25.8 C
Skopje
Tuesday, May 30, 2023
spot_img

Животот на една мајка: гладувам, за синот да има што да јаде, не знам што ќе прави кога ќе умрам

Станка Куч пред педесет години, од Црна Гора доаѓа во Македонија, заљубена во нејзиниот иден сопруг и татко на нивниот единствен син. Силата на љубовта ги држи заедно долги години. За жал и по десет години без деца, во моментот кога најмногу треба да се радуваат, денот кога синот доаѓа на свет, дознаваат дека новородениот Игор се раѓа како дете со попреченост. И покрај сите премрежја, Станка ќе биде мајка која секој би посакал да ја има. Таа ниту секунда не го остава синот сам.

– Со сопругот и покрај тоа што припаѓаме на различни вери, многу се сакавме и не дозволивме никој да ни застане на патот. Јас сум од Црна Гора и поради него дојдов во Скопје. Тешки ни беа првите десет години од бракот. Не ме прифаќаше неговата фамилија. Живеевме под кирии со минимални средства, но успеавме. После десет години Бог се смилува и ни ги слушна молитвите. Ни го подари Игор. За жал, тој се роди со многу аномалии, и од бебе со него сум по болниците. Ниту еден ден не сум го оставила сам. Се случуваше да спијам и на под, во болниците сум седела и гладна, ама детето не сум го оставила-започнува да раскажува за емисијата „Срце на дланка“, оваа напатена жена.

Животот на Станка зема некаков тек. Ги надминуваат тешките операции и сериозни ризици. Подоцна го запишува детето во училиште, го социјализира, му помага да израсне. Тој сепак не е способен да се грижи сам за себе, дури и денес. Не дека не сака, туку не може сам да ги извршува секојдневните обврски. Подоцна го губи и сопругот, но, загубата од болката ја прави оваа жена уште похрабра, а Игор горд на својата мајка лавица.

– Синот беше многу мал, кога му правеа операција на мозокот. Целиот череп му беше подигнат и си реков, ќе го изгубам. Но, Бог повторно ми ги слушна молитвите и ми го остави жив. Подоцна го запишав во специјално училиште и научи многу работи. Денес знае се.‘ Има 45 години, ама не може да биде самостоен. Не смее сам да оди на улица. Не може сам да се бања. За сè му треба помош. Затоа се плашам што ќе се случи кога ќе умрам. Што ќе прави сам. Нема никој свој-плачејќи ја споделува својата грижа, Станка.

Денес, семејството на Станка живее тешко. Со 10000 денари месечно тие не можат да купат само лекови, па, често се задолжуваат, за да можат да преживеат. Не им помага никој. Оставени се сами на себе. Па, солзите се единствениот придружник и дење и ноќе на оваа храбра но, скршена жена и на нејзиниот син.

– Едвај преживуваме. Сè што гледате во станот кој е социјален, е старо над педесет години. Немам со што да купам. Не ми стигнуваат парите за храна и лекови, а не за мебел. Никој не ни помогнал. Некогаш немаме ниту за јадење. Јас тогаш гладувам, за да има за син ми. Бидејќи некогаш нема за лекови, се задолжувам во блиската аптека, па кога ќе имам, враќам зашто без лекови син ми не смее да остане ниту миг. Не барам многу. Мала помош колку да ни стигнат средства за храна и лекови во месецот, завршува Станка.

Доколку сакате да помогнете на ова семејство тоа може да го направите на следниот број 078/314803 или на следната жиро-сметка 200001269869187

Автор Оливера Петрушевска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

4,304FansLike
1,654FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ