8.8 C
Skopje
Tuesday, October 22, 2024
spot_img

ИНТЕРВЈУ Наталија Кузмановска: виното е нашиот амбасадор

Ако се навратиме некаде пред 10 или 15 години, кога одевме на вински манифестации, бевме разочарани во поглед на посетеноста на нашите штандови, но со текот на времето како што се развиваше нашата винска приказна, станавме се повеќе и повеќе популарни, посебно кога ќе дојдеше извесна влијателна личност од винскиот свет и ќе дадеше препорака да се проба виното на „Камник“ и така со текот на годините се етаблиравме доста успешно, вели во интервју за „Приказна“ Наталија Кузмановска – менаџер за извоз и маркетинг во винарија „Камник“.

Фото: приватна архива

Приказна: Колку освоените признанија и награди се важни за пазарот на виното?

Кузмановска: Најмногу од сè наградите се важни за тимот во винаријата кој работи многу професионално и посветено од самиот почеток до крајот на излез на виното од винаријата. Наградата е една круна која навистина многу значи.

Приказна: Дали наградите и признанијата прават промена?

Кузмановска: Прават промена, посебно во премиум сегментот кога на пазарот ќе се појави вино од еден непознат регион, како Македонија, тогаш наградата има пресудно значење. Многу земји пред да увезат некое вино, прашуваат дали тоа вино има награда, а токму наградата е од пресудно значење дали да го одберат тоа вино или не.

Приказна: Колку после освоените признанија, се буди надворешното стручно внимание и интерес за македонското вино и неговиот потенцијал?

Кузмановска: Гледано некаде пред 10 или 15 години кога одевме на вински манифестации, во тој период бевме разочарани во поглед на посетеноста на нашите штандови, но со тек на време како што се развиваше нашата винска приказна, станавме се повеќе и повеќе популарни, посебно кога ќе дојдеше извесна влијателна личност од винскиот свет и ќе дадеше препорака да се проба виното на „Камник“ и со текот на годините се етаблиравме доста успешно.

Приказна посветена на винските приказни

Приказна: Дали по освоените признанија за вашата винарија, се буди интересот за странците познавачи?

Кузмановска: Апсолутно се буди. Имаме тука во нашата винарија вински водич којшто ги пречекува гостите, со комплетно објаснување за лозјето, сортите, процесот на производство, одлежување на виното во дабови буриња и се разбира дегустација на вината со комплетно објаснување кое вино, како е направено, која е најдобрата комбинација на вино и храна и верувам дека доста луѓе коишто доаѓаат во нашата винарија, сигурно и во другите винарии, си одат дома многу побогати, не само за вината, туку и генерално за винскиот регион.

Приказна: Како вашите вина ги доживуваат на винската мапа?

Кузмановска: На ова прашање ќе ви одговорам со една навистина приказна којашто се случи во 2013 година. Пративме вино на натпревар во Лондон, светски познат натпревар, каде што добивме гранд трофеј или голем трофеј за најдобро вино во централна и источна Европа во категорија на црвени вина и тоа за сортата „Вранец“ која во тој период сè уште не беше позната во светски рамки.

За нас, изненадувачки беше фактот дека судиите од тој натпревар пројавија желба да дојдат во посета на нашата винарија. Станува збор за исклучително влијателни судии, вински експерти којшто дојдоа во посета на Македонија. Ние со нашата асоцијација „Вино од Македонија“ организиравме една прекрасна винска дегустација во целиот вински регион и мислам дека од тој момент Македонија почна да се искачува на повисоко ниво на светската винска мапа.

Фото: приватна архива

Приказна: Кои се најголемите предизвици со кои се соочуваат луѓето во винскиот бизнис кај нас?

Кузмановска: Најчесто тоа се финансиите, бидејќи производството на вино, односно винската индустрија бара големи капитални вложувања. Почнувајќи од самото лозје, кое бара навистина голема посветеност, затоа што само од добро грозје, може да направите добро вино. Понатаму производството и преработката на грозјето во виното бара многу голем технолошки напредок, да бидете чекор со времето и на крај одлежувањето на виното во дабови буриња, се разбира доколку самото вино има потенцијал за сето тоа.

Значи навистина зборуваме за една капитална инвестиција за производството на вино. Втората точка, која не значи дека е помалку важна од првата е појавување на македонското вино на странските пазари. Ние сме извозно зависни во однос на виното. 85% од нашето вино е насочено кон извоз.

За жал, кај нас има мала консумација на вино. Виното како втора земјоделска гранка за извоз после тутунот, претставува наш амбасадор, каде и да се појави во светот.

За Приказна,

Ване Маркоски

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,687FansLike
3,355FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ