Дома Истражување ДЕЦАТА СЕ ОГЛЕДАЛО НА РОДИТЕЛИТЕ

ДЕЦАТА СЕ ОГЛЕДАЛО НА РОДИТЕЛИТЕ

Често се среќаваме со поуката, децата се огледало на родителите. Секој родител различно ја дефинира целта на воспитувањето на своите деца, но најверојатно мнозинството сакаат да воспитаат среќно дете кое подоцна ќе биде способно за самостоен живот.

Односот родител – дете почнува да се формира веднаш при самото зачнување на детето, иако некои истражувања покажуваат дека односот почнува да се гради и многу порано, односно тука станува збор за перцепцијата и убедувањето на родителот во однос на родителството, иако не може да се исклучи моментот дека кога ќе се роди детето, многу од тие ставови може да се сменат или моделираат. Затоа повеќе акцент не би ставила на тоа кога се создава односот, туку на тоа дека односот е нешто што е променливо, нешто коешто можеме уште денес да го смениме и да работиме на тоа. Немаме пречка којашто тоа може да спречи убав и хармоничен однос на родителите и децата, смета Христина Стефановска , психолог за деца и адолесценти.

Односот помеѓу родителите и детето почнува да се формира веднаш после раѓањето на детето. Чувството на безбедност и љубов во семејството се основа за формирање на позитивна слика за себе кај детето, што е неопходен елемент за среќа кога ќе порасне. Воспитувањето почнува веднаш по раѓањето на детето. Да бидеме попрецизни, воспитувањето во права смисла на зборот започнува по завршувањето на првата година. Во тој период прв пат се јавува потреба за поставување на ограничувања на детето, тоа всушност е периодот кога детето почнува само да се движи. Додека детето самостојно ја истражува околината, тоа прв пат се среќава со ограничувањата што му се наметнуваат од страна на родителите на пример кога детето посегнува по врел предмет, а родителот го спречува во тоа за да не се изгори. Според тоа, поголемите дечиња можат да разберат и почитуваат некои ограничувања, додека пак доенчињата сè уште не можат.

До неодамна се мислело дека ,,цврста рака’’ е најдобриот начин на воспитување, односно дека детето  најлесно  се контролира кога ќе му ја наметнеме својата моќ. Меѓутоа, општеството расте и се менува, а насилството е непосакувано. Телесното казнување на децата е забрането и многумина возрасни се прашуваат како и со што да ги воспитуваат децата.

Со традиционалните модели на воспитување повеќе се поврзува казнувањето, отколку дисциплината. Казнувањето значи дека тие се насочени кон тоа да постигнат безусловна послушност кај децата и да поттикнат добро однесување кај нив со примена на психолошка контрола која подразбира навреди и заканување, а некогаш и физичко казнување. Пораката која тогаш се праќа на децата е тоа дека тие треба да платат за грешката што ја направиле. Она што како последица се појавува од ваков тип воспитување е неможноста детето да разликува дека некое негово однесување е лошо, туку мислат дека тие како личност се лоши. Затоа казнувањето негативно влијае врз самодовербата кај децата, смета Фросина Ивановска, психотерапевт.

Во секоја нова деценија родителските стилови добиваат некои нови форми, кои не биле карактеристични за претходната, доколку се земе општествениот контекст кој постојано се менува, а се менуваат и очекувањата заедно со улогата на родител, иако во суштина, коренот на родителската улога останува скоро непроменет.

Физичката казна е воспитен метод кој е карактеристичен за нашето поднебје, но истата има краткотраен ефект. Во моментот целта е остварена, но долготраен ефект врз персоналитетот и ликот на детето не се постигнува. Физичкото казнување, колку што е подолготрајно, толку повеќе предизвикува проблем со самопочитта кај детето. Така учи да не се сака и вреднува себеси. Тоа на некој начин ја дестимулира емоционалната интелигенција на детето, па развива проблем со средината и авторитети, додава Христина.

Родителските стилови кои и денес се практикуваат во психолошката теорија се базираат на работата на Дајана Баумрајнд, развоен психолог, која во 60 тите години забележала дека предучилишните деца манифестираат различни однесувања и секое однесување било поврзано со специфичен родителско воспитен стил, релација која водела до различни резултати во детскиот развој, релација која  развива одредени карактеристики и особини кај децата. Нејзината работа базирана на темелна анализа идентификувала четири, добро познати родителско воспитни стилови: авторитативен, авторитарен, попустлив и индиферентен.

Не постои метод за воспитување со кој се раѓаме. Не постои родителска школа или вештини со кои се раѓаме. Родителството е нешто што се учи и се стекнува низ животот, преку вештини од нашите родители и едукација. Постои наука која создава методи на воспитување, наука темелена на истражувања, применети на деца и родители. Еден таков е позитивното родителство, смета Христина.

Последниве години актуелно е позитивното родителство. Овој тренд се состои од препораки кои се појавија како резултатите на Светскиот извештај за насилство врз децата на Обединетите нации во 2006 година, за намалување на насилството врз децата во нивните семејства. Овој извештај укажа на потребата од промена на културолошката практика која придонесува за зголемување на насилството врз децата, вклучувајќи и забрана на физичката казна, промовирање ненасилна комуникација и релации со детето, усовршување на вештините на родителите за користење ненасилна комуникација и почитување на детската личност, правата и развојните потреби.

Освен семејството или старателите кои се најзначајниот фактор што влијаат на тоа какво ќе биде детето, има и други фактори, некои надворешни, некои внатрешни. Основата е таа генетика, односно она што го наследуваме, а тоа се однесува и на физичките и на психолошките предиспозиции, кои даваат некаква рамка, бидејќи колку и да се две деца исти сепак некои деца полесно совладуваат некои вештини, а некои потешко, така да генетиката е основата и ја дава рамката до каде некој може да се развива. Друг важен фактор е околината, таа која треба да обезбеди безбедно и сигурни да домуваат, не само во домот, туку и во надворешната средина. Важна е и исхраната, додава Фросина.

Позитивното родителство во суштина  ги има афирмацијата и сигурноста во родителски постапки и методи, развивање самосвест, самодоверба и надградување на родителските капацитети за поддршка и воспитување на детето.

Позитивното родителство е добар воспитен метод, јас повеќе би рекла долготраен, бидејќи со ова детето учи да се почитува и вреднува себеси и има психолошка слобода креативно да решава проблеми. Тоа дете има подобра самоконтрола, подобар однос со врсниците, но и ги користи своите потенција и способности, смета Христина.

За Приказна,

Вики Чадиковска, Ване Маркоски и Бранка Чочкова

Exit mobile version