Пред да почнам да работам на себе, а подоцна и да работиме заедно со својот тим на Our Mind, веројатно, како и повеќето од луѓето, мислев дека лидерството се однесува на позиција во одредена компанија, дека е наменета за луѓето кои менаџираат или имаат свои компании.
Но, она што го научив е дека без разлика дали сме во улога на бизнисмен, тренер, учител, работник или родител, едно е точно:
Сите ние сме ЛИДЕРИ.
Лидерството не е позиција, не е менаџмент, не е титула … лидерството е внатрешно чувство на емпатија, водење на луѓето околу нас, верување во луѓето околу нас.
Лидерството е инспирација и водење на луѓето по патот кој се вика подобро утре.
А подоброто утре секогаш сакаме да започне во нашиот дом, со нашите најблиски, нашите пријатели и колеги.
Сите ние имаме своја улога во општеството и се трудиме да ја играме таа улога најдобро што можеме, односно да ја достигнеме најдобрата верзија од себеси во улогата која ја имаме, а скоро секогаш имаме повеќе улоги. Па така, во исто време сме и менаџери, работници, родители, пријатели, роднини, деца … И во сите тие улоги, ние очекуваме, а и светот очекува да се снајдеме најдобро што можеме.
А што подразбира тоа „најдобро што можеме“?
Како да знаеме дека сме направиле најдобро што можеме? И кој го оценува тоа?
Ако самите правиме процена за тоа колку сме стигнале напред и колку сме „успешни“, веројатно секој од нас ќе направи превид, без разлика дали позитивен или негативен. Или ќе мисли за себе дека постигнал многу, гледајќи од својата перспектива, или многу малку, исто гледајќи од својата перспектива. И без разлика што можеби и тоа е единственото важно, како се чувствуваме ние одвнатре, а не како другите нè перципираат однадвор, сепак не може да се исклучи важноста на тоа како влијаеме на другите, особено кога станува збор за нашите деца, нашите блиски и пријатели, без кои животот не би имал баш смисла.
Па, како влијаеме на другите?
Често знаеме да кажеме: „Сакам децата да ги изведам на прав пат“.
Па, постои ли реченица која укажува на лидерство повеќе од оваа?
Ако размислиме на психолошко ниво, дека сè што ни се случува во животот потекнува главно од првите години на животот и од нашиот однос со родителите, тогаш е многу лесно да се претпостави дека и лидерството ќе биде поврзано со овие улоги, родител и дете, што во суштина секогаш сме и едното и другото.
И ако кажеме дека лидерството не е моќ, туку е влијание, тогаш како ние влијаеме на животот на нашите деца и како нашите родители влијаеле на нас?
Не за џабе е речено дека ако сакаш некого да го процениш како карактер, треба да му го видиш семејството и односот во истото.
Никој од нас не е толку поразличен од тоа каков е на работа и каков е дома. Колку и да пробуваме да ги одвоиме овие работи, секогаш постои бледа линија која го поврзува животот на работа со тој дома. Затоа што ние сме истата личност, во различни улоги.
Па, како се снаоѓаме во тие улоги и какви лидери сме во улогите кои ги играме?
Без разлика во која улога се наоѓаме (бизнисмен, родител, работник, ментор …), според Џон Максвел, лидерството има 5 етапи.
Во првата етапа, која се вика позиција, секој од нас се наоѓа или е поставен на некоја позиција. Тука другите нè следат само затоа што мораат, односно веруваат дека може да добијат казна, затоа што ние сме супериорни. Но, првата прилика кога можат да се тргнат од нас, тие ќе го направат тоа.
Во втората етапа, која се вика дозвола (пермисија), луѓето нè следат, односно ни даваат дозвола да ги водиме, затоа што веруваат во нас. Оваа фаза се базира на врските кои сме ги изградиле и тука на лидерите им се битни другите луѓе.
Третата фаза е производство, односно способноста да ги мотивираме другите да ги завршат работите коишто треба да се завршат. Луѓето нè следат затоа што веруваат во заедничката цел, затоа што со завршување на работата, заедно достигнуваме цели, поефективни сме и заедно растеме.
Четвртата фаза е развој на луѓето или репродукција. Во оваа фаза треба да создадеме што повеќе лидери коишто ќе водат понатаму и да им помогнеме на истите да растат и да се развиваат. А целта на ова е едноставна, колку повеќе лидери создаваме толку повеќе остваруваме во нашата цел. А луѓето нè следат затоа што имаме вложено во нив и сме создале нераскинлива врска.
И петото ниво е врвот. Ова ниво е најтешко да се достигне, меѓутоа оние кои успеале да дојдат до таму, водат луѓе и организации кои се наоѓаат, ни помалку ни повеќе, туку на врвот. Ова ниво бара животна посветеност на другите. Животна посветеност да им помагаме на другите да растат и да се развиваат.
Што значи, лидерството е РАСТ. Раст за нас, за нашето семејство, за нашата организација, за нашите пријатели, за нашите колеги …
Па дали влијаеме на другите како лидери?
Дали им овозможуваме да растат?
Без разлика на кое ниво се препознавте, едно е битно:
Лидерството се развива. Со континуирано учење и посветеност на личниот раст, сите можеме да го подобриме степенот на лидерство без разлика во која улога сме.
А така сите ќе придонесеме за подобро општество и подобра иднина за нашите деца.
Затоа што подобрата иднина е можна само доколку сите се стремиме да го покажеме патот на другите. Сите ние сме деца на кои треба да им се покаже патот, но и родители кои треба да го покажат патот на другите.
Оваа година, Our Mind го организира Самитот за лидерство кој ќе се одржи на 29 октомври, од 10 до 18 часот, во хотел Холидеј Ин.
Да чекориме заедно по патот.
За Приказна,
Маја Иванова Цеков, коосновач на Our Mind