Дома Најнови Протојереј Александар: Лешочкиот манастир е слика на воскресението

Протојереј Александар: Лешочкиот манастир е слика на воскресението

Приказна Каква е улогата на Велигден кај православните христијани?

Протојереј Александар Велигден е централниот и најголемиот празник кој православните христијани го празнуваат, бидејќи сето она што му претходеше на Велигден, самото воплотување на Христа, неговиот живот, распнувањето и крстот, кулминираат и својата смисла ја наоѓаат во празникот Велигден, кој кај нас во македонскиот јазик има специфичен термин велиг што значи голем ден, во рускиот јазик се нарекува воскресение итн. но самата смисла и значење на Велигден е дека тој ден Христос, кој беше распнат на крстот,во третиот ден воскресна и ја победи смртта и затоа воскресението е толку значајно за нас православните христијани. Затоа е централен празник, затоа што е победа на најтешкиот и најлошиот човеков непријател а тоа е смртта. Се подготвуваме за овој празник со 48 дневен пост, со молитва, покајание, за да го прославиме воскресението, победата над смртта.

Приказна Какво е значењето на Лешочкиот манастир?

Протојереј Александар Овој свет манастир е значаен не само за Тетовскиот крај, туку за сите жители и пошироко, затоа што има богата свештена историја. Има падови и воскресенија. Разрушувања и обновувања кој се случиле во различни периоди низ историјата, но и самиот манастир како да е слика на воскресението. Еднаш замира, а друг пат воскреснува. Многу луѓе доаѓаат во ова светилиште, значаен и по личноста на Кирил Пејчиновиќ, за кој нашата епархија има поведено постапка за негова канонизација за светител. Со доаѓањето на нашиот митрополит Јосиф, кој покажа особен интерес за манастирот, беше изграден и конак пред скоро 2 години. Во тек е реконструкција на стариот конак и старата црква Успение на пресвета Богородица.

Приказна Колку празниците и обичаите не зближуваат?

Протојереј Александар Празнување и обичаи се различни работи. Православните христијани пред сè празнуваат литургиски. Тоа значи преку молитва, пост, покајание, исповед, одење на света литургија и тоа е нешто што не прави единствени, бидејќи сите причестувајќи се од едната чаша од едното тело и крв Христови, стануваме едно во Христа, сме членови на богочовечкиот организам, црквата. Се разбира на тоа се надоврзуваат обичаите и традицијата. Некои обичаи и традиции се во согласност со Еванлегието, некои се против. На пример карневалите, маскенбалите се против. Собирањето на воскресна празнична трпеза, посета на најблиските за Велигденските празници сето тоа се обичаи кои се надградуваат на литургиското празнување. Литургиското празнување заедно со оние набожни обичаи кои не се противречни на Евангелието и на учењето на црквата, луѓето секако се зближуваат. Празниците ја имаат и таа функција.

Приказна Зошто е важна почитта кон религијата за нас луѓето?

Протојереј Александар Човекот е религиозно битие и ние во црквата велиме дека човекот е така создаден, конструиран, да не може да биде среќен доколку не биде литија. Православието е континуиран начин на живот во Христа. Преобразување на старата грешна падната природа која е обвиткана со себичност и егоизам, после падот на Адам и Ева, во нова охристовена природа. И многу е битно, не треба да зборуваме за почит туку секој православен христијанин да биде вистински православен христијанин, а не по традиција.

Документарен магазин Приказна на тема Религија

За Приказна,

Ване Маркоски

Exit mobile version