Дома Став Интервју Даниела Рангелова: Присуството на говорот на омраза треба да не загрижи сите

Даниела Рангелова: Присуството на говорот на омраза треба да не загрижи сите

Говорот на омраза е присутен и на социјалните мрежи, по интернет порталите и мислам дека треба да се реши тоа на еден правен начин, односно да се изнајде еден правен механизам. Можеби да се воведе член во кривичниот законик каде што говорот на омраза би бил санкциониран. Исто така и во законот за медиуми и аудиовизуелни услуги. Интернет порталите се нерегулиран простор, односно простор каде што можат да се шират дезинформации и говор на омраза. Сметам дека државата и политичките чинители, што побрзо да се позанимаваат со ова прашање, бидејќи не може едно општество да биде демократско, ако сите оние кои сакаат да се занимаваат со политика, се сведени на еден вид автоцензура, вели во интревју за Приказна, поранешната пратеничка, Даниела Рангелова

Колку говорот на омраза и дискриминацијата, сексизмот ги одвраќа жените во политиката? Дали влијае врз демократското владеење?

Даниела Рангелова Говорот на омраза е присутен секојдневно. Мислам дека не е само насочен кон жените, туку сведоци сме на една многу лоша реторика и наратив во политичката сфера на делување. Ова треба да го загрижи секој поединец во општеството.

Говорот на омраза кон жените е присутен и мислам дека не дека ги демотивира жените, жените самите сакаат да бидат вклучени во политиката, туку го поттикнува клиентелизмот. Оние жени кои одлучуваат да се занимаваат со политика за да не бидат цел на говор на омраза, мора да бидат, мислат и говорат онака како што мислат раководствата и актуелните влади. Поради ова жените одлучуваат да водат клиентелистичка политика, односно се сведуваме на тоа жените да ги броиме само како бројки и проценти, а не како жени кои треба да бидат двигатели во општеството каде треба да носат промени.

Како се чувствувавте кога вие сте биле цел на такви напади?

Даниела Рангелова Видете, секој напад не е пријатен за кој било поединец, но кога тоа се повторува, станувате имун на тие напади. Мислам дека не праќаме добра порака.

Говорот на омраза е присутен и на социјалните мрежи, по интернет порталите и мислам дека треба да се реши тоа на еден правен начин, односно да се изнајде еден правен механизам. Можеби да се воведе член во кривичниот законик каде што говорот на омраза би бил санкциониран. Исто така и во законот за медиуми и аудиовизуелни услуги. Интернет порталите се нерегулиран простор, односно простор каде што можат да се шират дезинформации и говор на омраза. Сметам дека државата и политичките чинители, што побрзо да се позанимаваат со ова прашање, бидејќи не може едно општество да биде демократско, ако сите оние кои сакаат да се занимаваат со политика, се сведени на еден вид автоцензура. Да не можат да критикуваат, да не можат да го говорат тоа што го мислат, затоа што ќе бидат цел на некаков напад.

Како може да се совладаат стереотипите кои жените ги ставаат во подредена положба?

Даниела Рангелова Дефинитивно со женска солидарност. Во нашето општество недостасува женска солидарност и мислам дека тоа е првиот проблем, заради тоа што ако повеќе жени говорат во еден глас, тогаш е и поголема моќта, може да направат многу повеќе. Да направат промени кои ќе се почувствуваат.

Ние во моментот броиме квоти, нели задолжително е 40% на советничките и пратеничките листи, но не гледаме како тоа се рефлектира во општеството. Дали има реална корист ако има вклученост на жени во политиката.

Жените треба да бидат свесни дека ако сакаат да се занимаваат со политика, треба да се држат прво до своите принципи и да знаат за што влегле во политиката, која е нивната цел, да го подобрат животот на секоја жена во општеството.

Дали има родова еднаквост во политиката?

Даниела Рангелова Декларативни заложби има во политичките партии, но јас мислам дека сè уште нема еднаква рамноправност во политичките партии.

Прво, во политичките партии не постојат програми за родово базирано насилство. Жените активистки во политичките партии, немаат поддршка во однос кога зборуваме за насилство, без разлика од каков вид на форма е. Мислам дека сè уште говорот на омраза служи како алатка за пресметување на неистомислениците во политичките партии.

Документарен магазин Приказна

Дали говорот на омраза кон жените во јавната сфера влијае за поттикнување насилство?

Даниела Рангелова Влијае, секој говор на омраза во општеството влијае за поттикнување насилство. Ако ние го толерираме говорот на омраза, праќаме една лоша порака кон младата популација, кон идните генерации. Прво делува дестимулациски за младите жени кои сакаат да се занимаваат со политика, а второ ако поддржуваме говор на омраза и насилство, ние тоа го одобруваме и тогаш младите уште повеќе тие ќе користат говор на омраза. Говор на омраза има кон сите жени во сите општествени сфери.

Ване Маркоски

Exit mobile version