23.8 C
Skopje
Friday, March 29, 2024
spot_img

Проф. Д-р Златко Јаќовски: Горе на планинскиот врв, се чувствувате како Супермен

Проф. Д-р Златко Јаќовски е  страстен планинар. Тој за своите впечатоци од планинарењето, раскажува во интервјуто за Приказна.

Што ве натера и мотивираше да почнете со планинарење?

Проф. Д-р Златко Јаќовски Со планинарење се занимавам речиси цел живот. Прво, како дете заради тоа што по родители потекнувам од западниот дел од Македонија, од едно прекрасно село Гари. Љубовта кон планините ми ја дадоа моите најблиски. Се запишав во планинарски клуб и почнав да освојувам поголеми врвови заедно со други планинари. Прво во нашата држава, па потоа во регионот.

Кој е најголемиот предизвик којшто сте го освоиле до сега и кој ви е најголем предизвик којшто сакате да го освоите во иднина?

Проф. Д-р Златко Јаќовски Секоја година предизвикот расте. Почнувате со помали предизвици и како ги освојувате тие врвови, постојано го надоградувате последниот предизвик и верувам дека никогаш нема да запре. Досега најтешко нешто што сум го освоил е врвот Денали на Алјаска. Минатата година го освоив врвот Ленин на планината Памир во Киргистан којшто е највисок врв што досега сум го освоил. Можам да кажам дека по тежина, најтежок ми бил Денали.

Документарен магазин Приказна

Колку е тешка подготовката, како изгледа да се подготвувате за планинарење?

Проф. Д-р Златко Јаќовски Подготовката е секојдневна. Ако сакате да освојувате врвови, потребно е да имате посебен животен стил, начин на исхрана, вежбање, континуитет. Јас лично вежбам во спортски клуб каде што работам на подобрување на моите физички перформанси и сила. Одам на планина колку што дозволуваат временските услови, користам викенди и празници. Преку работни денови бидејќи живеам под Водно, често одам до врв и назад. Исто така земам и суплементи кои јас лично сметам дека му се потребни на мојот организам.

Кои се придобивките од планинарењето и за здравјето, но и за менталното здравје?

Проф. Д-р Златко Јаќовски Не само планинарењето, можам да кажам дека кој било спорт е добар за добро функционирање на нашиот организам, од причина што нашиот организам е направен да функционира, не е направен да биде пасивен. Доколку не го активираме нашиот организам секој ден, тој едноставно нема да функционира како што треба. Со една физичка активност, покрај тоа што го работите локомоторниот систем, вие го балансирате и ендокринолошкиот систем, односно правилното функционирање на хормоните. Спортот добро влијае и на одржување на психичкиот баланс поради тоа што на тој начин се ослободувате од стрес.

Како земја може да забележиме дека многу луѓе почнуваат од хоби да планинарат. Што сè ги советувате дека е неопходно да се направи, за да се подготват при планинарењето, бидејќи сепак треба да имаат и соодветна опрема?

Проф. Д-р Златко Јаќовски Многу сум среќен што планинарењето зазема замав и станува актуелна и интересна тема во Македонија. На овој начин луѓето стануваат поблиски со природата и стекнуваат некои нови навики, а и дружењето е секако убав момент.

Планинарењето не е прошетка. Прошетка е шетање низ парк или од средно Водно до детско одморалиште. Но, ако сакате да постигнете некаков успех, па макар да се искачите и на врв сепак треба да сте спремни. Препорачувам најпрво да се започне чекор по чекор. Потребно е да си дадеме некоја пониска цел, и заедно со некој што е поискусен постепено да се воведуваме во една таква убава приказна. Потоа мора да се има соодветна опрема. Ако немате соодветни обувки, може да се повредите, да се лизнете. Ако има ветер, доколку немате соодветна јакна што ќе го стопира тој ветер, или ако облечете подебела јакна која ќе ве поти, едноставно нема да уживате. Таа опрема зависи од целта која сте си ја поставиле. Прво добро е да се почне со поевтина опрема, па потоа како ќе си поставувате цели, ќе си се надоградувате и на тој начин ќе си одберете соодветна опрема.

Која е најраната возраст кога може да се почне?

Проф. Д-р Златко Јаќовски Нема најрана возраст. Ако отидете во Словенија, Австрија, ќе видете дека родителите уште од најмала возраст децата ги носат со себе, при тоа облекувајќи ги со соодветна опрема. Децата немаат страв во тој период, и како што растат ќе може да израснат во врвни планинари. Јас би препорачал уште од најмала возраст кога децата ќе бидат физички спремни за една таква активност, што побрзо да се впуштат во една таква авантура. Тоа важи за секој спорт. Што порано се започне, тоа подобро за самото дете.

Како да влијаеме за развивање на планинарството како спорт на едно друго ниво?

Проф. Д-р Златко Јаќовски Планинарењето влијае и на социјалниот момент, но и на развојот на една држава. Македонија има прекрасни планински масиви со многу врвови над 2.500 м, со навистина една прекрасна природа, но и разнолик релјеф. Сите тие кои сакаат да се занимаваат со овој спорт, да се запишат во кој било планинарски клуб каде што има водичи кои се обучени и полека ќе ги учат да ги совладаат сите вештини што се неопходни за совладување на врвови. Во клубовите обично се оди екипно, во поголем број, се споделуваат разни искуства од поискусните планинари.

Какво е чувството да се набљудува земјата од горе?

Проф. Д-р Златко Јаќовски Тоа чувство го имам доживеано неколку пати и никогаш нема да бидам заситен. Секогаш ќе сакате да имате такви видици, бидејќи погледот е навистина спектакуларен. Кога гледате дека сте се качиле на таков врв со вашиот ум и тело, гледате дека авионите летаат под вас, целиот ваш организам функционира во една невидена хармонија и се лачат хормоните на среќа. Вие се чувствувате како Супермен.

Вики Чадиковска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,098FansLike
2,011FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ