3.8 C
Skopje
Thursday, November 21, 2024
spot_img

Огнен Јанески: Моќта на инфлуенсерот е и негова одговорност

Терминот инфлуенсер сè почесто го среќаваме во нашето секојдневие. Започна масовно да се користи благодарение на популарноста на социјалните мрежи и читаноста на блоговите. Непознавањето на неговото вистинско значење води до тоа секој да биде прогласен за инфлуенсер.

Според Огнен Јанески, со оглед на тоа дека нема некоја конкретна дефиниција што претставува инфлуенсер, се држиме до онаа маркетиншката. Едноставната дефиниција е дека тоа е некој или нешто што врши влијание за нешто, маркетиншката дефиниција е кога се однесува на тоа како некој влијае за да промовира како да биде некој производ купен од страна на клиенти. Во нашето општество, инфлуенсерството се сфаќа во двата правци, со тоа што многу повеќе се препознава во оној маркетиншкиот дел, а помалку со општественото влијание, смета Јанески.

Во македонскиот јазик сè уште нема прецизна кованица. Терминот е преземен од англискиот јазик, поточно од маркетинг и комуникациите. Како што вели и самиот збор (eng. influence) тие влијаат.

Ако ме прашавте пред некоја година, сигурно ќе ви кажев мора да најдеме соодветен збор или превод, но сега можеби сум полиберален, и можеби треба да го прифатиме како таков зборот, вели Огнен. Младите генерации точно знаат што мислите кога ќе кажете инфлуенсер. Од друга страна, ние имаме сериозен недостаток во македонскиот јазик и во грижата на македонскиот јазик, на несоздавање и не посочување барем заменски идеи за тоа како да ги нарекуваме одредени зборови. Ние имаме една плејада на зборови коишто навистина не ни е преведена ниту толкувана во јазикот. Така што одговорот на прашањето би бил поради негрижа. Ние мора да посветиме внимание и да понудиме можност, нешто што хрватите и црногорците веќе го прават.

Младите инфлуенсери ги сметаат за маркетери, за продавачи и слично затоа што маркетиншката дефиниција е токму во таа насока. Кога веќе зборуваме за тоа дали ова е вистинското значење ние навистина тоа треба да го истражиме, затоа што вистинското значење на инфлуенсерот на оној којшто е влијателен, е впрочем вистинско значење коешто мора да се гледа во однос на тоа колкава вие имате моќ да извршите влијание во однос на одредени општествени промени, додава Јанески.

Колкава моќ имате да извршите влијание за одредени работи коишто вашите убедувања се навистина проблематични во општеството, и вие сакате да ги промените. Инфлуенсерите се дел од оние светски борби, локални битки кои се водат за одредени прашања. Без разлика дали сте станале влијателен поради работа во традиционални медиуми, сте станале влијателен поради политичка активност, или сте само дел од оние инфлуенсери кои се дел од бизнис светот, но имаат и повремени излети каде што навистина се вклучуваат во социјални промени. Но тука е клучно прашањето: Кој сè треба да се меша таму каде што му е или не му е местото. Едно е вие да вршите бизнис и продажба на вашите социјални профили, друго е вие да имате влијание за социјални текови, политички случувања, граѓански случувања и сл. Од образованието треба да ги научиме младите на препознавање и да правиме разлика, што е, зошто е и како е инфлуенсер, додава Јанески.

Младите често имаат погрешна перцепција дека инфлуенсер е популарна личност која заработува преку социјалните мрежи, промовирајќи одредени производи или услуги. Честопати непознавањето на вистинското значење и непрецизност околу тоа што точно прават, создава впечаток дека тоа е професија која може да ја работи секој и со која лесно и брзо се прават пари. Сепак инфлуенсерите мора да имаат знаење и вештини кои ќе се надградуваат континуирано.

Според Огнен, вештините кои треба да ги поседува еден инфлуенсер се многу разновидни. Треба да имате вештини за работа со социјални мрежи, со онлајн медиуми, со дигиталните алатки. Мора постојано да следите и учите. Да имате базично познавање на графички дизајн, да научите основи на креативноста да ја изразите. Приказните- сторињата на социјалните мрежи стануваат сè покреативни, а сè пократки. Ние мора сериозно да размислиме како ќе бидеме подобро од другите. Истовремено мора да имате и основни бизнис и економски вештини. Клучното од се нарекува меки вештини. Говорот, јазикот, изразувањето, тоа се вештини за кои треба многу книги да прочитате за да можете да ги користите максимално и правилно. Мора да ги следите тековите, да следите се’.

Документарен магазин Приказна на тема медиумска писменост

Инфлуенсерите влијаат на мислењата, ставовите, вредностите, навиките, одлуките и однесувањето на нивните следбеници. Децата и младите се угледуваат на инфлуенсерите за забава, но и за информации, совети, друштво и утеха. Младите секојдневно гледаат, коментираат, лајкуваат и споделуваат објави на инфлуенсери, поради што влијанието што тие го имаат врз нив секако не е занемарливо, што го потврдува и податокот дека на глобално ниво дури 56% од младите купиле производ кој го препорачал инфлуенсер.

Кој може да биде инфлуенсер, тоа е веќе многу деликатно прашање, вели Јанески. Со оглед на тоа дека да се биде инфлуенсер не значи дека треба да имате некакво посебно школо. Она што е клучно е да имате развиено сосема добра база на следбеници преку социјалните мрежи и на тој начин ги користите социјалните мрежи за нешто, од друга страна пак може да бидете јавно лице коешто како такво имате сосема добра основа да бидете влијателен. Секој може да биде инфлуенсер, додава Огнен.

Во суштина инфлуенсерите треба да бидат одговорни личности со моралност и етичност со која може да влијаат на обликувањето особено на младите луѓе, а обликувањето на пораките кои ги пренесуваат мора да се темели на почитување на професионални стандарди со кои ќе се избегне манипулација на нивните следбеници.

Според Јанески, пред сè одговорноста е прифаќањето на вашата моќ на одреден број од населението. Но, прифаќањето на моќта подразбира вие моќта да ја користите одговорно, да не ја злоупотребувате. Традиционалните медиуми имаат закони, норми, правила, кодекси, прописи коишто мора да ги почитуваат, затоа што имаат огромна одговорност.

Земете го почетокот на пандемијата во 2020 од над 70 луѓе веруваат ако не се појавело на телевизија може и не е вистина. Денес, за нашите млади генерации, ние мора да сме свесни, она што беше влијателност на традиционалните медиуми за нашите и претходните генерации, тоа се социјалните мрежи и инфлуенсерите. На тој начин мора да ја прифатите одговорноста којашто ја сносите со вашето присуство, додава Јанески.

Вики Чадиковска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,724FansLike
3,383FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ