21.8 C
Skopje
Thursday, March 28, 2024
spot_img

Жозеф Глигоров: ризик фактор за канцер се загадувањето и неквалитетна храна

Еден од најугледните професори на универзитетот „Сорбона“ во Франција и врвен онколог, Жозеф Глигоров смета дека пациенти кои се лекуваат против рак или пак кои имале рак, треба да се вакцинираат против ковид-19 бидејќи постои поголем ризик на агресивни форми на ковид-19 со зголемен морталитет. Во интервју за Приказна тој сподели дека загадувањето и неквалитетната храна се голем ризик фактор за канцер.

Глигоров е Македонец, кој потекнува од Струмица. Тој е професор по медицинска онкологија на светски престижниот Универзитет Сорбона и лекар на Одделот за медицинска онкологија во болницата Тенон, Париз. Во неговата биографија стои дека е извршен директор на Универзитетскиот институт за рак на Сорбона, потпретседател на Францускиот национален колеџ за образование за рак, коосновач и претседател на Медитеранската асоцијација за онкологија за радиотерапија и медицинска онкологија посветена на грижата за пациентите со рак.

Приказна Пациентите со рак се дел од ризичните групи кога станува збор за коронавирус. Како да се заштитат?

Глигоров Пандемијата е ризик фактор на повеќе нивоа. Број еден, се промени санитарниот систем, не само во Франција каде што работам, туку воопшто во светот. Мораше приоритети да се стават во болниците, а тоа беа тешките пациенти, како пациентите заболени од онколошки или хематолошки заболувања. За овие пациенти мораше да бидат одделени средства за нивно лекување. Под број два, првите статии што се излезени од Кина и не само од Кина, туку и од други земји, па и од институцијата каде што работам јас, Сорбона, покажаа дека пациентите што се заболени од рак и за жал имаат заразување од Ковид, па заради тоа мораат да останат во болница, меѓу нив морталитетот беше до 30%, што е многу кога ќе се спореди со она што се случува кај општата популација на луѓе кои немаат други ризик фактори – морталитетот е околу 1-2 проценти. Трето, независно и од средствата и од морталитетот, треба пациентите да имаат поголема заштита, значи организацијата на санитарното лекување, патот во болница, како се применуваат терапиите – се промени малку. За некои пациенти се даваа понеагресивни терапии кога се знае дека резултатот ќе биде евентуално ист, а за други пациенти се продолжуваат истите терапии, но со максимални протекции, како што беа маските и уште се продолжува така.

Емисија Приказна посветена на ракот на дојката

Приказна Колку се важни вакцините против Ковид, за луѓето кои имаат рак на дојката?

Глигоров Вакцините се еден од најважните фактори, не е само тој фактор, но еден од најважните. Повеќе пати ја споменуваме истата споредба, како што кога возите автомобил: внимавате на брзината, го ставате појасот, имате АБС за во случај на удар да немате тешки последици. Но, не значи дека ако имате еден систем на протекција, дека другиот ќе го запрете. Вакцината ако се даде, тогаш заштитата е многу поголема, но од друга страна, независно од тоа, треба да се носат и маски, да се користи гел за дезинфекција и сите други препорачани мерки за лична заштита.

Приказна Како се одвива вакцинирањето во Франција? Дали постои отпор кон вакцината?

Глигоров Што се однесува до прифаќањето на вакцините кај докторите, кај професионалците што работат во здравство имаше мала дебата, но нешто премногу и прифатеноста е добра. Кај општата популација имаше малку поголема дебата, затоа што знаете, на почетокот имаше полемики – дали тие вакцини делуваат или не делуваат, која вакцина итн. Но, конкретно, сега најголемиот процент од луѓето, кои за среќа имаат можност да имаат бесплатна вакцина, како што е и случајот во Македонија, тие луѓе се за вакцина. Е, сега, има и еден мал дел од луѓето коишто се скептични. Тие се скептични и за други работи, мислат дека човекот никогаш не бил на Месечината, сметаат дека Земјата не е топка и слично. Не знам дали може да се смени тој процент на луѓе кои се глобално скептични. Независно од тоа, големиот број луѓе сфатија дека без вакцина не може да се оди понатаму, тоа се големи ризици и плус тоа дека во самата историја на медицината, на епидемиологијата има доказ дека вакцините имаат многу помогнато. Постарите луѓе во Македонија кои се сè уште живи знаат како било кога имало полиомелитис. Сега со вакцините го нема тој проблем. Со туберкулозата е исто. Агресивните форми на туберкулоза со менингитис ги нема затоа што има вакцина. Ист е случајот со Хепатит Б. Може ако утре имаме вакцина за Хепатит Ц – ќе биде исто искоренет. Тоа се неопходни чекори за општествено – санитарна стратегија и повеќето од луѓето го сфатија тоа.

Приказна Зошто ракот е причина за голема смртност?

Глигоров Има повеќе причини. Ракот е смртоносен во пропорции на многу луѓе затоа што, под број еден, живееме повеќе и старееме. Се знае еден дел заради тоа што имаме појава на рак е што старееме повеќе, имунитетот ни паѓа и имаме некои ризик фактори што ги таложиме во текот на животот. И ако веќе не умираме од кардиоваскуларни болести, што е за среќа, бидејќи кардиолозите имаат многу напредок направено, луѓето стареат повеќе. Кога ќе дојде крај на морталитетот со рак, луѓето ќе умираат од невро-дегенеративни болести. Вториот фактор најверојатно е начинот на живеење, пушење, јадење храна која не е оптимална кога се однесува на метаболизмот. Третиот, кој е исто така важен фактор, се заразите. На пример, во Азија еден добар дел од луѓето умираат од хепатокарцином, од рак на црниот дроб. Тој карцином е затоа што имало вирус на хепатит, било тип Б или Ц. Не се примени вакцини, ниту имало рана дијагноза за да може терапија да се дава. Исто така, карцином на грлото на матка е од ХПВ вирус. Сега постојат вакцини, превентивни, кои ако се дадат на млади личности, најверојатно тој карцином ќе се намали, ќе го има во многу мал број, исто така и морталитетот ќе падне. Тоа се неколку ризик фактори коишто објаснуваат зошто имаме сè уште голем морталитет од карцином.

Интервју со Жозеф Глигоров
Интревју за Приказна со Жозеф Глигоров

Приказна Дали загадувањето може да се смета за ризик фактор за рак?

Глигоров Најверојатно да. Многу е тешко да се дојде до стопроцентна сигурност дали тој тип на загадување или не е поголем ризик на канцер. Но, глобално, загадувањето, неквалитетната храна се голем ризик фактор. Овој проблем е вон медицината, затоа што еден добар дел од нашата планета нема што да јаде. Треба да се најде оптимално решение како да се донесе вода и храна за целата планета, а од друга страна да се најде решение како да се направи тоа во најдобри услови, без да се употребуваат некакви хемикалии.

Приказна Дали редовните прегледи и едукацијата, подигнувањето на свесноста за рак на дојка, може да придонесат да се намали бројот на лица кои добиваат рак на дојка?

Глигоров Релативно е точно тоа. Ако гледаме сега во Македонија или регионот на Западна Европа, карциноми кои се најфреквентни се тие на дојка, на бели дробови и на дебело црево или простата. Тие имаат ризик фактори кои се знаат. Превентивно може да се дојде и тотално да се намали бројот на ракот. На пример, ако не се пуши до 90 проценти може да се намали карциномот на бели дробови. Од друга страна пак постои и рана дијагноза, ние што го викаме секундарна превенција. Тоа значи скрининг – мамографија за дојката, исто така најверојатно во поскора иднина со поспецифични ЦТ-скенери да се види карцином на бели дробови, исто и за дебелото црево. Може да се дојде до превентивни програми, за да се намали или бројот или до рана дијагностика, а рана дијагностика значи поголема излечивост, помалку терапии, понеагресивни терапии и луѓето поскоро се враќаат во нормален живот без компликации, ниту од болеста, ниту од лековите што можат да дојдат.

За Приказна

Вики Чадиковска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,096FansLike
2,008FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ