Вечерва во 20 часот во Филхармонија, ќе се одржи „Цепки“, специјално гала издание на иницијативата за раскажување женски приказни „ПичПрич“. Настанот е по повод десетгодишниот јубилеј на фестивалот за феминистичка култура и акција „Прво, па женско“.
Темата на „Цепки“ ќе биде субверзивната моќ на хуморот и ќе понуди повеќе толкувања на тоа што е смешно. Ќе учествуваат петмина раскажувачи кои со своите настапи веќе оставиле голем впечаток на „ПичПрич“: уметницата Јана Јакимовска, планинарката и уметница Илина Арсова, писателот Петар Андоновски, радиоводителката Маја Казакова и режисерката Софија Ристевска. Како и на сите други гала настани на „ПичПрич“, ќе настапи и една регионална раскажувачка, хрватската писателка и активистка Мима Симиќ.
Радиоводителката Маја Казакова за Приказна изјави: „Кога ми ја кажаа темата за оваа година Цепки, веднаш почувствував трема и притисок дека задолжително треба да зборувам нешто смешно, но јас сум жена во едни чудни години каде што можам да се расплачам и на текст од детска песна. Тоа што вечер ќе раскажувам се вистински приказни од мојот живот, скоро па секогаш исполнет со необични и комични ситуации.“
„ПичПрич“ е авторство на Ана Василева и Румена Бужаровска, заедно со „Тиииит! Инк“. Билетите за „Цепки“ чинат 200 денари. Настанот е поддржан од Шведска и фондацијата „Kvinna till Kvinna“.