Дома Најнови Марјан Николовски: поединци од верските заедници во пандемијата беа отпор кон науката...

Марјан Николовски: поединци од верските заедници во пандемијата беа отпор кон науката и медицината

Религијата е активен елемент во човековиот живот на сите нивоа од општествениот развој бидејќи е поврзана со основните човекови потреби. Taa задоволува голем број на човекови потреби, па можеби во тој факт можеме и да ја бараме причината за постоењето на религијата од почетокот на човештвото, па сè до денес. Одредени случувања влијаат на враќање кон религијата. Таков беше случајот со пандемијата.

Новинарот Марјан Николовски, смета дека секоја несреќа, секоја трагедија луѓето ги враќаат или ги свртуваат кон верата, или верските институции. Пандемијата беше еден сличен таков пример. Мислам дека можеби верските заедници одиграа добра улога, но поединци од верските заедници во Македонија, не ја разбраа поентата на предизвиците кои ги имаат верските заедници во современиот свет, а тоа е да бидат во корелација со науката и медицината, а не да бидат отпор на науката и медицината, додава Николовски за Приказна.

Во македонското мултикултурно општество се присутни повеќе различни верски заедници и религиски групи. Нашата земја е еклатантен пример на земја во која егзистираат и живеат различни етникуми кои имаат сопствена религиска определба. Различните етнички заедници помеѓу себе не ce негираат и исклучуваат, напротив ce почитуваат.

Николовски смета дека во Македонија има одлични средини, на пример во централна Македонија, во Чашка, има луѓе од различни верски и етнички профили, заеднички знаат да ги слават и едните и другите празници, и да ги почитуваат и едните и другите традиции.

Веројатно во помалите градови тоа е во помал степен изразено, но генерално обичаите и традициите, не секогаш мора да бидат дел од религиите, затоа што тоа се народни верувања. Во суштина тоа се денови кога треба да се покаже почитта кон себе, и кон другите, со тоа што ако за Велигден е најдобро да го поканите својот пријател муслиман, и обратно, за Рамазан да ве покани како пријател токму тој, додава Николовски.

Заедничкиот вредносен систем и моралните уверувања како компоненти на колективната свест влијаат за заеднички општествен живот.

Кога го правев серијалот на „Иста страна“ споделува Николовски, една од емисиите беше посветена токму на тоа колку длабоки и каде се корените на меѓуверската почит и толеранција во Македонија, и најдов еден податок, во Стоби во 4 век, на еден простор во радиус од околу 500 м има ранохристијанска црква, римски пагански храм и во исто време егзистира еврејска синагога. Во суштина темелите на меѓуверската толеранција и почит на територијата на Македонија се прилично длабоки. Мислам дека Македонија е една од ретките држави којашто има висок степен на меѓуверска почит и толеранција, додава Николовски.

Задача на секоја религија е да шири позитивизам и морални норми кај верниците, кои треба да станат дел од нивниот морален и вредносен дискурс.

Документарен магазин Приказна на тема религија

За Приказна,

Ване Маркоски

Exit mobile version