Дома Инспирација Ема Зафирова: Децата кои читаат се една генерација понапредни од своите врсници...

Ема Зафирова: Децата кои читаат се една генерација понапредни од своите врсници кои не читаат

Ема Зафирова во моментов работи во општина Центар. Таа има дванаесетгодишно искуство како одделенски наставник во Јохан Хајнрих Песталоци.

Како одделенски наставник применував повеќе техники и методи – сè со цел за учениците да го засакаат пишаниот збор, да сакаат да читаат, да го збогатат речникот. Последната техника којашто ја применив, вроди со најголем плод. Имавме натпревар во читање со учениците, наградуван беше секој ученик на месечно ниво со подарок книга за она што го прочитал во текот на месецот, изјави Зафирова за Приказна.

Таа на инспиративен начин ги подготвувала ги поттикнувала своите ученици да читаа.

Кога завршија со второ одделение, учениците добија задача да ги прочитаат сите лектири, но освен задолжителните лектири, требаше да прочитаат и по некоја книга по сопствен избор, сподели Зафирова. Сите ученици кои имаа прочитано плус уште по некоја книга – добиваа награда книга. Кога се вратија во септември на училиште беа многу возбудени и меѓусебно си раскажуваа кој колку и што прочитал. Така почна натпреварот, секој месец избиравме најдобар читател. Се случуваше учениците да имаат прочитано 4-5 книги во текот на еден месец, а имаше и група на ученици кои прочитале и по 10 книги за еден месец, раскажа Ема за Приказна.

Преку натпревар за читање, децата биле мотивирани да читаат.

По секоја прочитана книга ученикот требаше да излезе на табла и да ја прераскаже книгата, да им објасни на другарчињата зошто и тие треба да ја прочитаат таа книга. Раскажуваа кој им е најомилен дел од книгата, кој им бил најтажен дел, си поставуваа прашања едни со други и не само што се вежба преку ова јавниот настап и говор, туку ги подготвувавме учениците и за понатаму во животот. Тие беа пресреќни, мотивирани, се читаше во секој слободен момент, се читаше на мал одмор, на голем одмор, кога ќе им дадев некоја задача кој прв ќе завршеше ја вадеше потоа книгата од под клупа. Многу беа среќни за ова што го прават и беше како дополнителна стимулација за понатамошна работа, раскажа Зафирова за Приказна.

Како продолжение на натпреварот заедно со учениците и родителите формиравме одделенска библиотека, каде што учениците носеа книги од дома, особено она што им се допаднало кое претходно го прочитале. Имаше книги од современи македонски автори, имаше басни, народни приказни, детски романи.

Емисијата Приказна посветена на темата читање

Љубовта кон читањето, резултирала со збогатен речник, совладување на читањето и описменување.

Би сакала да истакнам дека родителите ни беа од голема помош за реализација на овој натпревар, благодарение на нив ја формиравме одделенската библиотека, ни помагаа при избор за следна книга кај децата. Мислам дека родителите се клучен фактор за стекнување на вистински навики, додаде Зафирова

Живееме во 21. Век, во ера на дигитализација. Дигиталните книги се правецот кон кој се движи целата книжевна индустрија. Сепак, за учениците од одделенска настава препорачувам книги во хартиена верзија заради поголема фокусираност, заради помалку дразби кај нив. Читањето е активност со која се зголемува креативноста, се подобрува комуникацијата и се зголемува меморијата. Научно е докажано дека децата кои читаат се една генерација понапредни за разлика од оние коишто не го прават тоа. Со читањето се зголемува интелигенцијата кај децата, стануваат љубопитни, покреативни и им се отвораат нови хоризонти и нови светови за нив. Токму затоа сакам да ги повикам моите колеги – наставниците, но и родителите, да ги охрабрат децата што повеќе да читаат, да појдат во книжара да купат нова книга, да разговараат за неа, затоа што таму е иднината, изјави за Приказна, Ема Зафирова.

За Приказна

Вики Ч.

Exit mobile version