22.8 C
Skopje
Saturday, July 27, 2024
spot_img

Лидија Димковска: Македонската авторка е на пат да се оствари себеси и да стане дел од канонизираната култура

Сметам дека 21 век е век на авторките и силно верувам во пишаниот збор на авторките, не само во Македонија туку и во светот. Мислам дека многу авторки денес пишуваат многу подобро отколку нивните колеги автори, нагласува наградуваната македонска авторка, Лидија Димковска за Приказна.

Која е позицијата на жените авторки во македонската култура?

Димковска Дека жените авторки имаат некоја позиција во македонската култура можеме да зборуваме дури во поново време, кога едноставно не можат повеќе да се пренебрегнат нивните дела, кога на книжевната сцена се појавуваат се повеќе авторки кои добро пишуваат, чии дела се преведуваат, наградуваат итн., а сепак на површината на овој оптимистички призвук се крие еден модел на патријархален однос кон авторките.

Сè уште не можеме да ги рехабилитираме и вклучиме во канонот на македонската книжевност оние авторки кои ја имаа несреќата да живеат на маргината, зависна секако од центарот на моќта кој со години беше во рацете на авторите.

Македонската авторка мене ми се чини дека е сè уште чекор назад зад македонскиот автор, не во однос што го создава туку во рецепцијата на нејзиното дело. Дури сега всушност македонската авторка е на пат да се оствари себеси и да стане дел од канонизираната култура.

Среќа е што 21 век е сè уште долг, па има можност и време проектите за ваквите заложби да станат дел од системот односно да создадат систем во којшто повеќе воопшто нема ни да ја проблематизираме позицијата на авторките, односно нивната позиција ќе се подразбира.

Дали денес се поприсутни од минатото?

Димковска Можеби прво треба да одговориме на прашањето колку жени се навистина присутни како авторки, а одговорот би бил малку, но секако повеќе отколку во минатото, а се надевам дека бројот на жените авторки во иднина воопшто нема да се става под знак прашање.

Колку жените навистина се присутни е прашање со еден релативен одговор. Понекогаш повеќе, понекогаш помалку. Тоа зависи од книжевни но и од вонкнижевни фактори. Ми се чини дека би било интересно да се направи еден експеримент, да се разбудат на полноќ повеќе луѓе во Македонија, и да се запрашаат, да посочат една македонска авторка.

Кога зборувам за македонска авторка секако не мислам на авторките коишто пишуваат на македонски јазик, туку и сите авторки коишто творат и живеат во Македонија и творат на кој било јазик, и едноставно да видиме дали воопшто постои името на некоја македонска авторка во свеста на поединците а со тоа и во колективната свест. Дури тогаш кога авторките ќе станат дел од колективната свест на македонската култура, ќе можеме да речеме дека жените навистина се присутни како авторки во Македонија и македонската култура.

Дали авторките ја добиваат потребната поддршка?

Димковска Кога сама почнав да пишувам и да објавувам на почетокот на 90-те, во македонската литература преовладуваа авторите кои обично го игнорираа она што го пишувавме, секако со ретки исклучоци на колегијалност и почит кон творештвото на авторките. Во антологиите одвај да имаше некоја авторка, во медиумите ретко се појавуваше некоја писателка.

Струшките вечери на поезијата упорно го доделуваа златниот венец на поезијата на поети не на поетеси, кои во меѓувреме умираа и така денес, можеме да кажеме дека во 66 годишната историја на постоењето на златниот венец на поезијата, имаме само 5 или 6 лауреатки. Тоа е поразителен факт со кој не можеме да се гордееме како култура затоа што наоѓа урнеци и во другите пори од нашето општество. Прашањето дали тоа било и е вина на нас жените, можеби била вината во тоа што не сме станале посилно, подобро за да кажеме дека златниот венец им припаѓа и на поетесите, не само на поетите. Секако, вината треба да се бара во други пори во општеството, и во социјалните и во политичките и економските и секако патријархалните модели коишто сè уште на овој или оној начин владеат во македонското општество.

Кои се авторките кои ја менуваат позицијата на жената во литературата?

Димковска Тоа се авторките кои пред сè во својот секојдневен живот се свесни за сопствената позиција, за родовите прашање, за прашањето за самопочит и избор, за позицијата на другите жени во најразлични ситуации во животот, за неправдите на кои се изложени, за механизмите на патријархатот со кои се контролира, злоупотребува, сексуализира, манипулира, дискриминира, непочитува, негира, брише или ја омаловажува жената, отворено или прикриено.

Тоа се жените кои таа свест и личните заложби за улогата на жената ги внесуваат во книжевните дела на еден внатрешен начин и не концептуално, туку насушна потреба, како став, кој ако писателката го има како став тој став ќе навлезе и во нејзината литература и на тој начин системски ќе се смени погледот на читателот, на читателката и на самото општество.

Документарен магазин Приказна

Сметам дека 21 век е век на авторките и силно верувам во пишаниот збор на авторките не само во Македонија туку и во светот. Мислам дека многу авторки денес пишуваат многу подобро отколку нивните колеги автори.

Ване Маркоски

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,528FansLike
3,293FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ