15.8 C
Skopje
Friday, September 30, 2022
spot_img

Ивана за „Приказна“: во битка со сопругот насилник, непријатели ми беа и стравот и срамот – ги победив сите!

Ивана Георгиева е мајка на две деца. Се омажила на 20 години и уште на почетокот на врската се соочила со семејно насилство. За Приказна ја раскажа својата приказна.

Приказна Кога започна насилството?

Ивана Уште на самиот почеток од нашата врска. Ние одлучивме да живееме заедно. Јас бев студент на ПМФ, а тој вработен во државна администрација. Насилството почна со нашата одлука да живееме заедно, а траеше сè додека не одлучив да ставам точка.

Приказна Дали раѓањето на децата направи некаква промена?

Ивана Не, за жал, немаше промена. Продолжуваше. Си тлееше. Некогаш со посилен, некогаш со послаб ефект, но насилството тлееше во нашиот заеднички живот. Беше тешко. Повеќе за мене.

Ни се роди првиот син во еден период кој беше многу тежок. Тој често беше отсутен во тој период. Јас целата енергија, ја насочував кон детето. По секое негово враќање дома, следеше негативна енергија… Во тие моменти, морав да се снаоѓам. Не беше лесно.

Приказна Дали тогаш реагиравте? Се обидовте ли да пријавите во службите?

Ивана Во првичните моменти, не. Знаете како, јас потекнувам од мало гратче. Тука се познаваме сите. Разводот и семејното насилство не се баш тема која можеше да биде разбрана.

Јас првично беав исплашена како ќе реагираат моите родители, моите другарки … Нашето семејство важеше за угледно во нашиот град. Дотогаш сме немале никакви проблематични ситуации. Ми беше тешко. Многу. Но, не барав помош.

Се случуваше да заминам од семејниот дом. Ќе одев кај моите родители, преспивав во автомобил, знаев да седнам и на некоја клупа во парк или на улица … Па, се враќав дома.

Приказна Кога одлучивте да споделите со некој што ви се случува?

Ивана Кога ситуацијата почна да се влошува, одлучив да споделам. Веќе не можев да издржам сама да се справувам со тој товар.

Прво споделив со една моја пријателка која ми сугерираше да одлучам и да пресечам. Но, ми беше страв. Се плашев што ќе помислат другите. Се грижев како ќе им биде на моите родители, кога сите ќе зборуваат за нас, за мојата ситуација. Затоа одев, па се враќав. Не бев сигурна дали ќе можам да издржам сама.

На почетокот, финансиската немоќ беше причина за проблемите. Моите родители ни помагаа, финансираа за да можеме да се реализираме како семејство. Потоа се вработив, па продолжив да финансирам и сама. Но, проблемите не престануваа. Мислев дека кога ќе имаме второ дете, проблемите ќе се андмината. Но, не. Работите само се влошуваа.

Приказна Како реагираа децата?

Ивана Децата реагираа бурно. На секоја ситуација. На секоја насилна ситуација, излегувавме од дома и одевме кај моите родители. Јас веќе не бев сама и не можев поради тоа да останам на улица, во парк или во автомобил. Не бев сама. На децата им требаше топло место. Синот требаше да оди во училиште. Останувавме кај моите родители додека не се смири ситуацијата. По некој ден, кога ќе се смири, се враќавме дома. И тоа се повторуваше.

Документарниот магазин Приказна посветен на темата семејно насилство

Приказна Кога одлучивте да заминете?

Ивана Поголемиот син е многу темпераментно, енергично и талентирано дете. Сакав да оди напред. Сакав моето дете да биде успешно. Сакав да му овозможам да се образува.

Случката беше доста жална и трагична кога поранешниот сопруг сакаше да не запали живи. Тоа беше пресудно. Беше многу болно и тешко, особено за децата. Помалиот син имаше 8 години, поголемиот 13. Големиот ми рече, мама мораш да пресечеш. Мораш да со одлучиш, сакаш да останеш со него или сакаш да бидеш со нас. Одлучи или ние или тој. Тоа беше пресудно за мене.

Побарав помош од службите. Не знаев како да постапам и што треба да направам. Се јавив во центарот за социјални грижи. Поради специфичноста на случајот, моравме веднаш да заминеме од родниот град, од семејната куќа. Дојдовме во Скопје.

Приказна Дали социјалните служби ви помогнаа, ве насочуваа, ви дадоа ли психолошка поддршка или каква било?

Ивана Да бидам искрена, не. Скоро и да не прашуваа ни каде сме, дали имаме кров над глава, дали сме гладни … Иако им беше позната ситуацијата …

Имаше и неколку немили ситуации. Кога нивниот родител изрази желба да ги види, центарот за социјални грижи реагираше бурно прашувајќи ги децата, зошто не сакаат да се видат со нивниот родител, зошто не го сакаат, зошто не ги сакаат неговите родители, иако беа свесни за она што се случи. На децата им беше многу тешко, поминаа трауматично искуство … Тоа за нив, навистина беше болно. За жал, не ни понудија ни психолошка поддршка. Јас бев принудена сама, да платам приватно да добиеме психолошка поддршка, за да може децата да избришат дел од трауматичните приказни кои ги преживеаја.

Нивниот татко никогаш потоа не изрази желба ни да ги види, ниту да учествува во родителските обврски.

Приказна Која е вашата порака со која би ги охрабриле лицата кои поминуваат низ слично искуство?

Ивана Пред сè да бидеме храбри. Да си ставиме во глава дека ние не сме жртви туку сме борци. Да одлучиме да одиме чекор напред, затоа што заслужуваме. Не чекајте.

Треба да одиме чекор напред заради успехот на нашите деца. Да си дозволиме затоа што заслужуваме.

Нема ништо поубаво од мир и спокојство. Нема ништо поубаво од слободата. Така и децата ќе бидат среќни, а и ние заедно со нив.

За Приказна

Вики Чадиковска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

3,649FansLike
1,467FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ