Дома Став Интервју Катерина Климоска: За да имаме добра држава, ни треба добро образование

Катерина Климоска: За да имаме добра држава, ни треба добро образование

Образовниот систем е најважната алка за развојот на Естонија. Се почнува од таа точка. Тие своето образование го реформирале налик на финското, меѓутоа сега се подобри и од Финците… и основата е во нивното лично залагање. Значи нема некоја посебна филозофија, туку во желбата да се реформираат и да бидат подобри, бидејќи за да имаме добра држава, мора прво да имаме добро образование, а Естонците тоа го покажале на дело. Меѓутоа свесноста најпрво се појавила и започнала внатре во образовните јавни установи, вели во интервју за Приказна, Катерина Климоска, меѓународен експерт за акредитација во високото образование

Приказна Во искуствата кои се покажуваат како добри образовни политики, Естонија важи за лидер. Кои се факторите кои ова образование го издвојуваат како добра практика?

Климоска Ви благодарам на прашањето. Најпрво да ја потенцирам важноста на Вашето залагање и важноста на поткренување на една ваква дебата за образованието бидејќи кај нас најчесто за образование зборуваме во моментите кога ќе излезат резултатите на ПИСА (PISA) или светските рангирања на универзитетите и тогаш некако засегнати, како повредени и засрамени се чувствуваме, па има времени реакции кои набрзо ги снемува.

Дебатата за образование треба да тече постојано бидејќи треба да лоцираме каде е проблемот. Да се видат добрите светски и европски примери на образовни системи е важно. Естонија е одличен пример, посебно одличен пример за нас, бидејќи сличен развоен пат односно слично сме започнале како држави, Естонија би рекла во многу понеповолна положба од нас, меѓутоа таа отишла многу понапред. Образовниот систем е најважната алка за развојот на Естонија. Се почнува од таа точка. Тие своето образование го реформирале налик на финското, меѓутоа сега се подобри и од Финците… и основата е во нивното лично залагање. Значи нема некоја посебна филозофија, туку во желбата да се реформираат и да бидат подобри, бидејќи за да имаме добра држава, мора прво да имаме добро образование, а Естонците тоа го покажале на дело. Меѓутоа свесноста најпрво се појавила и започнала внатре во образовните јавни установи.

Кај нив пристапот е конкуренција преку квалитет, квалитетот за нив е најважен, евалуацијата којашто се одвива континуирано, меѓутоа континуирано не само кон учениците туку и кон кадарот, учителите, наставниците, професорите, и секако и на менаџерско-административните тимови и резултатите кои ги даваат со својата работа. Па, еве денес тие се пример за навистина добра држава, бидејќи успеале да имаат добро образование, кое произведува вредност. Она што нас ни недостига. Кај Естонците не е толку важно „колку-how much“ туку „како-how“,

Приказна Ние спроведуваме реформи, но се чини дека не правиме евалуација на она што е направено, за да извлечеме поука. Зошто тоа е недостаток кој никако не можеме да ја премостиме?

Климоска Многу клучен момент. Одлична ви е поентата. Ние во основа низ годините имаме реформи, проекти, концепции, коишто се засновани на добрите европски образовни системи. Меѓутоа кај нас како да не даваат, и не даваат, добри резултати.

Еден од факторите, токму ова што спомнавте, отсуство на евалуација, за точно да се знае до каде сме, што сме направиле, дали дава резултати и кои се тие тесни грла коишто треба да се коригираат, за да може тој пат да се изоди кон стандард плус постигнување. Меѓутоа, евалуација, повторно би сакала да потенцирам, не само на спроведување на самата реформа, туку и на резултатите на кадарот во образованието, воспитувачите, учителите, наставниците, професорите. Но, и администрацијата како клучна алка за сервисирање и функционирање на тој еден синџир, резултатите на менаџерските тимови, бидејќи сега веќе функционираме во еден друг отворен свет, каде што улогите се променети, веќе она што порано значело директор или функција во образовна институција, сега веќе тоа е проактивно и многу динамично се движи, па и бара други начини на функционирање, и секако резултатите кои ги даваат учениците. Значи, тоа е еден круг, којшто меѓусебно е зависен, и во него, евалуацијата мора да постои.

Приказна Да ги споменеме ресурсите, бидејќи често пати имаме забелешки дека на терен имаме училишта на коишто им фалат ресурси. Во насока на ресурсите, би сакале да акцентираме дека можеби ни е потребна некоја политика со која ќе го смениме тој концепт дека немаме ресурси. Како да го промениме тоа?

Климоска Уште еднаш ќе се навратиме на Естонија. Имаат најдобар образовен систем, нивните резултати во секој сегмент на образование се одлични, веќе се на врвот на светските листи кои го рангираат образованието од различни аспекти, меѓутоа кога станува збор за вложување во образованието од страна на државата, тие се дури и под ЕУ просекот и под OECD просекот на вложувања во образованието.

Значи не може да се тврди дека фактор за успех на образованието се само поголемите вложувања на државата и она што го прави владата. Не е важно колку се троши, туку на што и како се троши.

Денес, во 21 век, во свет на четвртата индустриска револуција, можностите за образовните, јавни установи посебно за високообразовните јавни установи, се огромни. Така што, веќе немаме оправдување виновникот секогаш да го бараме некаде надвор, веќе е време да се преиспитаме самите односно внатре. Можностите за проекти, соработка со европски институции, со бизнис секторот, тоа се алатки и ресурси кои мора да се искористат, а кај нас мислам дека тоа недостасува. И тогаш, не само што ќе се забележат подобрувања, според ресурсите, инфраструктурата внатре во самите училишта и универзитети, туку самите образовни јавни установи ќе имаат кредибилитет да ја повикаат државата и државата ќе биде принудена да биде добар партнер. А во овој момент, за кредибилни партнери, мислам дека не може да зборуваме.

Приказна Да го опфатиме делот со доживотно учење, бидејќи дигиталното време само по себе го наметнува тој концепт. Колку сме подготвени на доживотно учење, особено кога се работи за образованието?

Климоска Исто еден од важните аспекти бидејќи она што денес го знаеме, утре веќе е застарено и мора постојано да се усовршуваме, меѓутоа и нашата држава нема голем процент на високообразовани лица, дали поради неможност, недостапност на образованието претходно, иако сепак, тоа не треба да значи ограничување.

Без разлика дали се работи за повозрасни лица, дури би рекла некои и во пензија, зошто да не. Секогаш за подобар и поквалитетен живот, мора да има континуирано образование и усовршување, и тоа мора да се сфати како така, бидејќи ние даваме отпор кон одредени процеси, меѓу кои, и овој. Некако сметаме дека до одредена возраст, веќе поминало времето за учење, и сега треба нешто друго, но, не. Сите треба да се образуваат, посебно оние кои имаат желба, без разлика на возраста, и затоа е многу важно без разлика и на социо-економскиот момент и категоријата на којашто припаѓаат, образованието да биде достапно и да може сите да ги ползуваат тие плодови. Мора да постои еднаквост на можности, како на оние студенти кои посетуваат редовно настава, така и на оние кои се определиле за опцијата на доживотно учење.

Документарен магазин Приказна на тема образование

Приказна Ако ги анализираме податоците на луѓе кои излегле од Македонија, како образовен кадар, коишто работат со образовни политики во различни светски и европски центри, ќе забележиме дека имаме многу такви личности, но не го користиме нивниот потенцијал. Можеби тоа она што може да донесе благосостојба за образованието. Зошто ние не ги користиме потенцијалите коишто ги имаме?

Климоска Ве поттикнувам да направите едно истражување, ќе видете какви фасцинантни умови има од Македонија низ светот, и тоа не се само европски меѓу најдобрите научници, туку и на светско ниво. За жал тие се скоро и непрепознаени кај нас.

За ваша информација, има една таква иницијатива, на предлог на проректорката за наука проф.д-р Валентина Гечевска од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, да се ангажираат повторно оние кои си отишле од државата, и нивниот потенцијал да се вмрежи со нашиот. Меѓутоа, тоа низ годините одело многу бавно, дали имаме некој страв кон нови работи, кон промена, кон нарушување на оној комфор којшто си го чуваме толку долго, а којшто веќе не дава резултати. Посакувам навистина да се запрашаме и да се анализира ова, затоа што нивното искуство е многу драгоцено и се надевам дека во иднина ќе бидат ангажирани и тоа што повеќе. Тоа може да биде една убава реформа во образованието кај нас. Секако не треба да го изоставиме фактот дека тие придонесуваат со нивните научни истражувања, бидејќи ако тие се најдобри за Европа и светот, тогаш навистина би требало да се и за државата каде што се родиле и од каде што потекнуваат.

Приказна Ако се констатира дека државите кои успеваат, па дури и во нашето опкружување, посветуваат огромно внимание на образованието и на здравството. Каде е Македонија тука? Еве да направиме еден краток пресек во последните 10 години, дали навистина вложуваме во образованието?

Климоска Зависно која група ќе ја прашате, таков одговор ќе добиете. Ако ја прашате државата и владата, без разлика која и да е, тие ќе ви кажат се вложува и дека ресурсите се зголемуваат секоја година. Доколку се погледнат показателите, кои можат да се извадат од буџетите на државата, ќе утврдите дека навистина државата ги зголемувала финансиските средства во овие два сектори. Тука ќе го издвојам образованието, област која ми е добро позната, каде постојано имаме зголемување на вложувањата, иако не се во значителен процент. Меѓутоа ако ги прашате образовните институции, здравствените институции, тие ќе ви кажат дека тоа не е доволно и дека постојано се уназадува. Можеби вистината е негде на средина.

Но, она што јас би сакала да потенцирам е дека колку и да се зголемат вложувањата во образование, која реформа и да сакаме да ја примениме, еве и оваа најдобрата на Естонија или на Финска, најпрво мора да направиме реформа на мајндсетот (mindset) во образованието. Само со промена на менталната матрица којашто владее внатре во самото образование, ние ќе може да спроведеме одредени реформи, да ги подобруваме и да очекуваме позитивни резултати во иднина. Во спротивно ниеден износ на финансии, нема да даде позитивен резултат; само квантитативното без квалитативното подобрување, нема ефект.

Кога ќе се насочиме кон проактивните луѓе, кога тие ќе ги дадеме како пример, како стандард кон којшто се стремиме, тогаш многу полесно ќе биде сите останати да ви се придружат, па дури и учениците/студентите, родителите, бизнис секторот, државата, бидејќи сето тоа е поврзано.

Кога ќе се даде на важност на квалитетот, на луѓето кои внесуваат и сакаат да создаваат вредност, тогаш многу полесно ќе е остварување на добри резултати произлезени од еден заеднички обединувачки ефект. Само на тој начин ќе имаме развој, и во образование, меѓутоа и во сите други сектори (пример: кадарот за здравството/судството итн. доаѓа од образованието, па колку што е добро образованието, ќе биде добро и здравството/судството. Тука пак ќе се навратам на Естонија, која е држава со еден од најдобрите здравствени системи, но претходно со реформиран и денес најдобар образовен систем), односно ако немаме добро образование нема да имаме ни добра држава.

При фокус на квалитетот и стандард на професионалност на кадрите вклучени во образованието, ќе може да се создаде образование кое ќе оформува студенти спремни директно да настапат на пазарот на трудот, веднаш по нивото дипломирање. Градејќи еден таков образовен систем кој ќе се заснова на вредност и во тек со промените на времето во кое живееме, самите образовни јавни установи ќе можат да бидат спремни за поширока независност во својата работа, при алокација на ресурси, организација на наставни програми и сл., бидејќи општеството ќе биде сигурно дека потребната одговорност е присутна кај образовниот сектор и независноста треба да следи. Секако тоа би било со одредени check and balances од страна на државата, но и од страна на менаџментите на самите образовни јавни установи.

За жал, во овој момент се чини дека нашите образовни јавни установи не се спремни за ваков чекор бидејќи не само што недостига Мерит систем пристап и квалитативни позитивни процеси во работата, туку и паѓањето/отсуството на светските ранг листи на нашите универзитети, покажува дека дискутабилно е каква вредност истото произведува. Потребна е искрена заложба за подобро, заснована на квалитет. Прашање е дали сакаме да одиме по тој пат или ќе посегнеме повторно кон комфор зоната на оправдувања?

Вики Чадиковска

Exit mobile version