12.8 C
Skopje
Tuesday, April 16, 2024
spot_img

Кирил Арсовски: Ние ја уништуваме животната средина

Во последните години, благодарение на меѓународни и светски организации, економски, социјални и еколошки – сведочиме дека состојбата во Македонија се оценува како многу лоша, под знак прашалник или во знак на развој. Во извештаи од Обединетите нации, од Европската комисија, Светска Банка, се упатува на тоа дека животната средина во нашата земја е во незавидна состојба, најмногу од аспект на загадување на воздух, вода и почва, управување со отпад, како и генерална негрижа за животната средина, вели за Приказна Кирил Арсовски – еколог и професор по биологија

Приказна Каква е состојбата со загадувањето во нашава земја?

Арсовски Македонија се наоѓа во централниот дел на Балканскиот Полуостров и се карактеризира со голема биолошка разновидност и значајни природни вредности кои се од големо значење не само за регионот, туку и на европско и светско ниво. Затоа нашата состојба е малку парадоксална, од една страна имаме земја која се одликува со значајни природни вредности, а од друга страна годините наназад се забележува една голема негрижа кон животната средина. Во Македонија животната средина се дели на два дела, природните вредности и животот на луѓето во урбаните средини. Кога се зборува за загаденоста, најчесто се мисли на таа во урбаните средини, односно во урбаните екосистеми. Во последните години, благодарение на меѓународни и светски организации, економски, социјални и еколошки – сведочиме дека состојбата во Македонија се оценува како многу лоша, под знак прашалник или во знак на развој. Во извештаи од Обединетите нации, од Европската комисија, Светска Банка, се упатува на тоа дека животната средина во нашата земја е во незавидна состојба, најмногу од аспект на загадување на воздух, вода и почва, управување со отпад, како и генерална негрижа за животната средина.

Приказна Кои се причините кои не донесоа до оваа состојба?

Арсовски Зошто се наоѓаме ние во ваква состојба и начинот на кој ја третираме ние природата, генерално има две причини. Прво, ние имаме зачувана природна средина, односно зачувана дивина, во споредба со другите земји од регионот или во Европа. Второ, ние сме го прескокнале тој период на индустријализација во 19-от век и сме успеале да зачуваме големи парчиња од природата кои функционираат на ист начин како што функционирале и пред многу векови. За разлика од нас, другите земји од Европа во име на развојот ја уништиле природата. Од еден аспект ние имаме зачувана природа заради недоволен историски развој. Од друга страна, сè уште имаме многу чуден, традиционален начин на гледање на природата како ресурс. Кога гледаме на водите, рудите, шумите, гледаме на нив како на ресурс, нешто што може да се искористи. Нашата клаузула е дека тие се таму, таму ќе бидат и вечно ќе постојат и можеме да ги искористуваме до бескрај. Како земја и како култура, слично како и други земји во регионот се наоѓаме во таа позиција, во која од една страна имаме зачувана природност заради историската неразвиеност, но сега се наоѓаме во случај во кој таа историска неразвиеност се користи за уште така да управуваме со шумите, со водата или со рудите. Тоа се отсликува и во урбаното живеење во кое природата ја третираме како неисцрплив извор на енергија и на ресурси.

Приказна Каква е нашата регулатива?

Арсовски Од аспект на законски регулативи ги исполнуваме сите европски стандарди, Македонија е во чекор со сите пропишани европски стандарди и закони, но тоа не се имплементира на терен. Како последица од тоа доаѓа до деградација на животната средина, особено во последните 15 години.

За жал, животната средина не претставува сè уште национален приоритет иако според сите истражување, освен политичката и економската криза кои се значаен причинител за нестабилноста во државата, трет најголем причинител е животната средина.

Приказна Имаме ли приоритети во справувањето со загадувањето?

Арсовски Од аспект на тоа што би требало да биде приоритет, според изјавите на претседателот на државата, Стево Пендаровски, тој наведува дека загадувањето на воздухот и управување со отпадот се едни од најзначајните проблеми. Освен овие има и други проблеми за кои помалку се зборува, но се исто така значајни, како грижата за биодиверзитетот, грижата за водите и употребата на природните ресурси.

Во Македонија еден од најголемите проблеми е неправилното, односно недомаќинско управување со природни ресурси, особено со водите и затоа во последните неколку години сведочиме на значајно намалување на водотеците и лош квалитет на водата. Севкупно земено, состојбата со животната средина во Македонија се влошува и не постојат некакви знаци за нејзино подобрување.

Приказна Што е еколошка писменост?

Арсовски Еколошката свест претставува можноста да се сфати кое е влијанието на човекот врз животната средина, за жал еколошката свест не е мерлива вредност. Таа се разликува според регион, според култура и различни животни вредности. Не постои универзална еколошка свест.

За да се подобри еколошката свесност, треба да се зборува за еколошка писменост или во поново време тоа се нарекува климатска писменост. Еколошка писменост претставува способност да се разберат сите случувања во природата и како е човекот вклучен во неа. Често има една клаузула, која е научно неточна во која се вели: човекот и природата. Тие не се два одделни субјекти, човекот е дел од природата. Ние сме дел од животинскиот свет, само се разликуваме по тоа што успеваме да ја уништиме животната средина.

Приказна Каков е нашиот однос кон рециклирањето на отпадот?

Арсовски Нашиот однос кон отпадот може да се гледа историски и културолошки. Историски ние сме живееле во заедници во кои голем дел од населението живеело во рурални средини, на село, каде што постоело гумно. Гумното било една географска позиција во селото каде што се оставале сите непотребни работи, најчесто тоа било отпад од органско потекло, земјоделски отпад, отпад од домаќинства, многу ретко дрва или некои стаклени предмети. Традиционално се живеело во куќи со дворови, дворот бил една единица каде сè се случувало и без голем интерес како ќе изгледа околината надвор од дворот. Оваа матрица подоцна сме ја пренеле и во градовите, каде се грижиме како изгледа нашата потесна околина или нашето живеалиште, тоа со текот на годините не се менува и сега сме во позиција на мат.

Имаме сериозен проблем со отпад, тој се таложи и постојано се произведува, а притоа немаме ниту систем ниту потреба тоа да го промениме. Да бидеме искрени, Во Македонија неколку години наназад постојат воспоставени системи и постојат пари кои чекаат да бидат искористени за регионално решавање на отпадот, преку регионални центри за третман на отпад.

Проблемот е локалната заедница, локалната заедница каде што би требало да се постават тие системи, кога ќе помислат за фабрика за отпад, замислуваат депонија, миризба, кучиња, птици, загадување – без да знаат како тоа ќе изгледа, имаат страв од тоа. На сите јавни расправи на советите на локалните самоуправи, одлучуваат тие регионални центри да не се отворат.

Документарен Магазин Приказна на тема загадување

За Приказна

Бранка Чочковска

Ване Маркоски

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,257FansLike
2,872FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ