15.8 C
Skopje
Friday, September 30, 2022
spot_img

Франција со почит за охриѓанецот Анастас Коцарев, еден од основачите на онкологијата

Во општината Бонди во близината на Париз одржана комеморација по повод 91 година од смртта на македонскиот научник и општественик, д-р Анастас Коцарев.

Д-р Анастас Коцарев бил еден од пионерите на радиотерапијата и радиографијата и првиот научник во светот кој направил рендгенографија на фотографска плоча на пациент заболен од канцер (рак). Таа човечка величина и тој научен придонес почива овде, во нашата општина“ – изјавил градоначалникот на Бонди, г. Стефен Ерве, поставувајќи го делото на д-р Коцарев на највисок пиедестал во општината Бонди.

Градоначалникот на општина Бонди г. Стефен Ерве и советникот за култура и одбележување настани г. Отман Асади полагаат цвеќе на гробот на д-р Анастас Коцарев

Коцарев е погребан на 04.04. 1931 година во семејната гробница на семејството Пинел во Париз. Оваа информација е откриена благодарение на писмото од неговата вереница Сесил Пинел, кое таа го испратила до неговиот братучед Илија Коцарев.

„Судбината навистина е неправична. Мојата болка е голема и неизмерно патам, споделува Сесил во писмото. – „Тој само пред петнаесет дена ја доби титулата „француски доктор“ и неговите објавени трудови принесоа сите лекари во Париз да го спомнуваат неговото име. Насекаде се зборува дека тој е голем научник. Неговата смрт е огромна загуба за науката во целиот свет, стои во писмото.

Младата Французинка Сесил Пинел со голема тага ја опишува болката која ја доживува при агубата на нејзиниот вереник, д-р Анастас Коцарев, кој под неразјаснети околности починал во еден париски пансион на 28.март 1931 година

Поздравнo писмо упати и претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев, кој потекнува од познатото охридско семејство – Коцареви. Тој делото на д-р Анастас Коцарев го одреди како „безвременско и бесмртно“, цитирајќи го големиот римски поет Хорациј, кој мислејќи за своето дело, вели дека по неговата смрт „Нема целосно да умрам“ (Non omnis moriar). Академик Љупчо Коцарев додава дека „денес е време кога треба да се зборува, да се биде гласен и да се поддржи истата онаа обединувачка моќ на Анастас Коцарев кој своевремено ги обединил сите македонски друштва во Швајцарија и пошироко за општествен и духовен мир и опстој на Македонците“.

На комеморацијата присуствуваше и госпоѓа Женевјев Бруне, ќерка на Сесил Пинел како единствен потомок и претставник на семејството кое дало несомнено најголем придонес д-р Анастас Коцарев да биде погребан во нивната семејна гробница и со тоа гробот да биде сочуван до ден-денес.

Анастас Коцарев е роден во Охрид, на 26 март 1890 во старото и угледно охридско семејство Коцареви. Основно образование завршил во Охрид, гимназија во Солун и медицински факултет во Женева каде докторирал и останал да работи на Женевскиот универзитет како асистент, а потоа како лекар и приватен доцент по онкологија на универзитетската клиника. Во 1928 година со својата вереница, Французинката Сесил Пинел се населил во Париз каде ненадејно, под неразјаснети околности починал на 28 март 1931 година.

Д-р Коцарев со својата научна работа бил посветен на проблемот на дијагностицирање и лекување на ракот со примена на радиум.

Ова истражување ќе го насочи на тесна соработка со познатата нобеловка Марија Кири – Склодовска која во тоа време била професорка и директорка на лабораторијата за радиум на Универзитетот Сорбона во Париз. Бил еден од пионерите на радиотерапијата и радиографијата и првиот научник во светот кој направил рендгенографија на фотографска плоча на пациент заболен од канцер (рак).

Според исказите на голем број негови колеги-современици од тој период, д-р Анастас Коцарев своевремено бил најблиску до Нобеловата награда за медицина. Неговата ненадејна смрт во Париз ги попречила сите негови истражувања и успеси.

Пишува: Георги Гоце ДУРТАНОСКИ

Фотографии: Дарко КИТАНОСКИ

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

3,649FansLike
1,467FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ