американската војска прв пат се сретнуваат во Скопје, но таа волја за помош на еден град секогаш ме фасцинира. Во мексиканските пакети што одеа кај деца по училиштата, имаше џамлии. Скопјани прв пат тогаш видоа џамлии. Тие беа игра на мојата младост. И поради таа несреќа, се случија работи кои малку цивилизациски нè променија, споделува Ѕвездан.
Многу е важно да се потсетиме на искуствата и поуките од минатото, да се навратиме на суштинските вреднсти како соживот, грижата за другиот, емпатичноста, но притоа и да не ја изгубиме од фокусот потребата за одржливост во времето во кое живееме. Во последниов период сведоци сме на урбаниот хаос, кој може да ја нагласи нашата ранливост пред природата. Скопје стан град на пренатрупаност и пренаселеност, нечистотија, гужви.Токму и затоа ни се потребни нови и професионални визии и идеи за тоа како треба да изгледа нашето Скопје. Во 21 век ни требаат паметни градови, а Скопје заслужува да биде тоа.
Кога се градеше Скопје, овие бетонските згради беа пречекани контроверзно. На некои луѓе им се допаѓаа, на некои воопшто не. Мислам дека беше некоја психолошка намера да се стават јаки бетонски згради, без фасади да се види дека никаква несреќа не им може ништо, дека градот повторно ќе биде силен и не може повторно да му се случи таква катастрофа. Тоа се виде кога изгоре поштата и муралот на Борко Лазески. Старата железничка станица која беше монументален споменик успеавме да ја обезличиме. Споменикот на Томе Серафимовски, на жртвите од земјотресот што беше пред железничката станица сега е „фрлен“ пред Универзитетска библиотека. Имам чувство дека таа една владејачка гарнитура што беше тогаш, сакаше да тргне секаков спомен од тој земјотрес и да тргне секаков спомен на таа солидарност, дека некоја комунистичка земја можела да има солидарност. Во Југославија се одбиваше 1-2 години по 2% од плата за помошта на Скопје. Не се слушна ни еден глас, ни од републички раководства, ниту од луѓе зошто да даваат пари за Скопје. Убеден сум дека тоа е дадено со добра волја. Тогаш бевме луѓе, вели Ѕвездан.
Неколку дена по земјотресот, 35 нации побараа од Генералното собрание на Обединетите нации помошта за Скопје да биде ставена на дневен ред на првата наредна седница на Генералното собрание. Во 1965 година е прифатен новиот Генерален урбанистички план, изработен од домашни архитекти во соработка со Полсервис од Полска, а под раководство на Адолф Циборовски. Планот содржи: три главни станбени зони, индустриски и деловни зони, како и зона за масовна активна рекреација. Посебно внимание му е посветено на сообраќајното решение со издвојување на транзитниот сообраќај. Централното градско подрачје на Скопје ја добива својата физиономија по меѓународниот конкурс за негово урбанистичко решение. За победник на овој конкурс е прогласен афирмираниот јапонски архитект Кензо Танге, кој понудил компактна изградба и релативна изолираност на градскиот центар. Домашни и странските архитекти учествувале со масовната обнова и градба на новото Скопје.
Обединетите нации се симбол на светот. Колку што знам, беше распишан меѓународен конкурс со меѓународни жири комисии. За централното градско подрачје победи екипата на Кензо Танге и една екипа од Загреб. Жирито рече 60% од Танге, 40%‚ од Хрватите. Постои една анегдота дека Кензо кажал дека повеќе во комунистичка земја нема да работи. Ако е тоа точно, верувам дека некои бироа биле „поголеми“ архитекти од архитектите, па нешто средувале. Градоначалникот во едно интервју изјави дека сите објекти кои ги гледаме се 40% од помошта, 60% е под земја. Факт е дека Скопје немаше канализација, немаше инфраструктура. Тој земјотрес е искористен барем малку Скопје да заличи на град. Факт е дека тогаш е направена атмосферска канализација. Денес градот е покриен со 30% атмосферска канализација направена од земјотресните пари, а 70% од градот не е покриен. Тогаш имале некаква визија што треба, канализација, водовод, цевки за парно греење, раскажува Ѕвездан Георгиевски.
За Приказна, Ване Маркоски.
Благодарност до УНДП за можноста да се пренесат личните приказни за сеќавањата на катастрофалниот земјотрес