Катерина Златановска Попова: Емпатијата не е сожалување
Зошто ни е потребна емпатијата во животот во целина? Катерина Златановска Попова Во последно време темата за емпатија станува многу значајна, особено поради сите ситуации на насилство, семејно насилство, насилство помеѓу младите. Емпатијата е вештината која ќе ја направи разликата. Емпатијата е вештина која ја учиме од најмали нозе. Често се соочувам со дилемата дали е нешто со кое се раѓаме или е нешто што се учи во текот на животот. Би рекла дека ако тргнеме од претпоставката дека малите деца се комплетно отворена книга, без испишани страници, тие ја учат преземајќи модели од родителите и модели од нивното пошироко опкружување. Емпатијата е важна затоа што та е клучната разлика која нас ќе нè разликува во иднина од машините. Се наоѓаме во индустриска револуција кога сме исправени пред моментот во кој вештачката интелигенција и роботите, стануваат дел од нашето секојдневие. Емпатијата која е клучен дел од емоционалната интелигенција е вештината која ќе нè разликува од машините.
Колку е важна самата емпатија во работните средини? Катерина Златановска Попова Би рекла дека е исклучително важна. Тоа би можела да го потврдам преку извештаите кои ги имаат изготвено од светскиот економски форум. Тие секоја година даваат извештаи за трендовите кои ќе следат. Бизнис трендовите за потребните вештини кај идните работници, меѓу основните 10, ја вклучуваат и емпатијата и активното слушање. Тоа е предвидување до 2027 година. Емпатија всушност значи да се обидам да те разберам, не да те слушнам, за да ти одговорам. Ние најчесто во нашата секојдневна комуникација завршуваме на тоа да слушам, е за да одговориме. Слушам за да можам да ти одговорам, да ти реплицирам или да се согласам. Емпатијата подразбира дека слушам со сите мои сетила и слушам за да се обидам да го разберам твоето видување, твојот став, пристап и начин на размислување. Емпатијата ќе биде таа која ќе го намали врсничкото насилство и ќе го намали генерално насилството кај нас, доколу се обидеме да разбереме како му е на другиот.
Токму тоа значи емпатија. Да се ставам во чевлите на другиот, да погледнам со неговите очи, да бидам во неговата положба. Мислам дека децата кога се помали се многу подобри во тоа, отколку ние возрасните. За жал, ние возрасните не сме секогаш добри модели за малите деца и тоа е еден волшебен круг, кој мора да го прекинеме со тоа што сите свесно ќе работиме да ја развиваме таа вештина.
Која е разликата помеѓу емпатијата и сочувството? Катерина Златановска Попова Ако зборуваме за емпатијата и сочувството, би рекла дека сочувството е дури едно ниво повисоко од емпатијата. Сожалувањето е различно од емпатија. Не треба да ми е жал за тоа во каква состојба си или што ти се случува, низ што минуваш. Треба да се обидам да разберам какви емоции поминуваат низ тебе, како изгледа твојот живот, твоето секојдневие. Кога ќе го разберам тоа, емпатијата на поинаков начин предизвикува акција. Сочуството може да биде во форма многу ми е криво, многу ми е жал, ама фала богу јас не сум таму. Кога сум соочена со тоа да ми ја раскажеш твојата вистина, твојот пристап, твојот живот тогаш предизвикува да сакам да направам нешто во врска со тоа, затоа што сум веќе во твојата кожа. Јас сум веќе детето кое го исмеваат, човекот во инвалидска количка, жената без два екстремитети. Тогаш во мене се буди желбата и потребата нешто да сменам од позиција на мојата моќ.
Колку сме емпатично општество? Катерина Златановска Попова Емпатијата е вештина, а сè што е вештина, се учи. Оптимистот во мене ќе каже дека добро ни оди, се осветуваме и стануваме поемпатични. Кај некои луѓе е поизразена, но кај други делува како воопшто да не е изразена. За жал, емпатијата не е доволно присутна во нашиот општествен систем, ако зборуваме на ниво на институции. Сè уште имаме многу работа. Задолжително треба да влезе во нашиот образовен систем. Данска веќе го има. Во прво одделение се изучува предмет емпатија. Искрено сметам ако Јапонија е некаква водилка кон тоа како треба да учиме за емпатија, тогаш би рекла дека имаме уште многу пат за одење. Како едукатор сметам дека навистина треба не само од мали нозе, туку секој од нас во секој момент, треба да отпочне да ги прави промените. Клучот е во отвореноста на умот. Ако доволно го отворам мојот ум и се обидам да учам нови работи, тогаш ја отворам вратата да учам вештина која се вика емпатија. Емпатијата и активното слушање се клучен дел од комуникациските вештини, а без комуникациски вештини, емпатија и активно слушање немаме емоционална интелигенција.
Дали е клучна емпатијата за напредување во кариерата? Катерина Златановска Попова Клучна е секако. Ставена е како клучен сет на вештини за лидерство. Денес, модерното лидерство особено во компаниите и политичките системи, бара висока емоционална интелигенција, вклучително и висока емпатија. Не можете да работите со луѓе и да водите луѓе, ако немате развиена емпатија. Дефинитивно е вештина која мора секој човек да ја има во својот сет на вештини, доколу се надева да напредува во својата кариера. Сè повеќе луѓе се заинтересирани за овие теми. Многу често на моите работилници и сесии со клиенти, ја користам како алатка јапонската вештина Икигаи. Тоа го правам за да може на клиентите да им овозможам да трагаат на поинаков начин за својот успех и лично остварување. Икигаи значи живот со смисла, а за да можам да живеам живот со смисла, не треба да го најдам само тоа што сакам и знам да работам, туку морам да најдам начин да дадам поддршка со мојата работа на пошироката заедница. Животот со смисла секако е поврзан со емпатијата.
Колку нашите политичари се емпатични? Катерина Златановска Попова Не сум голем екперт во тоа што значи политика и креирање на политики. Можам да го одговорам од гледна точка на граѓанин на оваа земја и како сите тие кампањи и пораки стигнаа до мене. Ако треба да ставам оценка како професорка, не би им дала преодна оценка. Нашето општество сè уште е назад во однос на една огромна палета на ранливи категории. Првиот пат кога искусив пречка во однос на тоа какво е нашето уредување, беше кога бев мајка и кога поради сите паркирани возила на тротоарите, со мојата количка и дете се возевме по коловоз. Оттогаш некои работи се имаат сменето, но сметам дека имаме огромна работа, која нашите институции мора да си ја одработат. Говорејќи на темата емпатија, бев инспирирана да ја формирам групата училиште за емпатија на Фејсбук која споделува добри практики и е отворена за сите кои сакаат да научат што можам јас како поединец да направам. Општеството сме ние и ако ние меѓу себе не си ја дадеме поддршката и ако не ги натераме политичарите да не слушнат и да почнат да работат за нашите потреби, тогаш не верувам дека ќе има некаква промена. Целиот невладин сектор некако како да си работи на својата проблематика, без притоа силно да работи на вмрежување и на тоа како можеме ние заеднички да ги решаваме проблемите кои се на различно нива за сите нас. Образованието е заеднички проблем, без разлика на која категорија припаѓам или пак здравствениот систем исто така. Ни недостига вмрежување и начини како да ги инспирираме оние кои сакаат да направат промена. Верувам во младите генерации кои преземаат иницијативи и силно навивам да станат побројни и ќе ни дадат поттик да бараме начини како да ги поддржиме. Ние го имаме знаењето и ресурсите, но тие ја имаат младешката сила, енергија и желба за промена. Мора да се здружиме и да почнеме да функционираме како заедница.