Дебелината или обезитет е комплексна болест. Станува збор за состојба на прекумерна количина на масти во човечкото тело. Дебелината го зголемува ризикот од други болести и здравствени проблеми. За оваа тема разговараме со д-р Димитар Душкоски – специјалист по интерна медицина, супспецијалист по кардиологија во Аџибадем Систина.
Приказна Кои се факторите кои влијаат за дебелина?
Душкоски Повеќе фактори влијаат врз дебелината, како социо-економски, медицински и одредени навики на пациентите. Општ впечаток е дека во последните декади со зголемувањето на производството на храна и начинот на живот, односно стресот кој го доживуваме секојдневно, немањето време за редовна и правилна исхрана – односно појадок, ручек и вечера со две ужинки, не верувам дека некој во денешно време го практикува. Јадеме кога можеме и тоа е еден стрес за организмот, тој се приспособува, со тоа што не ја искористува енергијата од нашата храна, туку ја таложи, што пак доведува до зголемување на телесната тежина.
Приказна Што значи дебелината за нашиот организам?
Душкоски Како што се зголемува нашата телесна тежина, нормално е дека срцето треба да испумпа крв којашто треба да ја снабди таа количина која е поголема, односно тоа масно ткиво кое бара достава на кислород и хранливи материи за да остане живо. Со секој килограм покачена телесна тежина има приближно 1 милион капилари – ситни мали крвни садови коишто го зголемуваат капацитетот на васкуларното корито, а тој капацитет треба да биде обслужен од еден капацитет, односно од нашето срце. Со зголемување на капацитетот и срцето мора да ја зголеми сопствената работа, односно да го зголеми ударниот волумен, количината на крв која ја испумпува. Со тоа ја зголемува и сопствената работа и напор што го вложува за да достави крв до соодветните ткива.
Приказна Кои се параметрите кои укажуваат дека станува збор за дебелина?
Душкоски Во некои земји згоеноста кај луѓето достигнува и до 50 проценти од популацијата. Во Западна Европа и САД е околу 30 отсто, што се загрижувачки бројки. Тие бројки треба да се коригираат и да знаеме дека згоеноста може да се мери, се мери БМИ, односно колку е тежината врз површината на телото, колку има телесни масти и дебелината на струкот, кај мажи треба да биде 90, а кај жени 80. Кај женската популација маснотиите треба да бидат околу 30 проценти од телото, а кај мажите 25 отсто. Сè што отстапува од тоа велиме дека е надвор од нормала и треба да се внимава. За разлика од тоа, има и еден парадокс којшто би било добро да го споменеме – луѓето со прекумерна тежина, оние што имаат БМИ меѓу 30-35, во некои случаи ако немаат дополнителни заболувања можат да имаат поздрав начин на живот. Секако, тука влијаат и други фактори, нивната физичка активност, начинот на исхрана, регулација на шеќер, крвен притисок и останати елементи.
Приказна Која е идеалната граница на БМИ?
Душкоски Идеалната граница на БМИ е меѓу 18 и 25, меѓутоа не треба секогаш да се инсистира на тие бројки. Не можеме да кажеме унифицирана дефиниција за сите луѓе, затоа укажуваме да се направи преглед со лекар специјалист-нутриционист за да може да се намали телесната тежина. Тежината најдобро се намалува со начин на исхрана и умерени спортски активности, порано препораката беше 30 минути дневно, сега се вели дека секоја спортска активност која е повеќе од нула е подобра отколку нула спортска активност. Болеста на современото општество е седењето и зголемувањето на тежината којашто понатаму доведува до кардиоваскуларни, мозочни и други заболувања, страдаат и бубрезите и белите дробови.
За Приказна,
Бранка Чочкова
Ване Маркоски