Дома Најнови Анѓелка Пеева Лауренчиќ: Жените успехот треба да го докажат повеќепати, за да...

Анѓелка Пеева Лауренчиќ: Жените успехот треба да го докажат повеќепати, за да им се прифати

Ние, жените успехот треба да го докажуваме многу пати за да ни го признаат. Сè уште се справуваме со стереотипи кои не влечат од тоа што порано традиционалното општество го носело и сè уште го носи. Во таа битка на секојдневно докажување, особено треба да внимавате да не предизвикате некакви други чувства на другата страна, да не бидете премногу еротизирани, затоа што тогаш пак мора да почнеме од почеток, и недај боже да не ви се направи мрежа која ќе ви смисли добра приказна, којашто нема да имате можност да ја одбивате и докажувате дека не е точно. Но, сето тоа е навистина неважно од оваа перспектива, ако сте свесни за тоа колку вредите, колку можете и каде сакате да стигнете, вели во интревју за Приказна, д-р Анѓелка Пеева Лауренчиќ, основач и директор на Имиџ ПР.

Зошто жените во јавноста мора да бидат под некоја дупла лупа?

Анѓелка Пеева Лауренчиќ Примерот со Сана Марин е многу убав пример, и доаѓа во едно вистинско време на сериозен бран на освестување на односот помеѓу мажот и жената како носители на јавни, менаџерски функции. Да се потсетиме дека Сана Мартин е најмладата премиерка, жена во една демократска земја, и ја води државата заедно со уште 5 нејзини колешки кои се приближно 35-36 години од различни политички опции. Таа многу добро се справува со сите сегменти коишто ги носи таа политичка функција, претседател на владата во Финска. Зачудува фактот што дури во такво едно развиено општество, во однос на половата еднаквост, ги видовме тие снимки и коментари на осуда. Но, од друга страна, добрата вест е што страната на Марин доби поддршка глобално, ми се чини стана поактуелна од она што беше претходно и ќе биде обележје на една нова фаза од профилот на жените носители на одговорни функции.

Се разбира, да беше маж, коментарите ќе беа сосема поинакви и во друг правец. Ќе ги имаше и тогаш, но немаше да бидат осудувачки.

Каква е ситуацијата кај нас во однос на прифаќањето на жените на лидерски позиции, дали сме подготвени да имаме жена на претседателска функција?

Анѓелка Пеева Лауренчиќ Ми се чини дека, покрај глобално, ние и тектонски скокаме во овој сегмент и таа работа може многу брзо и многу реално да се случи. Доволно да погледнеме како израснала само една генерација, во какви услови во домот. Каква била улогата на нашите мајки кога ние сме биле деца, а каква е улогата нашата улога денес, кога ние сме мајки. Тука има еден голем скок. Веќе не е жената само домаќинка, веќе не е жената само таа што се грижи за децата. Жената е веќе сегмент од сето она што значи општествено делување и во бизнисот и во политиката.

Поддршката од жените е клучна за прескокнување и на последната бариера во тој правец и да добиеме жена претседател или жена премиер. Сигурна сум дека нашата земја е подготвена за тоа, само ни требаат многу повеќе храбри жени што ќе се одважат да одат на таа позиција, и храбри жени кои ќе се одважат да поддржат такви жени на таа позиција.

Документарен магазин Пркиказна

Колку во таа насока се клучни медиумите бидејќи сè уште сме сведоци на медиумски претставувања на жените низ призмата на тоа како изгледаат наместо колку способности и вештини имаат. Како да се смени тој пристап на медиумите?

Анѓелка Пеева Лауренчиќ И тука еволуираме. Имаше пред некое време еден исечок од Практична жена, од пред можеби 40 години со наслов како жената треба да се однесува кон мажот, кога тој ќе се врати дома од работа. Имаше сегменти во тоа дека супата треба да биде топла, кога ќе влезе да не му се обраќате лошо, внимавајте како се однесувате, тој е уморен од работа, вие цел денес те биле дома. Тоа било само пред 40 години. Сега, имаме една друга ситуација. Таквите текстови се осудени од јавноста. Особено би ги истакнала активистите и активистките коишто се на браникот на одбрана на правата на половите, без оглед дали е маж или жена. И иако сè уште наоѓаме сексизам во одредени медиуми, осудата од јавноста е поголема од очекуваното пред 10 или 20 години. Има уште многу пат да се изоди.

Нашите деца, нашите ќерки ќе имаат една друга перспектива во изборот на својата кариера, професија, но пред сè во храброста да прифатат одговорност во општеството. Ние сме израснати во традиционални семејства, скоро да немало семејство каде таткото не го држи главниот збор, и навистина сум среќна што и од оваа генерација патријархални деца, имаме лидерки во доволен број, за да на следната генерација им оставиме поголем чеиз за тоа што сакаат да бидат. Тоа не е прави ниту помалку добри мајки, ниту помалку добри сопруги, ниту помалку дами, но си го знаеме местото и си ги делиме улогите.

Пред дваесетина години, нашите мајки редовно подготвуваа кифлички, торти дома, сега, не верувам дека мнозинството од дамите тоа го прави, туку имаме класична поделба на трудот, некој друг ја гледа својата професија во изработка на колачи и торти.

Веќе се освестуваме дека не сме семоќни, и не можеме сè.

Анѓелка Пеева Лауренчиќ

Дали плурализмот ќе помогне во поглед на менување на објективизација кон жената во иднина?

Анѓелка Пеева Лауренчиќ Ќе помогне менувањето на нашите ставови и однесувања. Ако сакаме да останеме во комфор зона, ние, припадничките на женскиот пол, ништо нема да се смени. Доколку немате ластовици, нема пролет. Ако имаше неколку ластовици пред некое време, сега сме во јато и тоа сериозно ги менува ставовите и однесувањата на новата генерација во половата еднаквост. Мислам дека ова прашање за некои 20-тина години, нема повеќе да биде актуелно.

Колку можат да помогнат комуникациите кои се испраќаат преку рекламите?

Анѓелка Пеева Лауренчиќ Ние живееме во свет на комуникации. Денес, најголемото и најважното оружје се комуникациите. Свесно или не, дневно примаме по 30.000 пораки, што од рекламни пораки, што од текстови кои ги читаме и сето тоа кај нас прави некоја слика за контекстот и реалноста во којашто живееме. Ако Едвард Бернајз, основоположникот на ПР според некои, барал ослободување на жената преку за тоа време радикалните постери за Лаки Страјк и жените кои пушат, што во 50-те години било еден голем скок во сегментот на еманципација на жената, денес гледаме една друга перспектива каде ги менуваме половите улоги на традиционалните жени и тоа пред сè тргнува од интернационалните брендови.

Во еден период од минатиот век, многу видлив беше сексизмот и еротизмот, каде жената беше објект во рекламните форми, денес таков бренд доколку се појави би бил веројатно јавно осуден.

Онлајн имаме силно влијание на сексизмот и на мизогинија кај дигиталните мрежи, онлајн медиумите.

Многу ме зачуди еден текст, за една госпоѓа од Гевгелија којашто прочитала цела библиотека за време на пандемијата. Бев запрепастена од коментарите кои ги читав под тој пост. Ако Сана Марин се забавувала и играла шик, во некое интимно друштво, ете да кажеме дека не секоја жена имала прилика да се најде на таква позиција и да биде толку слободна во танцувањето. Но, верувам дека секоја жена имала прилика да прочита барем една книга и дека тоа не е нешто што е толку страшно за да тргнеме во рафален напад, зошто некој чита книги а не готви, чисти и не си ги гледа децата. Тој бран на напади доживеа и контра напади, па имавме доста припаднички на женски и на машки пол, коишто застанаа да ја одбранат госпоѓата, на која многу од нас треба да се угледаме.

Сте имале ли лично искуство со сексизам, со неприфаќање на вас како личност со вештини, туку призмата тоа што сте жена била на некој начин прифатена малку полошо?

Анѓелка Пеева Лауренчиќ Некое трауматично искуство не сум имала. Но, тоа што би сакала да го кажам на сите девојчиња е дека нашиот успех не се признава одеднаш. Ние, жените успехот треба да го докажуваме многу пати за да ни го признаат. Сè уште се справуваме со стереотипи кои не влечат од тоа што порано традиционалното општество го носело и сè уште го носи. Во таа битка на секојдневно докажување, особено треба да внимавате да не предизвикате некакви други чувства на другата страна, да не бидете премногу еротизирани, затоа што тогаш пак мора да почнеме од почеток, и недај боже да не ви се направи мрежа која ќе ви смисли добра приказна, којашто нема да имате можност да ја одбивате и докажувате дека не е точно. Но, сето тоа е навистина неважно од оваа перспектива, ако сте свесни за тоа колку вредите, колку можете и каде сакате да стигнете.

Вики Чадиковска

Exit mobile version