Дома Инспирација Ана Јовановска: Плетените кукли се вистинска радост за сите

Ана Јовановска: Плетените кукли се вистинска радост за сите

Ана Јовановска е дипломирана ликовна уметница, по професија графичарка, која изработува плетени кукли. Приказната Радост со плетени кукли, ја започнува пред 7 години.
Седев дома, ги чував дечињата и си плетев пролетни ташнички за себе. Како денес се сеќавам, дојде мојот син Михаил и ми рече да му сплетам жирафа. Му одговорив дека не знам да сплетам жирафа. Само ме погледна и ми рече, знаеш мама. Во тоа време тој имаше неполни 3 години. Почнав да го убедувам дека не знам. Претходно не сум се сретнала ниту со форма, ниту со таа текстура. Полни 10 дена ме убедуваше дека знам. Имавме дома едно плишено магаренце, го зедов и си реков, ако му го издолжам вратот можеби ќе личи на жирафа. Така настана жирафата. Како му ја подарив жирафата, ја зема, ја прегрна и почна низ цел стан да трча од радост. Оттука настана името Радост. Од таа негова енергија и емоција, раскажува Ана за Приказна, за раѓањето на нејзината инспиративна приказна.

Каков е односот на Михаил кон оваа специјална играчка-кукла?
Ана Сега во моментот немаат некој посебен однос, затоа што беше складирана во орман. Низ годините се нешто се случуваше со неа. Се спиеше, се јадеше со неа, се шеташе со неа. Сега е реставрирана и повторно може да биде во неговото катче со играчки.

Сите ваши кукли се изработуваат со помош на плетење. Како ја развивавте таа идеја? Како изгледа целиот процес на создавање плетена кукла?
Ана Од самиот почеток до денес, процесот е менлив. Останува ист само почетокот од каде започнувам со играчката. Секогаш започнувам од телата. Најпрво почнуваме со договорот за нарачката на куклата. Колкава да биде играчката, која големина, кои бои да ги содржи. Многу често ми оставаат јас да изберам.
По толку години работа, тоа е совладано до перфекција, па можам и сама да напишам шема без да ми претставува проблем. Сите играчки досега, се без шема.

Има ли едукација како се изработува овој тип на кукли?
Ана Не сум побарала досега ваква информација. Кај мене тоа се случи спонтано и без најава. Од помош ми беше тоа што сум ликовен уметник по професија, па тој осет за форма, боја, ми помага да се снајдам.

Кои кукли најчесто ги посакуваат децата?
Ана Децата најмногу посакуваат ликови и карактери коишто им се познати од цртаните филмови. Кога бираат возрасните за децата, тие ја избираат токму жирафата, особено кога се работи за новороденчиња и деца од една до три години.
Тоа ми беше и главната цел кога решив професионално да се занимавам со ова. Сакав да создадеме еден убав, квалитетен производ, кој не содржи ниту пластика, ниту метал, ниту порцелан. Ништо што може да придонесе детето да се повреди, на каков било начин.

Која е вашата кукла која вас ве потсетува на детството, на радостите и сите оние нешта кои биле дел од вашиот детски живот?
Ана Во моето детство немав многу кукли. Беа вкупно три на број. Растена сум со постар брат и повеќе ме привлекуваа машките игри како џамлии, фудбал, народна.
Сега како возрасна, си направив кукла за себе. Тоа е еден мој мал ангел чувар и многу го сакам.
Она што јас го користам е применета ликовна уметност. Она што во средношколските денови го имаме и како предмет. Се радувам што сето ова што го имам научено претходно, сега го користам во она што го создавам.

Велат плетењето е добро за релаксација и опуштањеИма ли вистина?
Ана Токму така. И јас сум читала дека плетењето е јога за мозокот. Така и се чувствувам додека работам. Релаксиран е самиот процес на мислата. Мислата тече во однос на приказната, на детето кое ќе ја добие играчката или пак приказната што ми ја раскажале луѓето. Многу често слушам релаксирана музика која придонесува целиот тој процес да биде опуштен, за на крај да се добие преубав финален производ.

Имате ли инфоррамција колку жени го имаат овој занает?
Ана Кога се зачленив во комората на занаетчии, не истражував колку жени го работат сето ова. Моето искуство наназад низ годините е многу интересно. Жени ми пишувале на мојата страна и ми кажувале дека сум ги поттикнала и инспирирала да започнат и тие да работат. Многу се радувам кога ќе видам колку многу жени плетат играчки и го раскажуваат нивното искуство.

Ана научила да плете од една баба. Која веќе не е жива. Својата вештина ја пренесува на своите деца.

Дали некое од вашите дечиња пројавува интерес за плетење и создавање на кукли?
Ана Да. Најголемиот син има 13 години и веќе пројавува интерес да научи да плете кукли. Ќе си срушиме сите предрасуди и ќе почнеме да го прифаќаме фактот дека и мажите плетат.


Вики Чадиковска
Exit mobile version