Девојчето со убав глас својот музички поход го почнува со освојувањето на втората награда на прочуениот фестивал „Сан Ремо“, во детско-младинскиот дел „Кантаџиро“, каде настапува со песната на Славе Димитров „Еден пораз не е крај“.
Музичка кариера на Сашка Петковска се развива многу брзо. „Бакни ме“, „Никогаш, никогаш“, „Гриша“, „Среќна сум што живеам“, „Чувство“, „Чао, адио“, „Јоги вежби“, „Запри срце“ … ова е само дел од нејзиниот богат репертоар.
Петковска извесен период беше дел од популарната група „Македонија“ каде пее заедно со: Даниела Панчетовиќ, Верица Ристевска, Зорица Поп Панкова, Кирчо Поп Лазаров и Панче Кочовски.
Петковска беше музичка и стилска икона во Југославија.
Во нејзина чест детскиот фестивал „Си До“ во Битола има награда за интерпретација што го носи нејзиното име.
Во 2010 година се одржува манифестацијата „Незаборав во чест на Сашка Петковска – Липша“, во Народниот театар во Битола, на која познатите битолски пејачи ги изведуваат најголемите хитови на своевремено најпопуларниот македонски вокал.
На сцената на НУ Народен театар – Битола, нејзините колешки, пејачките Билјана Дамјановска, Маргарита Христова и други ги испеаа евергрините „Бакни ме“, „Чао адио“, „Гриша“, „Охридска елегија“ и други, вкупно девет најемотивни песни снимени во студиото „Микс“ – Битола.
Сашка почина премлада. Животот го загуби во сообраќајна несреќа на 32 години, но нејзините песни живеат и ден денес.