10.8 C
Skopje
Wednesday, April 24, 2024
spot_img

Елизабета Петровиќ: Децата не го прават она што ние го посакуваме и бареме, туку она што го гледаат од нас

Елизабета Петровиќ е одделенски наставник во ОУ Ѓорѓија Пулевски во Скопје. Со неа разговаравме за важноста на воспитувањето и моделите на воспитување како важен дел од образовниот процес.

Приказна Агресивни и нетолерантни, асоцијални, без почит, ова се карактеристики кои сè почесто се забележуваат кај децата. Се чини дека се силни сигнали кои укажуваат на недостиг од воспитување. Имаме ли проблем во воспитниот метод?

Елизабета Децата не умеат да го прават она што не умеат да го прават возрасните. Мислам дека наједноставно кажано, можеме да почнеме од начинот на кој ние зборуваме, слушаме, гледаме и како се однесуваме. Многу може да зборуваме за тоа како ние зборуваме, не колку туку како.

Многу е важна позитивната конотација, она „не“ кое ги преплавува децата дома, во училниците, учебниците, мислам дека навистина се предозирани од него. Покрај позитивната конотација, би ги спомнала дуплите пораки, „но, ама“, кое ги збунува децата. Пример, може да купиш сладолед, ама ќе те боли грлото. Дали тоа значи детето да купи или да не купи? Или браво, ама, … ако фалиме, да фалиме.

Секојдневно се соочуваме со терминот ти си лош, лоша. Децата не се лоши, тие лошо се однесуваат во дадена ситуација затоа што лошо се чувствуваат. Слушањето може да е активно и е многу важно. Да слушаш со срцето, да влезеш во туѓите чевли, нешто што ни недостасува, а е многу важно. Нашата перцепција зависи пред сè од детската возраст која треба да ја разбереме, развојните карактеристики и контекстот, и на крајот како се однесуваме, а тоа е позитивното внимание како најубав подарок кој може да му го дадете на едно дете.

Приказна Колку е важен емоционалниот развој кај децата? Може ли работењето на емоционален, когнитивен и социјален план уште од најмали нозе, да вроди со плод?

Елизабета Во новата концепција има цело поглавје за личниот раст и развој. Поврзано е со националните стандарди, со нешто што треба да се постигне на крајот од основното образование, но се почнува од 1 одделение. На пример, емоциите. Имаме препознавање на сопствените и туѓите емоции, потоа споделување, начин на реагирање, па дури и последици од нашето однесување при одредени ситуации. Исто така, мислам дека родителите имаат преубава задача. Постојано да гушкаат од најраното детство, да ги полнат децата со позитивни емоции, искуства и примери.

Многу може да се зборува за ова. Почнувајќи од раното детство, во една стабилна средина, разговорот кој е храната на детскиот мозок, потоа начинот на кој се учи, учествува, се споделува, како се учи, содржините, сето тоа е многу важно, ама да не го заборавиме моделот, а тоа сме ние возрасните.

Приказна Како да се создадат вештини за самопочит и толеранција уште додека се развива детското мозоче?

Елизабета Децата не го прават она што ние го посакуваме и тоа што ние го бараме, кажуваме, туку најчесто она што го покажуваме. Да внимаваме што покажуваме, да научиме да се менуваме. Во сите релации, па и во оваа релација возрасен – дете, промените ги прават секогаш оние кои се позрели и помоќни. Тоа сме ние возрасните. Понекогаш повторуваме едни исти обрасци, кои не ни носат цели, и мислиме дека на тој начин ќе го поправиме детето, а всушност треба да се поправиме себе си, да правиме промени кај себе си.

Приказна Сакате да кажете дека за да се градат и негуваат вредности кај децата, тие треба да се негуваат кај нивните родители? Која е улогата на родителите во воспитниот процес?

Елизабета Во семејството започнува воспитувањето и лошото и она доброто. Токму затоа мора да размислуваме дека семејството е примарната институција која не прави луѓе. Всушност, не постои друг начин да станеш човек освен преку воспитување. Тоа е важно за она што ќе бидат денешните деца, кои утре ќе воспитуваат. Воспитувањето е најдобрата превенција од се она што не сакаме да му се случи на нашето дете.

Сè почесто ги слушаме родителите како велат дека невоспитаните полесно поминуваат во животот, со вештини за снаоѓање итн. Тоа е многу опасно размислување затоа што доволно е тоа да помислиме со кого ќе бидат тие невоспитани деца. Тие ќе бидат магнет за други невоспитани деца, каков живот ќе имаат, какви пријатели, какви семејства ќе создадат, и затоа воспитувањето никогаш не излегува од мода.

Не смееме да ги пропуштиме оние важни години од раното детство, кога најмногу може да воспитуваме. Да бидат деца кои ќе имаат искрени пријатели, ќе ги достигнат своите врвови, деца кои ќе бидат најдобра варијанта, и ќе градат светови во кои ќе има место за слични такви вредности.

Приказна Им треба ли образование и на родителите?

Елизабета Вистинските реформи во образованието треба да почнат со образование за возрасните.

Во таквите обуки треба да се вклучат учители со искуства кои имаат конкретни начини кои веќе ги практикуваат во своите училници. Нашите обуки понекогаш се предозирани со експерти кои никогаш не влегле во училница.

Приказна Се чини дека децата честопати не го познаваат авторитетот на учителите. Како да го смениме тој модел и да најдеме една синергија помеѓу сите нас, за доброто на децата?

Елизабета За некого да почитувам, треба да умеам себе си да се почитувам. За некој да ме почитува не е доволно што сум учител, што сум доктор, министер, на крај на краиштата имаме многу министри кои се со дипломи од трафика, и како да ги почитувате. Факт е дека оние општествени случувања се прелеваат во училиштата. Тие се огледала на општествените случувања.

Сепак мислам дека има добра комуникација многу често помеѓу родителите и учителите, затоа што луѓето разбираат дека имаат заедничка цел, а тоа е среќно и успешно дете. Почитувањето треба да се заслужи. Тоа е долготраен процес кој започнува пред првата родителска. Треба да им се даде време на луѓето за меѓусебна доверба.

Од каде и да почнеме доаѓаме до воспитувањето. Добрите родители и учители се богатство за децата. Тие се најважните луѓе во животот на секое дете.

Документарен магазин Приказна на тема образование

Приказна Колку е важен првиот училиштен ден за секое дете?

Елизабета Првото одделение велат дека е најважно. Семејствата кога имаат прваче, растат дури и во онаа фаза во развојот која се вика семејство со дете на училишна возраст, тоа е една транзиција. Учителите најчесто од петто одделение доаѓаат во прво одделение и повторно треба да растат, со секој еден ден, па затоа јас би им посакала среќен почеток на сите учители, родители и ученици првачиња.

Вики Чадиковска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,297FansLike
2,933FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ