Дома Најнови Кустос Анита Стојчевски: во селата повеќе се практикуваат велигденските обичаи, отколку во...

Кустос Анита Стојчевски: во селата повеќе се практикуваат велигденските обичаи, отколку во градовите

Секоја религија има сложен сет на ритуали и обреди. Изведувањето на ритуалите е всушност надворешно манифестирање на религијата. Самото припаѓање на одредена религија значи вклучување во верската пракса. Верската пракса подразбира исполнување на обичаи и обреди. Религиските обичаи претставуваат воспоставен начин на однесување на верниците во дадени услови кои ce сметаат за обврзувачки.

Кустосот Анита Стојчевски за Приказна сподели: При моите истражувања во руралните средини се почесто се застапени обичаите и обредите. Додека на пример помладите ги имаат прифатено од постарите, но ги применуваат во поредуцираа форма. Инаку мислам дека поединци од верските заедници во Македонија, не ја разбраа поентата на предизвиците кои ги имаат верските заедници во современиот свет, и самиот празник е празникот на поврзување на луѓето меѓусебно, на сакање, проштавање, на верување. Врз основа на моите теренски истражувања, дојдов до сознание дека обредите и обичаите се применуваат во поголема мера, во руралните средини, за разлика од градските средини. Тие обреди и обичаи се столб на нашата традиција и духовност и му дава значење на самиот празник Велигден, додава Стојчевски.

Велигден се слави во недела бидејќи тој ден Исус Христос воскреснал. Одлуката за тоа кога ќе се слави Велигден е донесена на првиот Вселенски собор во Никеја во 325 година. Во католичката црква верниците постат 40 дена пред празникот, а во православната 7 недели.

Во недела се посетуваат домовите, се поздравува со Христос Воскресна, Навистина Воскресна се до Спасовден. Постои обичај, децата одат од куќа на куќа, благословуваат за среќа, и како дар добиваат јајца и пари. Меѓусебно се кршат и се верува дека она јајце кое ќе остане здраво, тоа дете ќе биде среќно во текот на целата година, вели Стојчевски.

Празникот Велигден е спој на верата и традицијата, негувана со векови, а почнува на Велики четврток уште пред изгрејсонце кога верниците ги бојадисуваат првите црвени велигденски јајца.

Велигденското јајце е старо колку и Христијанството и црквата го прифатила во својата традиција и практика како симбол на Христовото Воскресение.

Според Анита Стојчевски, јајцето е симбол за плодност и бериќет. Во циклусот на пролетни празници Велигден го зазема најзначајното место. Покрај црковните елементи постојат и други обреди кои со нивно изведување, населението верува дека ќе донесат здравје и среќа на семејството. Овој празник се смета за најголем празник. Неговиот датум е менлив. Самиот празник се празнува 3 дена. Велики четврток, Велики петок и Велика Сабота. Во овие денови има одредени обичаи кои се изведуваат. На Велики четврток пред изгрејсонце се вапсаат 3 јајца. Во црквата постои и утринска литургија. Велики петок е еден од најтажните денови во оваа седмица. На тој ден е распнат Христос. На тој ден е строго забранета работа.

Првите христијани и современици на апостолите почнале да бојадисуваат јајца и да ги подаруваат на Велигден, поздравувајќи се со радосниот поздрав Христос Воскресе! На тоа отпоздравувале: Вистина Воскресе! Црвената боја има симболика на победа. Нејзиното значење на овој голем христијански празник е дека Господ Исус Христос со своето воскресение ја победил смртта.

Документарен магазин Приказна посветен на религијата

За Приказна,

Ване Маркоски

Exit mobile version