Валентин Петрески својот занает го развива со многу љубов и посветеност. Идејата да го започне „Тиноски“ се раѓа сосема случајно. Приказната на Тиноски започна сосема случајно, во период кога имав многу обврски и кога ми фалеше момент за креативност и одлучив дека сакам да имам некоја поразлична шолја за кафе бидејќи многу сакам да пијам кафе и не можев да си најдам таква каква што сакав, па ми текна да си нацртам, вели раскажувајќи ја својата испиративна бизнис приказна, Валентин Петрески.
Приказна Како започна вашата приказна?
Валентин Приказната на Тиноски започна сосема случајно, во период кога имав многу обврски и кога ми фалеше момент за креативност и одлучив дека сакам да имам некоја поразлична шолја за кафе бидејќи многу сакам да пијам кафе и не можев да си најдам таква каква што сакав, па ми текна да си нацртам. Истражувајќи за бои и сите тие моменти кои се потребни, ја направив токму оваа шолја, којашто е првата жолта, а сите после неа, беа бели. Не знам зошто, најверојатно тогаш сум го имал тој момент. Од едната страна е буквата „Т“ а од другата страна ветерница, која ме потсетува на Холандија. Така што, оттогаш тоа беше 2015 година 5 март, денес сè уште трае приказната на Тиноски, во едно малку поразлично издание.
Приказна Дали социјалните мрежи и дигиталните алатки придонесоа вашиот занает да успее побрзо?
Валентин Денес дојде време, доколку не споделите тоа што го работите исто како да не работите. Социјалните медиуми се толку многу моќни, а истовремено и многу достапни, да речеме и бесплатна алатка за да може да стигнете многу поблиску до својата публика, и луѓето не само кај нас, да можат да ја видат вашата работа. Тоа со Тиноски функционира уште од првиот ден, буквално, со радост сум чекал да направам фотографија и да ја споделам, не за нешто друго, туку пред сè да го покажеш својот труд, да кажеш што си направил и нормално тука се повратните реакции, и на тој начин се распространува приказната дека Тино почнал да црта.
Приказна Колку вашите маркетинг вештини беа пресудни за успехот на вашата бизнис приказна?
Валентин Па не би рекол маркетинг вештини. Секогаш сум се водел од интуиција, бидејќи по професија сум дипломиран новинар. Така што можеби новинарството има удел во развојот на Тиноски, во смисла никогаш не било проблем да се напише краток текст, опис, да се одговори на интервју со медиумите. Тоа е мојата природна средина во којашто функционирам, бидејќи јавното појавување треба да биде застапено кај секој креативец и занаетчија, бидејќи на тој начин преку медиумите стигнуваме до самите луѓе. Така што, не знам дали се маркетинг вештини или само лична интуиција.
Приказна Пандемијата со Кивид 19 беше „кочница“ или предизвик за овој занает?
Валентин На почетокот дефинитивно кочница. Првата перцепција на сите ни беше така. Но, кога има кочници, барем јас лично, под тој притисок чуден, функционирам веројатно многу по продуктивно, дури и во многу тешки моменти и периоди од секојдневието, знаам да бидат креативен. Тоа ми е некакво бегство од реалноста, но истовремено кога се чувствуваш загрозен наоѓаш начин како да преживееш. Така беше и со „Тиноски“. На сред пандемијата се случија едни од најинтересните маички со натписот „Шизолација“ кога ништо не функционираше, испорачувавме маички со тој натпис, бидејќи премногу одговараше и ја отсликуваше самата ситуација. Инициравме и одредени кампањи на Владата да се заштитиме итн., инициравме да креираат дома, направивме интерен натпревар да испраќаат цртежи, кои понатаму во Тиноски ќе бидат оценети итн.
Приказна Колку е важна мрежата на соработници за успех денес?
Валентин Кога започнав со креативност, мислев дека е прилично розев тој креативен свет да бидам најискрен. Но, подоцна сфатив дека има многу коишто се гледаат загрозени од останатите во истата сфера, кои се гледаат како конкуренција. Тоа ми било многу чудно, бидејќи не сум лик којшто функционира на тој начин. Секогаш сметам дека заедно може да направиме многу нови работи. Меѓутоа нели, личен избор е на секој од нас како ќе функционираме. Би било супер што повеќе соработки да имаме, повеќе вмрежување бидејќи два ума се секогаш повеќе од еден.
Автор Ване Маркоски