Многу години поминаа. Дури некој не ги ни памети почетоците, но јас многу добро ги паметам. Тоа беше 2013 година. Неминовно беше да не се приметат тие уморни лица, повредени лица, болни лица кои поминуваа покрај мојот дом. Не требаше време ниту прашања, ниту објаснувања. Очигледно беше дека нив им е потребна помош. Емпатијата можеби кај мене постоела, но тука веќе почна да се развива и на повисоко ниво, вака ја споделува својата емпатична приказна Ленче Здравкин.
Дали јас сум нивната судбина или тие мојата што сум се нашла во тие моменти на тоа место каде што е нивната главна рута која ја следат уште од самата јужна граница, па ги носи се до северната граница, раскажува Ленче. Пругата поминува покрај домот. Тоа беа млади момчиња, имаше малолетни деца, мајки со бебиња, цели фамилии, стари и исцрпени луѓе. Помошта од почетокот беше многу мала од моја страна. Тоа што го поседував и можев во моментот им го пружав на тие луѓе. Тоа време беше такво, да не требаше многу да се зборува.
Луѓето околу мене, кои немаа емпатијата, често ме советуваат дека правам опасни работи, дека тоа е многу лошо за мене, за нашата земја, може нешто да ми се случи, дека тие се терористи, носат заразни болести. Но, таа емпатија што постоеше кај мене, само налагаше на сите нив да им се пружи мала помош, која за нив беше од големо значење за да го продолжат својот пат.
Нашето општеството и опкружувањето, тешко ги прифаќаат приказните на бегалците?
Здравкин Многу тешко. Јас како човек многу тешко го поднесував сето тоа. По толку години, сè има своја цена. Како што постои емпатија, постои и апатија. Од моето опкружување, луѓето околу мене не беа доволно информирани, не беа доволно известени, не знаеја за што точно се работи и за какви луѓе се работи и секогаш сакаа да се тргнат. Средбите, разговорите, трибини, многу придонесоа таа состојба малку од малку на почетокот да ја промениме. Да ги промениме карактерите на луѓето и да докажеме дека и тие се луѓе како нас.
Што мислите дека беше точката за промена? Кои беа советите од трибините?
Здравкин Секогаш требаше да им се објасни на луѓето дека тоа се луѓе кои доаѓаат од воени жаришта. Тоа не се терористи. Размислувањето на луѓето беше такво дека тие носат оружје, ќе нè нападнат, ќе нè заразат од некоја болест итн. На сите тие трибини и средби во целата земја, како Меѓаши, така и другите организации, јас како личност објаснував дека тие се само обични луѓе кои не сакаат лоши работи, потребен им е мир и сигурен дом, ништо повеќе.
Зошто е човек добро да има емпатија кон другите?
Здравкин Емпатијата некогаш треба да знаете да ја контролирате. Но, тоа се прави со текот на времето и низ годините. Тука не можам да се пофалам дека сум најдобра во тоа. Уште ми треба градење и учење како туѓите чувства да не придонесат до мојот организам, до моето тело. Мојата енергија да остане приземјена, за да може повеќе да им помогнеме на другите.
На кој начин на работа Меѓаши се вклучени во овој проект?
Здравкин Меѓаши се главен фактор и една главна алка. Тие секојдневно работат за развој на емпатијата како кај најмладите, децата, учениците. Штотуку завршија со одредени предавања на таа тема низ сите градови низ земјава. Децата мораме да ги учиме уште од најмала возраст како се развива емпатијата. Секогаш треба да знаат дека како што ние сакаме другите да се однесуваат спрема нас, така треба и ние да се однесуваме спрема другите. Можам да кажам дека на светот му е потребна многу емпатија за да може да опстанеме, за да може да испливаме од било какви кризи и да бидеме едно подобро општество.
Каков е интересот за тие предавања, обуки?
Здравкин Обуките на Меѓаши се претежно во училиштата. Опфатени се сите возрасти. Доста се посетени обуките. Училиштата заедно се организираат со наставниот кадар. Овие обуки делуваат за развој на психата, квалитетот на животот на младите луѓе. Младите мора да се подготват за еден добар живот.
Тие предавања се многу интересни. И ние учиме доста од младите. За мене е тоа посебна гордост дека нешто се придонесува. Децата имаат многу идеи, предлози.
Ване Маркоски